1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заглавени во Радзивил

21 септември 2023

Најкобната последица од Берлинската конференција е воспоставувањето на култура на владеење, базирана врз феудалното наследство на менталитетот за народи од прв ред и народи од втор ред. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4Wcoy
Арсим Зеколи
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

„There's a new game we like to play, you see

 A game with added reality

 We call it 'Master And Servant'“

Depeche Mode

Едно од најчесто поставуваните прашања од претежно странските и релативно домашните соговорници е онаа за корените, за самата срж на неспособноста на балканските народи да си ги средат државите. Гледано наназад, моите штури обиди за барем приближно разјаснување на причините беа определени од субјективните познавања, објективните аргументи, дневните политики и возраста. Некогаш одамна, образложенијата се засноваа врз предвоените, воените и поствоените околности во регионот. Во мирнодопството што уследи, анализите се базираа врз бурните осумдесетти години на минатиот век и начинот на кој се раслојуваше федерацијата и државата. Како што постепено ја дознававме вистината, увидувавме дека фамата за СФРЈ како успешна приказна за социјална благодет всушност се однесува на кусиот период од 1968 до банкротот на федерацијата во раните осумдесетти. Дека поствоениот период на федерацијата не се разликувал битно – освен далеку покрваво – од оние во другите комунистички земји.

Со тек на времето и низ лупење на кромидот, причината ја баравме во воените години и откривањето на долго криените непријатни вистини за тоа кој сѐ кого колел и прогонувал. Маглите на војната никој никогаш до крај не ги распрснал, па така полека се откажувавме од барањето на причините во воениот период. Се префрливме на кралскиот период на двете светски војни (кои на Балканот всушност е еден единствен период со кус период на примирје) и откривавме заборавени реалности. Како што се отвораа замандалените архиви, дознававме поинакви факти за тогашните реалности и се фрапиравме колку се имаат изменето нештата. Најчесто под брутална, крвава присила, поретко од доброволна согласност.

Согледувањето и откривањето на предвоените монархистички периоди на балканските земји не го дадоа финалниот одговор за причините на ендемската култура на лошо владеење. Но следејќи ја линијата „од студено кон потопло”, учењето за овој период потврдуваше дека сме на добар пат кон суштината на проблемот, кој датира долго пред избувнувањето на двете светски војни. На тоа патешествите, се чини дека сме дојдени речиси на чекор – доколку не во самата срж – на факторите во позадината на нашата неспособност за добро владеење. А во разбирањето и прифаќањето на таа срж се чини дека се крие и иднината на нашиот пат кон современ Брисел. Кој не води преку Европските унии и делегации, туку низ коридорите на палатата Радзивил, односно конференцијата одржана помеѓу 13 Јуни и 13 Јули 1878 година во Берлин.

Доминацијата на привилегираните и дискриминацијата на непретставените народи

Беспредметно е во оваа прилика дасе осврнувам на геополитичките решенија и последици на таа конференција, кои се и онака или добро познати или пак може да се разберат од далеку поповикани авторитети. Во оваа прилика би се осврнал на помалку дебатираните духовни, политички и административни последици на тој настан, чии последици се актуелни до нашата современост и болката на лошо владеење.

Историографите често ја акцентираат Берлинската конференција и нејзините решенија како една – доколку не и најбитна – причина за подемот на националсоцијализмот во европски, а не само германски рамки како што е вообичаено да се каже. Гледано од дистанца, таа оценка е непотполна, непрецизно еднодимензионална поради две причини. Првата е таа што резултатите на конференција беа определени од империјалните сили на буржоазијата и на сметка на не(доволно) претставените народи од регионот. Втората е што конференцијата не беше поттик само за појавата и засилувањето на националсоцијализмот, туку се одвиваше паралелно со појавата на новата мисла на совремието, неполна деценија по објавата на Капиталот на Карл Маркс и неговата популарност среде пролетаријатот во формирање. Следствено, битноста на Берлинската конференција не е само во поделбата на граници и сфери на интереси, туку и во исцртувањето на идеолошката шизма која ќе ја тресе Европа и светот во следните два века. Привилегијата на присутност околу масата на карто-кројачите ќе ја детерминира националсоцијалистичката матрица на размислување, подеднакво како што Капиталот ќе стане духовна молитва на непретставените. Улоги кои низ децениите кои ќе следат ќе доживуваат рокади, промени и претумбации до граница на сегашната непрепознатливост или преклопување низ екстреми.

