Во пожар во фабрика во Кина загинаа 38 лица
22 ноември 2022Во голем пожар што зафати фабрика во централна Кина загинаа најмалку 38 луѓе, а повеќемина се повредени, јави кинеската државна агенција Ксинхуа. Пожарот траел околу три и пол часа, соопштија локалните власти во провинцијата Хенан. Во гаснењето на пламените јазици во објектот на два ката учествувале 60 пожарникари, а ангажирани биле и околу 200 спасувачи.
Според непотврдени информации, во објектот биле складирани индустриски стоки, меѓу кои и специјални хемикалии. Во државните кинески медиуми се зборува за „илегални активности“ како причина за пожарот.
Катастрофата буди сеќавања на големиот пожар во октомври 2007 година. Тогаш во пожар во илегална фабрика за чевли во провинцијата Фуџијан, загинаа голем број луѓе. Поради оградените прозорци многумина не биле во состојба за избегаат. Полицијата подоцна го уапси сопственикот на фабриката.
Уште поголем број жртви имаше во 2015 година во градот Тианџин, кога во големи експлозии во магацин за хемикалии загинаа 173 лица. Најголемиот дел од жртвите беа пожарникари и полицајци. Хемикалиите биле погрешно регистрирани и складирани.
Во Кина има постојано пожари и индустриски несреќи, кои често се резултат на небрежност и непридржување до безбедносните прописи.