Путин: Нападот врз Украина го зајакна рускиот суверенитет
7 септември 2022Рускиот претседател Владимир Путин во средата изјави дека Русија не загубила ништо во глобалната конфронтација со САД поради конфликтот во Украина, туку напротив, добила со тоа што поставила нов суверен курс кој ќе го врати нејзиниот глобален престиж.
Путин зачестено го опишува конфликтот во Украина, кој го нарекува „специјална воена операција“, како пресвртна точка во историјата кога Русија конечно го отфрлила понижувањата кои го следеа распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.
Во обид да го подвлече новиот курс на Русија кон Азија, Путин оцени дека Западот пропаѓа додека иднината е Азија. Во говорот на Источниот економски форум во рускиот град Владивосток, Путин речиси не ја ни спомена Украина, освен во однос на извозот на жито.
Западот ги „мами“ сиромашните
Во тој контекст, тој го обвини Западот дека ги „измамил“ земјите во развој со тоа што целиот извоз на живот наместо за сиромашните држави заминал во членките на ЕУ.
„Уште еднаш, земјите во развој едноставно беа измамени и продолжуваат да бидат мамени. Јасно е дека со овој пристап, проблемите со храната во светот само ќе растат... што може да доведе до невидена хуманитарна катастрофа“, рече Путин најавувајќи дека ќе разговара со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за промена на договорот за извоз на украинското жито.
Во однос на конфликтот во Украина, рускиот претседател е убеден дека неговата земја не губи ништо.
„Ништо не загубивме и ништо нема да загубиме. Се што е неопходно, штетно и сѐ што не спречува да одиме напред ќе биде отфрлено“, рече Путин.
„Во однос на придобивките, најголемата е зајакнувањето на нашиот суверенитет, и тоа е неизбежен резултат на ова што се слуува сега. Тоа ќе ја зајакне нашата земја одвнатре“.