Шефот на НАТО разговарал со Трамп за „глобалните проблеми“
23 ноември 2024Генералниот секретар на НАТО Марк Руте се сретна со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп на Флорида. „Тие разговараа за голем број глобални безбедносни прашања со кои се соочува Алијансата“, изјави портпаролката на НАТО, Фарах Даклала за новинската агенција ДПА во Брисел, без да соопшти никакви детали.
Таа само додаде дека средбата се одржала уште во петокот, а средбата не беше јавно најавена. Според информациите од круговите на НАТО, на средбата, меѓу другото, станало збор за војната на Русија против Украина и прашањето за трошоците за одбраната. Руте два дена по победата на Трамп на претседателските избори во САД на 5 ноември изјави дека сака да се сретне со републиканецот.
Трамп неколку пати им се закани на сојузниците
За време на предизборната кампања, Трамп бараше сите сојузници да трошат три отсто од својот бруто домашен производ за одбрана во иднина. Покрај САД, само четири од 32-те земји на НАТО во моментов го постигнуваат овој знак. Се проценува дека Германија ќе достигне само 2,1 отсто оваа година.
За време на неговиот мандат од 2017 до 2021 година, Трамп постојано се жалеше на, според него, прениските трошоци за одбрана од европските сојузници, а понекогаш дури и се закануваше дека САД ќе ја напуштат Алијансата.
Во пролетта, Трамп повтори дека нема да им помогне на партнери од НАТО кои не ги исполнуваат обврските, доколку бидат нападнати. Всушност, тогаш тој дури би ги охрабрил Русите да прават „што сакаат“ со нив.
Руте сепак изгледаше смирен по изборната победа на Трамп. „Преку НАТО, САД имаат 31 пријател и сојузник кои помагаат да се унапредат интересите на САД, да се умножи американската моќ и да се обезбеди безбедноста на Американците“, рече тој.
Отстапки на штета на Украина?
Трамп, кој ја презема должноста на 20 јануари, се противи на милијардите помош за Киев. Тој неколку пати во минатото нагласи дека може да ја прекине руската агресивна војна против Украина за 24 часа. Сепак, многу сојузници на НАТО стравуваат дека тоа би можело да вклучи територијални отстапки за Русија на сметка на Украина.
Членовите како Германија нагласуваат дека поддршката на Украина е и во сопствените безбедносни интереси на Европа и на САД. Шефот на НАТО Руте се смета за еден од најжестоките поддржувачи на владата во Киев. Очигледно тој успеа да воспостави добри контакти со Трамп како шеф на холандската влада. За време на состанокот со Руте во 2019 година, Трамп рече дека тој и Руте станале пријатели.
Руте очигледно е загрижен поради најновите напади врз Украина. Русија истрела нова ракета со среден дострел од типот „Орешник“ кон украинскиот град Днипро. Шефот на Кремљ, Владимир Путин, сега сака оружјето да се произведува сериски. Руте затоа свика специјален состанок на Советот НАТО-Украина за вторник.