1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Кој им се заканува на уставните судии?

ДТЗ
24 јуни 2024

Претседателот на судот, Дарко Костадиновски, поднесе пријава до МВР. Пријавата е поднесена поради директно упатени закани кон судии поврзани со постапување по конкретен предмет

https://p.dw.com/p/4hR7j
Уставен суд
Кој им се заканува на уставните судии?Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Судии на Уставниот суд се мета на закани. Поради тоа, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, денеска поднел пријава до Министерството за внатрешни работи, за упатени закани по животот и безбедноста на судии на Уставниот суд. Очекува надлежните институции во најскоро време да го расветлат случајот, како и сличните закани за кои и претходно алармираа од судот.

Закани за конкретен предмет

Пријавата е поднесена поради директно упатени закани кон судија, односно судии поврзани со постапување по конкретен предмет од страна на судот.

Претседателот на Уставниот суд најостро ги осудува ваквите закани упатени до судиите. „Во едно демократско општество, вакви и слични закани претставуваат  напад врз интегритетот на Уставниот суд, но и директен притисок врз независното и самостојно одлучување на сите судии“, порачуваат од судот кој е заштитник на уставноста и законитоста. 

Поради сериозноста на упатените јавни закани и повици за насилство, судот очекува надлежните органи професионално и навремено да ги преземат сите неопходни мерки и активности за расветлување на овој, но и слични закани кон судиите.

Добрила Кацарска
За заканите кон судиите, прва алармираше поранешната претседателка на Уставниот суд, Добрила Кацарска.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Аларм од пред еден месец

За заканите кон судиите, прва алармираше поранешната претседателка на Уставниот суд, Добрила Кацарска. На истекот на нејзиниот мандат на 29 мај таа информираше дека трпела закани речиси секој ден, но дека дури неодамна се одлучила за тоа да ја алармира полицијата. 

Покрај закани, Кацарска била жртва и на физички напад.  „Трпам закани неколку години наназад. Нема недела да помине, а да немам некоја закана. Имав и физички напад. Бев физички нападната, но никогаш претходно не пријавував, сметав дека се работи за изолирани случаи“, изјави пред еден месец Кацарска. Разврска на случаите сè уште нема. 

Претходно таа пријави во полиција дека е загрозена нејзината сигурност, откако на приватен паркинг од затворен тип, каде било паркирано нејзиното возило, пронашла импровизиран кревет и кујнски нож кој бил забоден на прекинувачот за светло.