1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалСоединети Американски Држави

Камион удри во заштитна ограда на Белата куќа

ЖА / агенции
23 мај 2023

Возачот на мал камион кој веројатно намерно влетал во заштитна бариера кај Белата куќа во Вашингтон е уапсен. Во возилото не се пронајдени оружје или експлозив, но медиумите јавуваат дека било запленето нацистичко знаме.

https://p.dw.com/p/4Rhtx
Белата куќа, САД
Полицијата го претресува камионот кој удри во заштитна ограда на Белата куќа, САДФотографија: Nathan Howard /REUTERS

Американската тајна служба, одговорна за безбедноста на американскиот претседател Џо Бајден, соопшти дека е уапсен возач кој со мал камион влета во заштитна ограда на Белата куќа во Вашингтон. Во инцидентот нема повредени.

Повикувајќи се на очевидци, американските медиуми јавуваат дека на местото на инцидентот било запленето знаме со кукест крст, а возачот упатувал закани на сметка на Белата куќа.

Возачот со својот мал камион два пати удрил во заштитната бариера оддалечена само неколку стотици метри од Белата куќа, изјавил сведок на настанот за американската ТВ Си-Ен-Ен.

Човекот е уапсен меѓу другото поради постоење сомневање дека имал намера да го убие, киднапира или рани американскиот претседател, заменичката претседателка или нивен член на семејството, извести ТВ Ен-Би-Си повикувајќи се на извори од полицијата. Во возилото не било пронајдено оружје или експлозив. Превентивно, полицијата блокирала неколку околни улици во близина на Парк Лафајет сквер, а евакуиран бил и хотелот Хеј Адамс.