Воз, трамвај, автобус - низ Германија за 49 евра месечно
1 мај 2023Уште минатото лето, по наглото поскапување на горивото, во Германија беше воведен месечен билет за градски превоз и за железницата - за девет евра.
Замислен како евтина варијанта за луѓе кои патуваат поради работа, овој билет беше масовно користен и за екскурзии и патувања со регионални возови низ цела Германија. Не е чудно што за трите месеци од постоењето на тој билет беа продадени 52 милиони примероци.
Јасно беше дека толку евтино веќе нема да може, па од денеска стапува на сила „наследникот“ меѓу билетите, таканаречениот Дојчландтикет, кој чини 49 евра месечно. Тоа е сепак далеку поевтино од која било претплата за јавен превоз.
Но, нема јагма - до почетокот на мај се продадени само 750.000 билети. Една од можните причини е што овој билет не може да се купи еднократно на автомат или на интернет, туку функционира како претплата.
Додуша, кој дури денеска тргнал да купува билет преку интернет, наишол на преоптоварени сервери на Железницата.
Каде важи Дојчландтикет?
Билетот важи за градски и приградски превоз насекаде во Германија, за железници, метро, трамваи, автобуси, за одредени бродски линии во Хамбург и Берлин.
Билетот не важи за брзи меѓуградски возови (ИЦ, ЕЦ, ИЦЕ), ниту меѓуградски автобуски линии.
Кому не му се брза, со овој билет може да стигне од едниот до другиот крај на земјата, но ќе мора да се префрла многупати, долго да се „труцка“ и да чува нерви поради постојани доцнења.
Дали и странците можат да купат Дојчландтикет?
Да, тоа нема врска со државјанство или право на престој. Но, бидејќи се работи за претплата, мора да се има банкарска сметка која се прифаќа.
Оние кои би сакале да се возат само еден календарски месец, лесно можат да ја откажат претплатата за следниот месец до 10-тиот ден од тековниот месец.
Ќе има ли гужви?
Со билетите од 9 евра имаше гужви од епски размери, особено во време на викендите. Тоа може да се повтори, иако во помала мера. Особено што околу десет милиони луѓе во Германија имаат претплатни билети за јавен превоз - сите тие сега автоматски се префрлија на Дојчландтикет, бидејќи е поевтин.
Иако, многумина би ви кажале дека поголема гужва од вообичаеното е невозможна. Во време на „шпицот“ е тешко да се качите во воз на популарните линии, а ниту сега нема да има повеќе возови. На Германија, меѓу другото, ѝ недостигаат машиновозачи.
Дали цената ќе остане 49 евра?
Во следните две години ќе остане, но потоа веројатно нема, ако поради ништо друго, тогаш поради инфлацијата. Некои покраини веќе сега дополнително го субвенционираат билетот, па во Берлин, на пример, чини 29 евра. Многу компании го кофинансираат превозот на вработените.
Но и 49 евра се далеку од реалната цена што би ги покривала трошоците, па државата и покраините го поддржуваат проектот. Впрочем, ова е политичка одлука на Владата, а којзнае каква ќе биде политиката за две години.
Кога ќе се извлече биланс, Дојчландтикет не е многу практичен ако патувате 600 или 700 километри низ Германија, но е идеален за градски патувања или за патување во соседниот град.