Газа: Анонимно писмо од незадоволни чиновници од Западот
10 февруари 2024Анџелик Ајпе работните денови ги минувала така што во канцеларијата во Хаг ја осмислувала иднината на холандската надворешна политика. За време на 21-годишната дипломатска кариера била и заменик амбасадор во Оман и се занимавала и со блискоисточната политика. Таа сега е невработена. Во јануари го напуштила министерството за надворешни работи од протест за реакцијата на нејзината влада на војната меѓу Израел и Хамас. „Јас го хранам своето семејство. Но, на партнерот му реков дека не можам да учествувам во тоа, затоа што на коцка се ставени мојот личен и професионален интегритет“, вели Ајпе. Пред да го напушти министерството учествувала во организацијата на протестите пред зградата на холандската влада во Хаг, кои за цел имаа прекин на огнот и примирје во Газа. ЕУ и САД, го сметаат Хамас за терористичка организација и нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година го оквалификуваа како „најсмртоносен напад врз еврејскиот народ по Холокаустот“.
Од страв дека примирје би можело да ја охрабри Хамас, Брисел и Вашингтон беа воздржани да постават барање за примирје, иако низа земји членки на Унијата поединечно поставија такво барање. ЕУ бараше „хуманитарни коридори и паузи во борбите“ во Газа.
ЕУ и САД бараа засилен хуманитарен пристап до Појасот Газа и предупредуваа на тамошната тешка ситуација. Вашингтон го поддржува Израел и финансиски и воено, а продолжен е и извозот на оружје и воена опрема од повеќе европски држави во Израел, меѓу кои и Германија и Холандија.
„Загриженоста се суспендира“
Ајпе има многу обврски, иако остана без работа. Таа работела на поврзување на дипломати од двете страни на Атлантикот, на оние кои го делат нејзиниот став. Минатиот петок (2. февруари) околу 800 државни службеници од ЕУ, Велика Британија и САД објавија анонимно писмо во кое од своите влади бараат промена на курсот. Ајпе вели дека од објавувањето на писмото, бројот на потписници е зголеме на 900. „Изразивме загриженост дека политиката на нашите влади или институции не служи на нашиот интерес. Нашите професионални размислувања се суспендирани од политички и идеолошки размислувања“, се вели во писмото.
Висок функционер во Унијата кој го составил нацртот на писмото и замоли да не му се наведува името, за ДВ вели дека во канцелариите владее „култура на молк“ и дека луѓето кои ќе се јават за збор ги гледаат како „многу емоционални активисти“. Во писмото стои дека владите го поддржале Израел „без правни услови или обврски за полагање сметка“. „Постои веродостоен ризик политиката на нашите влади да допринесе за кршење на меѓународното хуманитарно право“, се вели во писмото. Ајпе вели дека писмото го потпишале државни чиновници од Германија, Белгија, Финска, Велика Британија, Франција, Шведска и од институциите на Европската унија. ДВ не може да го провери идентитетот или бројот на потписниците.
Ако се земе в предвид дека во сите тие земји има стотина илјади чиновници, 900 имиња се исклучително мал број. Но, трансатлантското соопштение е до сега накопсежен официјален протестен документ. Ајпе смета дека тоа е само врвот од планината што се гледа и додава дека американските државни службеници се посебно внимателни заради недоволната заштита на комуникациите на работното место. Новинската мрежа „ЕУ Опсервер“ минатиот месец известуваше за посебно соопштение кое го потпишале 1500 службеници на ЕУ. Во него се бара ембарго на испораката на оружје за Израел. Ал Џазира во октомври јавуваше за писмо наводно потпишано од 800 соработници на ЕУ во кое се вели дека „ЕУ со својата реакција на судирот се изложува на опасност да го изгуби сиот свој кредибилитет“.
Израел ги отфрла обвинувањата
Израелските власти ги отфрлаат тврдењата од писмото дека „Израел во воените акции во Појасот Газа не поставил никакви граници“. Израелската војска вели дека прави „сѐ што е можно за да го ограничи бројот на цивилни жртви во Газа“.
„Хамас ги користи таквите напори така што го поттикнуваат цивилното население да ги игнорираат предупредувањата од војската“, се вели на интернет страницата на израелската армија. Таму како примери се наведуваат телефонски пораки и повици и печатени летоци кои Израел им ги упатил на цивилите на тоа подрачје. Еден претставник на Израел во Брисел исто така на писмата реагира вака „ Во времиња како што е ова за нашата земја, не е лесно да видиш како некои поединци избираат да застанат против. Се обидуваат да ја искористат ситуацијата и да ги руинираат добрите работни односи меѓу нашите земји и да минираат се што до сега сме постигнале. Тоа е за жалење, но ние не веруваме дека тоа ја претставува целокупната земја“.
„Нормално“ да се води дебата
На Министерствата за надворешни работи изгледа им е јасно дека во делови од центарот на моќта има незадовлство. „Нормално е и во нашите министерства да се води општествена дебата за судирот меѓу Израел и Хамас. Мислиме дека треба да постои простор за таква дебата и ги охрабруваме соработниците да стапуваат во дијалог “, рече портпарол на холандското Министерство за надворешни работи за ДВ. „Истовремено, политиката на Министерството ја одредува министерот, а тој е должен за неа пред Парламентот да полага сметка. Тоа се подразбира во работата на секој државен службеник“, додава тој.
Германското Министерство за надворешни работи соопшти дека го „примило на знаење“ транс-атлантсото писмо. ЕК изјавува дека „го разгледува“ соопштението во писмото.
Портпарол на британското Министерство за надворешни работи за ДВ изјави дека „Велика Британија сака што поскоро завршување на борбите во Газа“ и бара и натаму да се почитува хуманитарното меѓународно право како и заштитата на цивилите.
Нема единство во Унијата?
Михај Кихаја, експерт за блискоисточна политика во Центарот за европска политика, вели дека такви писма би можеле да го зголемат притисокот врз носителите на одлуки во Европа и САД „да инсистираат на примирје, но и да вложат напори да се пронајде долгорочно решение“.
Тој додава дека разликите во ставовите не се покажуваат само зад затворени врати, па таквите тензии во врска со ова прашање го прави заедничкото дејствување малку веројатно. „ЕУ за жал ќе има и натаму потешкотии во случајот со конфликтот во Газа да зборува едногласно“, оценува Кихаја.
Во последните неколку недели Брисел се обидува да не биде само набљудувач, туку и посредник, настојувајќи да ја испита можноста за решението со две држави кај сите заинтересирани страни. Кихаја смета дека тој план бара „силна поддршка од земјите членки, согласност во регионот и практични чекори за реализација“. Во спротивно, додава тој, планот „ќе стане уште еден хартиен тигар“.