Руски ракетен напад на станбен блок во Лвов- повеќе загинати
6 јули 2023Во ракетен напад во станбен кварт во западниот украински град Лвов, според наводите на Министерството за внатрешни работи, убиени се најмалку четири луѓе, а девет се повредени. Акцијата за потрага и спасување е во тек, а досега од под урнатините на уништените станбени објекти се спасени и евакуирани повеќе од 60 жители.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека „дефинитивно ќе следува конкретен одговор до непријателот“, како што напиша на Телеграм. На видео снимките од Лвов се гледаат силно оштетени и делумно разурнати станбени објекти вдолж цела една улица. Зеленски снимките ги проследи со зборовите: „Последици на ноќешниот напад од страна на руските терористи“.
Градоначалникот на Лвов Андриј Задовиј оцени дека ова е најтешкиот напад врз цивилната инфраструктура во градот од почетокот на руската агресорска војна против Украина пред повеќе од 16 месеци, при што уништени се повеќе од 50 куќи. До јуни, во градот беше мирно подолго време, но деновиве повторно зачестија воздушни напади.
Во Лвов, поранешен Лемберг, кој се наоѓа на околу 70 километри од границата со Полска, се засолнати многу бегалци од завојуваните области во источна Украина. Градоначалникот изнесува податок од јуни, според кој градот со првично 720.000 жители, од почетокот на руската инвазија, прифатил околу 150.000 луѓе.