1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата и банките се договорија за унгарскиот кредит

ДТЗ
28 ноември 2024

Рокот на отплата на кредитот е 15 години со грејс период до 3 години, со фиксна каматна стапка и учество од минимум 20% од вкупната вредност на инвестицијата.

https://p.dw.com/p/4nW7y
денари, пари
Владата и банките се договорија за унгарскиот кредит - камата од 1,95 % и исплата до 15 години Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Владата и банките по неколку недели преговори постигнаа договор отколку начинот на отплата на кредитот од Унгарија, кој се очекува да го придвижи стопанството. Средствата од кредитната линија, наменета за инвестирање и развој на приватни трговски друштва, ќе можат да се земат под неколку услови. Минимален износ по корисник е до 10 милиони евра, а рокот на отплата е до 15 години со вклучен грејс период до 3 години и квартална отплата по завршување на грејс периодот. 

Кредитот ќе се отплаќа по фиксна каматна стапка од 1,95% без надомест за одобрување и управување и со сопствено учество на корисниците од минимум 20% од вкупната вредност на инвестицијата. 

За што ќе бидат наменети средствата? 

Средствата од кредитната линија ќе бидат наменети за инвестиции во опрема, како што се машини и останата опрема, недвижности, погони, фабрики, деловни објекти за сопствена употреба, транспортни средства поврзани со производствениот процес, обновливи извори на енергија наменети за производство на енергија и нематеријални средства како што се инвестиции во развојот и софтвери.

„Имајќи предвид дека БДП е проектиран на 16 милијарди, станува збор за 5 проценти од БДП, средства коишто очекуваме да бидат инвестирани оваа и следната година. Тоа е алатка со која што ќе се бориме против евентуалната економска криза и со која ќе ја придвижиме економијата во целост“, изјави на прес-конференција портпаролката на Влада, Марија Митева.

Унгарскиот кредит од 500 милиони евра којшто го договорија премиерот Христијан Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан предизвика низа полемики во јавноста. Опозицијата е загрижена дека потезите на премиерот Христијан Мицкоски ја водат Северна Македонија кон политичко заложништво во однос на Унгарија. Според лидерот на СДСМ, Венко Филипче, има многу отворени прашања околу кредит, како на пример зошто целокупната сума е повлечена веднаш и граѓаните веќе плаќаат камати на пари кои не се поделени, а прашање е кога и за кој временски период ќе се поделат до компаниите и кои се критериумите врз основа на кои компаниите ќе ги добијат.