Во Берлин разговори за реформа на ЕУ
2 ноември 2023На покана на германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, министри за надворешни работи од европските земји денеска (2.11) во Берлин ќе разговараат за реформите на Европската унија. Според германското Министерство за надворешни работи, суштината на разговорите ќе биде прашањето како може да се одржи способноста на ЕУ за дејствување со оглед на посакуваните проширувања. Улогата на ЕУ како „силен глас во светот значително ќе зависи од тоа колку успешно ќе се реформира ЕУ и ќе се подготвува за идните рунди на проширување“, оценува германското МНР.
Според соопштението од Берлин, на денешната конференција ќе учествуваат 17 министри за надворешни работи, а има и земји кои ќе бидат претставени на ниво на државен секретар. Меѓу учесниците на средбата е и македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој ќе има обраќање во воведниот дел на конференцијата, заедно со министрите за надворешни работи на Германија, Шпанија, Словенија и Украина.