Русковска: По одлуката за разрешување одам во пензија
23 ноември 2023Поранешната шефица на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, Вилма Русковска повеќе не е обвинителка. Советот на јавни обвинители во четвртокот (23.11) едногласно го усвои предлогот на Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност за разрешување на обвинителката, откако против неа и уште две други обвинителки беше покрената дисциплинска постапка поради претресот во Управата за финансиска полиција и конфликтот со поранешниот директор Арафат Муареми.
Очекувана одлука
„Одлуката на Советот на јавни обвинители е очекувана“, вели за ДВ разрешената обвинителка. Русковска најавува дека по одлуката за нејзино разрешување ќе ја започне постапката за пензионирање. Не планира да се жали на одлуката на Советот на јавни обвинители.
Турбуленции
Турбуленциите околу овој случај започнаа во 2022 година. Целиот случај беше отворен по анонимна кривична пријава на 3.5.2022 година, а на 18.7.2022 започна претресот во Финансиската полиција. Тогашниот директор на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, се жалеше на суштествени недостатоци на наредбата за претрес и начинот на постапувањето при неговото спроведување. Русковска му возврати дека се работи за притисок врз работата на судот и обвинителството и дека не гледа причина за паника и нервоза доколку се работело според законите.
Судирот околу претресот во Управата за финансиска полиција резултираше со суспензија и дисциплински мерки за обвинителките кои се борат против организиран криминал.
Постапката беше отворена на предлог на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој сметаше дека има низа пропусти со случајот. Муареми во меѓувреме поднесе оставка од директорската функција, а Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во јуни годинава ги затвори предметите против Муареми, бидејќи на нашло докази дека сторил кривично дело поврзано со службата.