1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоГерманија

Устав на Германија: 75 години Основен закон

23 мај 2024

Уставот од 1949 година беше менуван многупати и до обединувањето на Германија важеше само на Запад. Особено контроверзно беше основањето на Бундесверот и реформата на законот за азил.

https://p.dw.com/p/4g8QL
Германија Устав
Основните права предвидени со Уставот, вклучително и членот 3, може да се прочитаат на стаклените ѕидови веднаш до германскиот БундестагФотографија: Karl-Heinz Sprembe/picture alliance

„Човековото достоинство е неприкосновено“ – вака почнува членот 1 од Основниот закон. Оваа прва реченица од Уставот беше напишана под впечаток на невидената вина на нацистичка Германија. Таа беше одговорна за Втората светска војна од 1939 до 1945 година и за убиството на шест милиони луѓе од еврејска вероисповед низ Европа.

1949: Донесен е Основниот закон

Кога Основниот закон беше објавен на 23 мај 1949 година, тој се однесуваше само на Сојузна Република Германија, која беше основана истиот ден. Таа произлезе од трите окупациски зони на западните победнички сили од Втората светска војна: САД, Велика Британија и Франција. Советската окупациска зона (СБЗ) беше на исток. Од неа настана Германска Демократска Република (ГДР) на 7 октомври 1949 година, што всушност беше диктатура управувана од Партијата на социјалистичко единство на Германија (СЕД).

Мајките (4) и татковците (61) на Основниот закон сметаа дека поради поделбата на Германија нивната работа е привремена. На ова често се потсетува по повод 75-годишнината од германскиот Устав, вклучително и од страна на историчарот од Потсдам, Мартин Сабров, на настан организиран од Сојузната фондација за соочување со диктатурата на СЕД: „Ова не требало да биде траен Устав, туку преодно решение додека целиот германскиот народ не донесе слободно одлука за тоа.“

Германија обединување
Од Денот на германското обединување, на 3 октомври 1990 година, кој беше воведен со голема прослава во Берлин, Основниот закон е на сила низ цела ГерманијаФотографија: Jörg Schmitt/dpa/picture alliance

1990: Устав за обединета Германија

Историскиот момент за тоа можеше да биде повторно обединување на Германија во 1990 година, откако луѓето во мирна револуција го урнаа Берлинскиот ѕид и режимот на ГДР. Но, нов Устав не беше усвоен.

„Иако беше иницирана дебата за Устав на обединетата држава, оваа идеја не можеше да добие мнозинство во Германија“, објаснува политикологот Астрид Лоренц од Универзитетот Лајпциг. „Главната причина гласеше: Основниот закон се докажа, нов Устав е непотребен. Се посакуваше стабилност.“

30 години обединета Германија: Што остана од Берлинскиот ѕид?

1956: Бундесверот и случајот на одбраната

И покрај тоа што не беше изготвен нов Устав, Основниот закон со текот на времето беше променет речиси 70 пати - промени поттикнати од длабоки општествени и геополитички промени. Особено контроверзно беше повторното вооружување, заедно со приклучувањето кон Северноатлантската одбранбена алијанса (НАТО). За таа цел, Основниот закон во 1956 година беше менуван неколкупати за да може да се формира Бундесверот и да има уставна заштита на таканаречениот одбранбен случај во случај на напад.

Канцеларот Аденауер во посета на вооружените сили
Канцеларот Конрад Аденауер во посета на вооружените сили во јануари 1956 годинаФотографија: Alfred Hennig/dpa/picture alliance

1968: Ограничување на основните права во итни ситуации

Таканаречените „закони за вонредни ситуации“, донесени во 1968 година, исто така донесоа сериозни промени. Со тоа требаше да се обезбеди способност на државата да дејствува во кризни ситуации. Ова првенствено се однесува на природни катастрофи, востанија и војни. Оваа уставна промена овозможи, меѓу другото, распоредување на Бундесверот на територија на земјата и ограничување на основните права. Во вонредни ситуации, дозволено е и тајно следење на комуникациите.

1993: Ограничување на правото на азил

Три години по повторното обединување на Германија, во 1993 година беше сериозно ограничено правото на азил и беше променет Основниот закон. Причина беше наглото зголемување на барањата за политички азил, што доведе до огромни социјални тензии и зајакнување на десниот екстремизам. Откако е направена реформата, стана можно да се депортираат луѓе без германски пасош во земји кои се класифицирани како „безбедни земји на потекло“. Неодамна, на оваа листа беа додадени и Грузија и Молдавија.

2009: Кочница за задолжување против задолжувањето на државата

Со цел да се ограничи државното задолжување, во 2009 година беше воведена т.н. „кочница за задолжување“ која е инкорпорирана во Основниот закон. Со тоа сериозно се ограничува годишното задолжување. Исклучоци се дозволени само во случај на природни катастрофи, како што беше онаа во долината Ар, или непредвидлива криза, како што беше пандемијата на корона. Во 2023 година, сојузната влада ја суспендираше кочницата за задолжување по почетокот на руската инвазија на Украина. Требаше да се финансира посебен фонд за да може да се финансира помош за нападнатата земја и пред сѐ набавка на оружје. Со оглед на тоа што Германија и во 2024 година страда од економски проблеми и застој на инвестиции, многумина сега бараат општо олабавување на должничката кочница.

Германија долгови часовник
И покрај должничката кочница закотвена во Основниот закон, Германија продолжува да се задолжува, иако не толку како пораноФотографија: Dirk Sattler/IMAGO

Уставни измени само со двотретинско мнозинство

За секоја промена на Основниот закон се применува следново: Тоа е можно само доколку се согласат две третини од членовите на германскиот Бундестаг и на претставништвото на покраините (Бундесрат). Ова има за цел да спречи Уставот да стане играчка за дневнополитички цели. Пред сè, станува збор за заштита на демократијата од потенцијални непријатели. Ним би им било сосема лесно кога уставните измени би се изгласувале со просто мнозинство. На овој начин, принципот на владеење на правото би можел брзо да биде поткопан.

Севкупно, Основниот закон, кој постојано беше менуван, се докажа во текот на 75-те години од своето постоење - во тоа главно се согласуваат експертите од политиката и науката. Германскиот Устав исто така има добра репутација на меѓународно ниво и послужи како модел за многу земји со минато на диктатура. Основниот закон е исто така доста популарен меѓу Германците. Ова е резултат на студијата на Меркатор форумот за миграција и демократија на Универзитетот Дрезден. Резултат: 81 отсто од анкетираните се со став дека Основниот закон се докажал, само шест отсто се изјасниле со „не“.

Нема референци за мирната револуција во ГДР

Политикологот Астрид Лоренц, која е родена во ГДР, сè уште одвреме-навреме си поставува прашање: „Дали беа научени лекции од уставната дебата по германското обединување?“ Од нејзина гледна точка, одговорот на ова прашање е многу јасен: „Во Основниот закон речиси и да нема референци за историјата на Источна Германија и мирната револуција“.

Директорката на Сојузната фондација за соочување со диктатурата на СЕД, Ана Камински, посакува поширок поглед на Основниот закон: „Датумот исто така треба да биде повод да се потсетиме дека секогаш имало храбри луѓе во Советската окупациска зона и ГДР кои ја ризикувале својата егзистенција или дури и своите животи за и за источниот дел на Германија да ги бараат правата и слободите што постоеја на Запад.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема