1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Засилени контроли и рестрикции за загадувачите

ДТЗ
21 ноември 2024

Со зајакнати контроли на возилата, градилиштата и индустриските капацитети, како и со мерки за заштита на ранливите групи, Владата ќе се бори против енормното загадување на воздухот во зима.

https://p.dw.com/p/4nEo1
Скопје загадување
Отровниот воздух секоја зима е голем проблем не само во Скопје, туку и во останатите градови Фотографија: DW/P. Stojanovski

Со зајакнати контроли и забрани, Владата ќе се бори против енормното загадување во Северна Македонија. Со цел заштита на животот и здравјето на граѓаните и намалување на емисиите на загадувачки супстанции при алармантно загадување на воздухот, усвоен е Акциски план со краткорочни мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции. Исто така донесена е наредба за воведување на десет мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции кога ќе го надминат дозволениот праг. 

Контроли и забрани 

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека започнуваат зајакнати контроли на возилата. Па така, сообраќајната полиција ќе спроведе засилени и вонредни контроли на возилата со цел утврдување на техничката исправност на возилата за емисијата на испусните гасови. Ова ќе помогне во намалување на загадувањето од сообраќајот.

Се воведува посебен сообраќаен режим за тешки товарни возила: Општините и Градот Скопје, во соработка со Министерството за внатрешни работи, ќе обезбедат посебни сообраќајни режими за тешките товарни возила, насочувајќи ги кон обиколни патишта со цел да се намали сообраќајот во урбаните средини.

Исто така на сила е забрана за дотур на стока и транспорт на градежни машини: Општините и Градот Скопје ќе воведат забрана за дотур на стока и транспорт на градежни машини како што се багери, булдожери и виљушкари во периодот од 7:30 до 18 часот. Оваа мерка е со цел да се намали сообраќајниот метеж и емисиите во најфреквентните часови. Министерството за внатрешни работи е задолжено да изврши контрола на спроведувањето на оваа мерка. 

Скопје смог
Започнуваат зајакнати контроли на улиците, градилиштата, фабрикитеФотографија: DW/Petr Stojanovski

Рестрикции за службените возила 

Дел од мерките опфаќаат и намалување на употребата на службени возила: Сите органи на државна управа, агенции, фондови, бироа, заводи, јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост, како и единиците на локалната самоуправа, се задолжени да ја намалат употребата на службените возила до 50%. Оваа мерка има за цел да го намали службениот сообраќај и емисиите од него. 

Ослободување од работа и заштитни маски 

Од работни обврски ќе бидат ослободени ранливите групи. Министерството за економија и труд, во соработка со Министерството за здравство, ги задолжува сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со малигни заболувања, хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без оглед на возраста, со препорака од матичен лекар.

Се препорачува реорганизација на работното време и обезбедување заштитни маски. Сите работодавци се задолжени да го реорганизираат работното време за лицата кои работат на отворено. Работните активности треба да се извршуваат во периодот од 11 до 17 часот. Дополнително, работодавците се должни да обезбедат заштитни маски тип KN95 или најмалку FFP2 за своите работници. 

загадување Скопје
Се препорачува реорганизација на работното време и обезбедување заштитни маски.Фотографија: picture alliance/dpa/G. Licovski

Со наредбата се предвидува и намалување на капацитетот на инсталациите со А интегрирана еколошка дозвола. Инсталациите кои поседуваат А-интегрирана еколошка дозвола се задолжени да го намалат капацитетот на производство. Притоа, треба да се внимава со ограничувањата да не се прекине или значително намали технолошкиот процес кој се одвива континуирано, или дејноста која би предизвикала значителна штета за правниот субјект или негативно влијание врз животната средина и јавните услуги. Исклучок од оваа мерка се инсталациите кои произведуваат топлинска и електрична енергија. 

Се предвидуваат и вонредни контроли на инсталациите со А интегрирана еколошка дозвола. Ќе се спроведат контролни мерења на емисиите во воздух со акредитирани методи за да се утврди дали се применуваат пропишаните услови и мерки во дозволите. Ќе се извршат и вонредни контроли на правните субјекти со Б интегрирана еколошка дозвола и елаборати. 

Вонредни контроли 

Вонредни контроли ќе се вршат и на градилиштата, со цел да се утврди почитувањето на прописите за заштита на животната средина и намалување на емисиите на прашина и други загадувачи.

Мерките ќе се применуваат во случај да бидат надминати праговите на алармирање за загадувачки супстанци во воздухот. 

Министерството за животна средина апелира до сите надлежни институции, органи, правни субјекти и граѓани за целосно почитување и имплементација на наведените мерки. „Заедничката акција е неопходна за заштита на здравјето на граѓаните и за подобрување на квалитетот на воздухот во нашата земја“, велат од министерството.