Западните банки (сè уште) му плаќаат милиони на Путин
4 мај 2024И покрај сите најави дека ќе се намалат, па дури и целосно ќе се повлечат од Русија по нејзиниот напад врз Украина, данокот на добивка на западните банки за водење бизнис во таа земја е зголемен од 2021 година - за повеќе од четирипати!! Во 2021 година во касата на Кремљ пристигнале околу 200 милиони евра, додека лани имало над 800 милиони.
Како што објави „Фајненшл тајмс“, многу европски банки кои значат нешто во светот на парите очигледно сè уште се активни во Русија: Рајфајзен банка Интернешнл, Уникредит, ИНГ, Комерцбанк, Дојче банк, Интеса Санпаоло и секако унгарската ОТП банка. Сите заедно најавија добивка од над три милијарди евра за 2023 година, што е трипати повеќе од пред војната.
Британските аналитичари пресметаа дека данокот на западните банки е всушност доста значајна ставка во буџетот на Русија: во 2024 година тој ќе биде - не сметајќи ја енергијата - 0,4 отсто од приходот на Кремљ.
Профитот дојде - сам по себе?
Иако тешко дека ќе има солзи во менаџментот на овие банки поради енормното зголемување на добивката, мора да се признае и дека за оваа добивка не се целосно „самите виновни“. Дел од тој профит е секако од пари кои им било забрането да ги изнесат од Русија, што значи дека поради ова „оставаат парите да работат“ во руската економија - вклучувајќи ја секако и воената индустрија која има полни раце работа во земјата.
Втората причина е всушност профитот од санкциите што Западот ги воведе против Русија: инфлацијата е донекаде под контрола, но предизвика и повисоки каматни стапки - и повисоки банкарски профити. Друга профитабилна последица на западните санкции е одлуката да се исклучи Русија од меѓународниот банкарски систем SWIFT - тоа значи дека дури ни конкуренцијата не може да дојде во Русија, а за руските партнери тоа ги направи тие банки уште попривлечни за таму да пласираат барем дел од нивните пари.
Сепак, се чини дека во Русија има политички и други игри кои се вклучени во овој бизнис, бидејќи убедливо најактивната од овие европски банки е исто така една од најмалите меѓу нив: австриската Рајфајзен банка Интернационал (РБИ) . Речиси половина од даноците што отишле кај Путин отишле од нејзината каса, бидејќи и нејзиниот профит од водење бизнис во Русија е тројно зголемен во последните две години и изнесува 1,8 милијарди евра.
Австриски „бизнис “
Во нејзиниот случај, тешко може да се каже дека добивката била „непланирана“, бидејќи таа долго време ги негувала односите со Истокот: во 2020 година, дури и за време на најжестоките протести против диктаторот на Белорусија, Лукашенко организирал пласман на државни акции на таа земја во вредност од 1,4 милијарди евра - и таму е тешко да се поверува дека Минск би доверил таква работа на некој друг освен на „добар пријател“. Во Русија е уште полошо: таа е моментално најголемата западна банка, која и по нападот на Украина работи таму на сите нивоа, а за РБИ, исто така, се прочу кога неодамна се обиде тајно да купи удел во градежниот концерн Штрабаг во име на рускиот тајкун Олег Владимирович Дерипаска, чиј имот на Запад - теоретски - е замрзнат.
Дури кога тим од американското Министерство за финансии пристигна во Виена на почетокот на март и на австриската банка ѝ се заканија дека ќе го предизвика гневот на Вашингтон, ако не прекине со таквите зделки, овој договор со Дерипаска беше раскинат. Но, и официјална Виена стои зад РБИ: минатиот декември Австрија условуваше со согласност за нов пакет санкции против Русија само доколку Киев ја отстрани Рајфајзен банка Интернешнл од својата „црна листа“. И тоа и се случи.
Но, „Фајненшл тајмс“ наведува дека американските банки се активни и во Русија: Економската школа во Киев ја наведува американската Ситигруп како четврти најголем поединечен даночен обврзник во Русија во 2023 година: таа уредно платила 53 милиони долари данок на добивка од 149 милиони долари. Едно време, JPMorgan се стремеше да стане главна банка за размена меѓу Русија и САД, но нејзиниот профит сепак беше само 35 милиони долари, а платениот данок беше 6,8 милиони.