1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зеленски бара остра казна за Русија

ЕМФ | АРД
22 септември 2022

Украинскиот претседател Зеленски во ОН побара изолација на Русија. Тој на генералната дебата на ОН зборуваше по прогласувањето делумна мобилизација во Русија.

https://p.dw.com/p/4HB6e
Украинскиот претседател Володимир Зеленски имаше видео обраќање во ОН
Украинскиот претседател Володимир Зеленски имаше видео обраќање во ОНФотографија: Julia Nikhinson/AP/dpa/picture alliance

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во текот на генералната дебата на Генералното собрание на ОН повика на строго казнување и изолација на Русија. Москва мора да биде лишена од правото на вето во Советот за безбедност на ОН, побара Зеленски во неговиот со нетрпение очекуван говор преку видео врска. Агресорите мора да одговараат и да се држат подалеку од одлучување на меѓународно ниво, оцени тој: „Направено е злосторство против Украина и бараме праведна казна“, рече Зеленски. Дел од оваа казна, според него, мора да биде и одземањето на правото на глас на Русија во меѓународните институции и правото на вето на таа земја како една од петте постојани членки на Советот за безбедност.

Специјална дозвола за Зеленски

Зеленски беше единствениот говорник на Генералното собрание кој доби специјална дозвола да се обрати преку видео врска. Неговата видео порака беше пречекана со долги аплаузи во салата. За разлика од повеќето делегати од 193-те земји-членки, претставниците на Русија демонстративно останаа да седат.

Зеленски се осврна и на делумната мобилизација во Русија што ја најави шефот на Кремљ, Владимир Путин. Тоа е доказ дека Москва е несериозна во врска со мировните преговори, оцени украинскиот претседател. 

Обраќањето на Зеленски беше пречекано со долги аплаузи во салата
Обраќањето на Зеленски беше пречекано со долги аплаузи во салатаФотографија: Jason Decrow/AP/dpa/picture alliance

„Русија сака војна“

Руските изјави околу преговорите се повеќе тактика за одложување, смета Зеленски, додавајќи дека постапките на Москва зборуваат погласно од зборовите: „Тие зборуваат за разговори, но најавуваат воена мобилизација. Тие зборуваат за разговори, но најавуваат псевдореферендуми на окупираните територии на Украина“, рече Зеленски.

Москва, според него, сака назима да ги вооружи своите трупи за нова офанзива или во најмала рака да подготви одбранбени упоришта, додека истовремено мобилизира нови војници: „Русија сака војна. Вистина е. Но Русија нема да може да го запре текот на историјата“, рече украинскиот лидер. Човештвото и меѓународното право се посилни од „терористичката држава“ Русија, оцени тој.

Зеленски бара повеќе оружје

Зеленски го повтори своето барање за повеќе оружје за неговата земја. Украина ќе успее да го одбие нападот на Русија и да ги истисне нејзините војници, вели тој: „Можеме да го вратиме украинското знаме на целата наша територија. Тоа можеме да го направиме со сила на оружјето. Но, ни треба време.“ 

Германскиот канцелар Олаф Шолц претходно изјави дека одлуките на Москва се акти на очај, дека Русија не може да победи во војната и дека Путин ја потценил решителноста на пријателите на Украина.

Дел од овие „пријатели на Украина“ - министрите за надворешни работи на Европската унија - се состанаа вчеравечер на набрзина свикана специјална седница на маргините на Генералното собрание на ОН. Теми: натамошни санкции против Русија и поголема воена поддршка за Украина. 
И американскиот претседател Џо Бајден во својот говор на генералната дебата остро ја нападна Русија, но без конкретни закани. Тој ја обвини Русија за кршење на основните принципи на Повелбата на ОН. Ако државите би можеле да ги остварат своите империјалистички амбиции без за тоа да сносат последици, тоа би го загрозило сето она за кое се залагаат Обединетите нации, рече Бајден.