Велигден: Зајаци што носат јајца и пилиња што носат среќа
30 март 2024Германија, како христијанска земја, на Велигден го слави воскреснувањето на Исус. Околу самиот празник, меѓутоа, има и многу обичаи кои имаат паганско потекло и им носат пред сѐ радост за децата.
Јајца во блескави бои како симбол за живот и плодност
Во културната историјата на човештвото јајцето се среќава од дамнина. Тоа симболизира плодност и нов живот. Во стар Египет јајцата се положувале во гробовите за да се посочи на животот по смртта. И Римјаните и германските племиња се служеле со ваквата симболика. Во средниот век, кираџиите на Велигден со јајца и зајаци го порамнувале долгот спрема стопанот. На таквиот дамнешен начин на плаќање се базира и денешниот обичај да се подаруваат велигденски јајца.
Зајакот ги крие јајцата
Многу германски деца растат со традицијата на барање јајца на Велигден. Јајцата ги носи велигденскиот зајак, и не само нив, туку тој носи и чоколада, други слатки нешта и подароци. Зајакот како симбол датира од 17-ти век, а неговата улога како носач на јајцата се проширила низ целиот свет. Барањето јајца, пак, веројатно е измислица на граѓанството, затоа што приказната дека зајакот ги носи јајцата, а не дека ги снесува кокошката, тешко можела да им се продаде на децата од село. Тоа што на зајакот му припаднала таквата улога се должи веројатно на фактот дека животните прегладнети по долга зима се симнувале во селските атари и градините на куќите за да бараат храна. Бидејќи зајаците се по природа плашливи и всушност избегнуваат близина со луѓето, се верувало дека доаѓаат за да ги остават шарените јајца.
Тоа што токму зајакот е специјалист за боење и криење на јајцата е поврзано и со неговата плодност. Имено, Велигден кај христијаните важи како симбол за нов живот, како што првично тоа бил пролетниот празник за германските народи. Значи не е ни некое чудо што токму зајакот во таквата симболика има клучна улога, ако се земе предвид дека женките можат да родат и повеќепати во годината. Поради тоа, уште во времето на германската божица на плодноста Остара зајакот бил обожуван како свето животно.
Велигденското гнездо
Велигденските јајца и подароци во Германија традиционално се кријат во гнезда во дворот или дома. Барањето на јајцата симболизира барање радост и среќа. Тоа е симбол на следбениците на Исус Христос кои го барале празниот гроб на месијата и конечно ја објавиле среќната вест за неговото воскреснување.
Покрај криењето и барањето на велигденски јајца, има и многу други разиграни традиции, кои се омилени пред сѐ кај децата за време на Велигден, како натпреварите кој ќе најде повеќе јајца или изработувањето на разни украси за Велигден.
Велигденското пиленце - симбол на воскреснувањето
Во христијанството, велигденското пиленце е симбол на воскреснувањето на Исус Христос по распнувањето на крстот. Штотуку испиленото пиленце симболизира нов живот и нов почеток, кој се поврзува со Велигден. Затоа без него веќе не може да се замисли велигденска декорација.
Велигденски оган
Во многу земји, а особено во Европа, палењето велигденски оган е стара традиција. Огнот ја симболизира светлината која Христос ја донел на светот и често се пали во саботата спроти Велигден. Тоа било обичај уште на старите германски племиња. За нив огнот го симболизирал сонцето, кое овозможува живот на земјата. Со велигденските огнови напролет се поздравувало сонцето како заштитник на плодноста и на новиот раст. На некои места луѓето во долините пуштале запалени тркала, на други пак на запален крст врзувале кукла од сено која го претставувала Јуда, предавникот на Исус Христос. Во многу земји, а особено во Европа, палењето велигденски оган е стара традиција.
Велигденски процесии
Во некои верски заедници во Германија има и процесии, во кои често се претставуваат сцени од Библијата или се носат верски симболи. Стар обичај во покраините Бранденбург и Саксонија е велигденското јавање со крстот или други христијански симболи низ полињата. Така треба да биде благословена сеидбата за да има богата жетва напролет.
Меѓународни варијации на симболите
Додека во Германија најпознати симболи се велигденскиот зајак и пилето, во светот има различни варијации на празникот. Во некои региони јајцата не ги носи зајакот, туку велигденската лисица. Во Шведска тоа е задача на велигденскиот петел, а во Швајцарија на кукавицата, која инаку е попозната дека краде јајца. Во некои култури јајцата ги носат митолошки суштества. Во Австралија пак, работата со јајцата ја презема еден вид глодар загрозен од изумирање - го викаат „Билби“.