1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За три месеци Германија протерала 483 македонски граѓани

ЕМФ
25 мај 2024

Македонија е на врвот на листата земји чии граѓани биле протерани од Германија во првиот квартал од 2024 година.

https://p.dw.com/p/4gE7l
Германија протерување
Во првиот квартал од 2024 година од Германија биле протерани 483 граѓани на Северна МакедонијаФотографија: Daniel Kubirski/picture alliance

Бројот на протерани лица од Германија годинава е значително поголем во споредба со минатата година. Во првиот квартал од 2024-та година бројот на депортации е поголем за една третина, пишува весникот „Ноје Оснабрикер Цајтунг“. Весникот ги пренесува податоците од германската влада наведени во одговорот на пратеничко прашање од партијата Левица. Според нив, од јануари до март оваа година од Германија биле протерани 4.791 лице, или околу 34% повеќе во споредба со истиот период лани.

Притоа, Северна Македонија е на врвот на листата на депортации. Во првиот квартал од 2024 година од Германија биле протерани 483 граѓани на Северна Македонија. Во текот на целата измината 2023 година биле депортирани 1.177 македонски граѓани. Од протераните 483 македонски граѓани во првиот квартал од 2024 година, 233 биле жени и 227 малолетни лица.

На второ место по број на депортации е Турција, каде се вратени 449 граѓани. Потоа следат Грузија (416), Авганистан (345) и Србија (312).

Во одговорот на германската влада на прашањето на пратениците на Левица, се наведува и дека протерувањето граѓани на други држави честопати не се реализира. Во првиот квартал од тековнава година пропаднале 7.048 планирани протерувања. Според „Ноје Оснабрикер Цајтунг“, повеќето од погодените веќе не можеле да бидат пронајдени или биле откажани летовитe. Медицинските причини играле улога многу поретко.

Германија протерување
Од јануари до март оваа година од Германија биле протерани 4.791 лицеФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Левичарската политичарка Клара Бингер, која побарала одговор во врска со протерувањата, ја обвини германската влада за „депортациско лудило“. „Се чини дека исчезнуваат моралните кочници на властите“, вели таа за весникот „Ноје Оснабрикер Цајтунг“. Бројот на протерувања се зголемува и покрај тоа што има сѐ помалку лица кои мора да ја напуштат земјата, опоменува таа. Бегалците стравуваат „да не бидат принудени да се вратат против своја волја во земји каде што им се заканува војна, произволно притворање, тортура, екстремна сиромаштија или недостаток на перспектива“, вели Бингер.