1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вонредна состојба во Перу

Кристијан Валц
15 декември 2022

Насилство, блокади на патишта, вандализам: перуанската влада одговори „енергично и силно“ на протестите против смената на претседателот Кастиљо.

https://p.dw.com/p/4KxUm
Насилство на протестите во Лима
Насилство на протестите во Лима Фотографија: Martin Mejia/AP/picture alliance

Владата на Перу прогласи вонредна состојба во целата земја поради големите протести против смената на претседателот Педро Кастиљо. Вонредната состојба првично ќе трае 30 дена, соопшти министерот за одбрана Алберто Отарола. Мерките опфаќаат „ограничување на слободата на движење и на собирање“, а би можело да има и ноќен полициски час.

Со тоа владата на Перу реагира „енергично и силно“ на насилството, вандализмот и блокадите на улиците, нагласи Отарола и додаде дека полицијата, со поддршка на воените сили, ќе го одржи внатрешниот ред и мир.

„Морална неспособност“

Откако левичарскиот претседател Педро Кастиљо беше сменет од функцијата од страна на парламентот минатата недела поради „морална неспособност“ и беше уапсен набргу потоа, многу луѓе во Перу излегоа на улиците за да го изразат своето незадоволство. Протестите станаа насилни, особено на југот и југоисточниот дел на земјата, каде Кастиљо има голем број поддржувачи. Според официјалните информации, досега се убиени седум лица. Во некои региони веќе претходно имаше вонредна состојба.

Педро Кастиљо беше сменет поради „морална неспособност“
Педро Кастиљо беше сменет поради „морална неспособност“Фотографија: JAVIER TORRES/AFP

Поранешниот учител Кастиљо беше избран за лидер на латиноамериканската земја во 2021 година како политички аутсајдер. Оттогаш, 53-годишникот е во постојана борба за моќ со Конгресот, во кој доминираат конзервативците. Политичарот е обвинет за „бунт и заговор“.

Во меѓувреме, вршителката на должноста претседател на земјата, Дина Болуарте, се заложи за одржување на избори во декември 2023 година. Претходно таа зборуваше за избори во април 2024 година. Инаку, изборите во Перу требаше да се одржат дури во 2026 година.