Младиот Угљеша Сурдучки со години доаѓа на Војводинската олимпијада на стари спортови. За нејзината важност вели:
„Важноста на Олимпијадата е што се оживуваат заборавените игри, какви што играле нашите паори пред многу години овде, во Војводина. Има навистина многу специфични игри, како пилцике, што ја игравме сега. Навистина мислам дека каде и да одиме и да прашаме за пилцике, нема да добиеме баш некаков одговор, некое знаење за таа игра, а навистина не е тешко, забавно е, а всушност тоа се игри кои се играле во слободно време.“
Олимпијадата се одржува веќе 14 години, а учесниците имаат можност да се испробаат во 17 дисциплини. Покрај „пилцике“, тука е и омилената игра на Угљеша - „борба за честа“:
„Има многу активност, во рингот сме, имаме импровизирани мечови и штитови. Ако, на пример, ти сега ме удриш во нога, јас веќе не ја користам ногата, туку скокам на една нога“, објаснува Угљеша.
Како што вели тој, најтешката дисциплина на Олимпијадата е „штулање“:
„Штулање е дефинитивно најтешката игра за мене. Затоа што, не знам ни да застанам на штули, а камоли да шетам со нив. И прилично е нестабилно, тешко е да се одржува рамнотежата и веднаш паѓам - па не сум многу успешен во оваа дисциплина.“