Доминацијата на привилегираните учесници и дискриминацијата на непретставените народи ќе ја определи и матрицата на политички, антиисториски и колонијални оценки за народи достојни и народи недостојни за европејство. Непознавањето измешано со предрасуди по падот на Отоманската Империја, откривањето на новата загрозеност од Русија и сѐ уште недоволно формираната идеја за Европа во тогашната „Христијанија“, ќе резултира во аристократско надмено и историско погубно извртување на реалностите на теренот. Колку за потсетување, Дарвнизимот сѐ уште беше во повој во време на Берлинската конференција и уште подалеку од појавата на хуманизмот и идејата за Европа.

Народи од прв и народи од втор ред

Сепак, долгорочно гледано, најкобната последица од Берлинската конференција – патем, и нејзиниот Танзимат близнак од Босфорот – е воспоставувањето на културата на владеење преку распределба на улогите меѓу народите, која денес можеме да ја наречеме како прадедо на стабилократијата. Основата на тоа владеење се базира врз феудалното наследство на менталитетот за народи од прв ред и народи од втор ред. Исцртувањето, прекројувањето на границите, протерувањето, прогонот на народите, војните, геноцидите се историски поглавја во секоја читанка. Но фуснотата за катастрофалните последици на културата на господари и потчинети е синдромот кој го има осудено Балканот на ендемска, речиси неразрешлива, неизлечителна состојба на владеење на работ на анархија. Идентификацијата на таа болка е преудслов не само за менување на состојбите во владеењето кај нас, туку уште побитно во промената на менталната слика за Балканот вкоренета во правнуците на картокројачите од Берлин и нивните братучеди отаде Атлантикот.

Суштината на таа ментална матрица се состои во фаворизирање на „историските народи” претставени на Берлинската конференција како „историски партнери” во обезбедување ред и поредок на Балканите. Ним им е наметната улогата на „гарантирање на стабилноста” и обезбедување покорност или невидливост на непретставените „аисториски” народи. И тука доаѓаме до клетката на сеопштата болка на „историјските и аисториските” држави подеднакво. Обезбедувањето на таа „покорност и невидливост” на малите народи се обезбедува преку доминација на силата и селекција на беспоговорно послушните од најбедните и најнеморалните редови на помалите народи.

Корупција во односите меѓу народите

Таквата супремација преку сила однапред го хендикепира духовниот статус и моралната вертикала на народот сведен на улога на привилегиран, но сепак Капо-статус определена позиција среде европското семејство на народите. Од друга страна, владеењето врз честа на народот преку избор на нечесните, неминовно предизвикува непрекинати циклуси на немири, бунт и стекнување на морална еволуција на генерациите хранети од неправдите и жртвите на претците. Со тек на времето, тој замислено еднонасочен однос помеѓу доминантниот и доминираниот народ прераснува во цилична фотосинтеза низ која корумпирањето на доминираниот ја корумпира силата на доминантниот, додека пак моралната супремација на доминацијата низ ароганција еродира пред моралната еволуција на доминираниот стекната низ самопожртвуваност и достоинство.

Сета историја на Балканите по Берлинската конференција не е ништо повеќе од патепис на оваа фотосинтеза помеѓу народите, која на крај – денес – ќе резултира со сеопшта, целосна, сеопфатна доминација на корупцијата како начин на живеење, делување и самото постоење на државите. А доколку не се стави крај, и до смислата на постоењето на народите, како што веќе алармантно се навестува низ непресушната емиграција на иднината од земјите на регионот. Стабилократијата како култура на западната дипломатија кон нас е само новокомпонирана, новоговорна форма заснована на постулатите на Берлинската конференција. Компромисниот вокабулар на западните сили кон големите земји во регионот и патерналистичко-сожаливиот дискурс кон помалите народи е жива демонстрација за опстојувањето на ретроградниот дух во умовите на дипломатиите кои нѐ учат на современост, но современоста не ја признаваат, а уште помалку практикуваат. Корупцијата во односите помеѓу народите и внатре во народите, ќе остане валута за односот и есперанто за рабирање помеѓу западната дипломатија и регионот уште долго време. А нашиот пат кон Брисел, кон современоста, кон рамноправноста и иднината, ќе остане заглавен среде сеништата низ коридорите на Палатата Радзивил.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема