1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Византија и националните балкански и словенски држави

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
28 август 2023

Балканските и словенските национални идеологии никогаш не станаа вистински „западноевропски“. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/4VdNw
Кица Колбе
Кица КолбеФотографија: Privat

Иако денес во Македонија секој зборува за „идентитетот”, малкумина знаат дека тој поим потекнува од германската филозофија на деветнаесеттиот век. Секако, кога вели „идентитет” просечниот Македонец мисли на „националниот идентитет”. Притоа, иако тој верува дека националниот идентитет постоел од памтивек, поимот на нацијата се родил дури по Француската револуција од 1789 година, затоа што таа ги создава условите за граѓанинот, кој има права и должности. Дотогаш државите биле династии и кралства, кои имале поданици, а не граѓани. Националниот идентитет е незамислив без модерниот субјект. Тоа, пак, значи дека не може да се зборува за национален идентитет на луѓе кои живееле во предмодерното време, на пример, во десеттиот век. Затоа е апсурдно прашањето што бил по националност, на пример, цар Самуил, затоа што средновековниот цар не е граѓанин во модерната смисла на зборот. Модерниот граѓанин е многу доцен резултат во европската историја, кој не беше возможен без просветителскиот европски дух. За Имануел Кант, Просветителството значеше, пред се‘, човекот да излезе од ерата на неговата „незрелост”, за да почне да мисли со својот разум, а не според догмите на средновековната црква или на средновековните династии. Што значи, еден од најзначајните предуслови за националната држава и за модерниот национален идентитет во Западна и Средна Европа беше токму одвојувањето на државната од црковната власт.

Православието и тесниот византиски корсет

Балканските и словенските народи радо ја „позајмија” идејата за националната држава и за националниот идентитет од модерните европски национални идеологии од осумнаесеттиот и деветнаесеттиот век, но не и принципите на европското Просветителство. На Балканот и во Русија често токму црковните елити се бореле за национална држава. Во Византија православната црква и царството опстојувале во „симфонија”, затоа што царот имал големо влијание и во црквата. Православието останало во тој тесен византиски корсет и откако беа изминале неколку века од пропаста на Константинопол. На Балканот во Османлискиот период припадноста на православната вера долго била најважната и единствена идентификација, особено кај обичниот народ. Меѓутоа, кога идејата на нацијата продрела и на Балканот, токму црковните училишта ѝ служеле на борбата за национална држава. Националните автокефални цркви биле „расадниците” на националната иделогија. Затоа тие на Балканот биле во жестока конкуренција меѓу себе, бидејќи секоја сакала да освои што повеќе „души” за својата национална држава.

Кон средината на деветнаесеттиот век, низ „европска Турција”, што значи, низ Балканот, патувал рускиот научник Виктор Григоровиќ. Своите сознанија ги објавил 1848-та во делото „Запис од патувањето низ европска Турција”. Тој спис влијаел многу на европската перцепција на тогашното словенско население во Македонија, иако не бил историска или лингвистичка студија, туку патепис за православните манастири во Македонија, каде што трагал по стари византиски и словенски списи. „Етничката” посебност на населението Григоровиќ ја определувал според тоа на која православна црква припаѓа – на бугарската или на грчката. Тие „податоци” потоа стануваат „материјалот” за визијата на националните балкански држави кои, парадоксално, се повикуваат на модерните европски национални држави.

Притоа, балканските и словенските национални идеологии никогаш не станаа вистински „западноевропски”. Во нововековните национални држави на народите кои некогаш живееле во близина или во рамките на Византија, продолжи византиската „симбиоза” на црквата и државата, чии последици ги гледаме од февруари 2022 во агресијата на Русија против Украина.Правото да ја нападне Украина, во идеологијата на „Рускиот свет” за Русија потекнува од времето на „Киевска Рус” и од покрстувањето на киевскиот кнез Владимир во десеттиот век. За руската идеологија и историја тој е Русин, додека за украинското културално паметење тој е Украинец, затоа што „Киевска Рус“ е на територијата на Украина. Украинците со векови живеат таму каде што некогаш била „Киевска Рус”. Што значи, тие се идентификуваат со неа и со нејзината „приказна”, а тоа е дел од нивниот украински идентитет. Паралелата со „македонско-бугарскиот случај” е навистина очебијна. За бугарската историографија и идеологија цар Самуил е Бугарин, додека за македонското културално паметење тој е Македонец. Неговото царство било во Македонија, неговата тврдина е во Охрид, а сето тоа за Македонците станало матрица за идентификација, станало нивно колективно паметење, затоа што белезите на Самуиловото царство за нив биле видливи во нивната непосредна околина.

Византиската „симфонија” на црквата и државата

Да беа модерните словенски христијански национални држави како Русија навистина национални според модерниот просветителски европски поим на нацијата и на националниот идентитет, тие ќе „толерираа” дека „Киевска Рус” во украинското колективно паметње е украинска, а во руското, руска. Од позицијата на модерен критичен европски мислител војната против Украина е лудост, затоа што, доколку Владимир Путин навистина верува дека Киев и Украина се руски, дека се колевка на руската култура и историја, тогаш тој со војната го уништува тоа што го смета за „руска светост”. На овој аспект неодамна многу луцидно укажа православниот богослов, Асад Елиас Катан (Assaad Elias Kattan), професор по православно богословие на универзитетот во германскиот град Минстер, кога напиша дека Путин со тоа „се одмаздува на сопствената историја”. Во сличен контекст би можеле да се прашаме, доколку бугарските националистички политичари се навистина уверени дека Македонците „до 1944-та биле Бугари”, од кои причини тогаш тие им го отежнуваат патот кон ЕУ, ставајќи им вето? Нели треба да им помагаме на „своите браќа”?

Во Путинова Русија рускиот патријарх изјавува со сета сериозност дека Руската Федерација е наследничка на Византија. Затоа Русија требало да стане повторно империја и да ги освои сите територии кои некогаш ѝ припаѓале. Таа силна руска империја ќе го заштитела православието од „декадентниот Запад”. Тоа за него е легитимацијата за воената агресија против Украина. Притоа, тој заборава дека Византијците себеси секогаш се нарекувале Ромеи, што значи, Римјани, припадници на источното римско царство. Тие не размислувале со поимите нација и национална држава како рускиот патријарх и рускиот претседател. Опасниот анахронизам на идеологијата на „Рускиот свет” како наследник на Византија се состои во тоа што византискиот модел на симбиоза на политичката и црковната власт во него се реализира во еден агресивен националистички контекст. Инструментализацијата на некогашната византиската „симфонија” на црквата и државата за целите на модерните национални држави на Балканот и пошироко, не е штетна само за нивната демократска култура, туку, пред сѐ, за православната црква во која со нејзиното служење на политичката идеологија таа ја става нацијата на прво место, а со тоа од неа прави идол, што е неприфатливо за христијанската вера.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема