1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Универзална - Пепел на солидарноста

10 април 2024

Сега, кога објектот изгоре, на Универзална сала и остана само функцијата за политичко препукување и меѓусебно обвинување. Ќе биде и тоа чудо за три дена и ќе се заборави. Пишува Никола Тодоров.

https://p.dw.com/p/4ebHI
Новата влада, меѓу првите одлуки ќе мора да донесе и одлука за рушење на опожарениот објект на Универзална и изградба на комплетно нов објект, затоа што неодговорноста и неспособноста денес добија свој нов, одвратно грд споменик.
Новата влада, меѓу првите одлуки ќе мора да донесе и одлука за рушење на опожарениот објект на Универзална и изградба на комплетно нов објект, затоа што неодговорноста и неспособноста денес добија свој нов, одвратно грд споменик.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Секоја нова влада го трасира патот по кој ќе се движи врз основа на првите одлуки кои ќе ги донесе веднаш по нејзиното формирање. Тоа е најважниот период затоа што со првите одлуки не само што се испраќа порака до гласачите за приоритетите, туку и се гледа каква ќе биде посветеноста на новата влада кон граѓаните како суверен на државата. Првите одлуки и првите посети на домашен и меѓународен план се најважните политички потези на една влада и еден лидер. Велат по утрото денот се познава, па така и дали новата влада ќе биде добра или лоша во голема мера зависи и од тоа кои ќе бидат нејзините први одлуки.

Како што сум целосно убеден дека првата одлука на новата влада мора да биде поврзана со ЕУ и придвижувањето на овој наш евроинтегративен процес, со цел Македонија да стане далеку попристојно место за живеење од тоа што е сега, така посакувам како поранешен министер за здравство и образование, втората и третата одлука, на првата владина седница, да бидат поврзани со здравство и образование.

Во мојата претходна колумна пишував за реформите и антиреформите, за да завршам со скандинавски предлог за креирање на заедничка државна програма во здравството и образованието, која би се донела во собранието подржана од клучните политички чинители од власта и опозицијата. Сепак, потенцирав и дека партијата која ќе победи, го добива правото во наредни четири години да ја реализира визијата која ја претставиле на гласачите пред и за време на изборите. Во истата таа колумна се осврнав на три важни проекти во здравството, а напишав и критика за неизградбата на зградата на ФИНКИ.

Возобновување на државната детска кардиохирургија

Новата влада уште на првата седница, по одлуката за придвижувањето на ЕУ интегративниот процес, да донесе одлука за продолжување на изградбата на зградата на ФИНКИ, со прецизен план како за околу една година, овој важен проект да се пушти во употреба и студентите и професорите од ФИНКИ да добијат нов и репрезентативен објект како што доликува на еден од најдобрите факултети во државата.

Кои треба да бидат првите одлуки на новата македонска влада по изборите?
Кои треба да бидат првите одлуки на новата македонска влада по изборите?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

После повеќе од половина век чекање и надеж дека ќе се направи, профункционира детската државна кардиохирургија. Од почетокот на функционирањето некаде во 2013 година, до крајот на нејзиното функционирање во 2018 година, во Детската кардиохирургија се извршени над 200 кардиохируршки интервенции кај деца. Над 50 проценти од интервенциите беа сработени комплетно од македонски тим, а под надзор на американските лекари кои повеќе пати годишно престојуваа тука. Во минатото, децата и бебињата кои имаа потреба од кардиохируршки интервенции беа испраќани во странство, што претставуваше финансиски и психолошки товар за семејствата. Денес, за жал, не постои државна, туку само приватна детска кардиохирургија. Точно е дека е бесплатна за пациентите, но точно е и дека во клиничкиот центар во Скопје постоеше државна детска кардиохирургија, а денес не постои. За компарација, пред тоа имаше приватни адултни кардиохируршки центри, но сонувавме да направиме и државна кардиохирургија. Потоа во 2014 година ја направивме и одлично функционира, а приватните не пропаднаа. Така и со детската кардиохирургија. Не велам дека треба да се уништи приватната, ама греота е нешто што успешно функционирало во државното здравство денес да не постои. Затоа предлагам меѓу првите одлуки на новата влада да биде возобновување на државната детска кардиохирургија во рамки на клиничкиот центар во Скопје.

Меѓу првите одлуки на новата влада би сакал да биде дигитализацијата на секој сегмент од администрацијата, со постепено воведување и примена на вештачката интелигенција во јавниот сектор. Со досегашните реформи не се прославивме, па очекувам вештачката интелигенција да биде таа преку која, конечно ќе успееме целосно да ја трансформираме администрацијата. Вештачката интелигенција има значаен потенцијал да ја преобрази јавната администрација и да ја подобри ефикасноста, пристапноста и квалитетот на услугите што ги нуди државата на своите граѓани. Но, прво треба да одлучиме дека бројот на вработени во администрацијата треба да се намалува, а не да остане ист или уште полошо да се зголемува.

Како што првата одлука на новата Влада посакувам да биде поврзана со откочувањето на ЕУ-интегративниот процес, така очекувам и првата посета на новиот премиер да биде во Брисел или Вашингтон, а првата посета во регионот да биде на некоја од земјите кои се наши сојузници во НАТО.

Изгоре продуктот на светската солидарност

Додека ја пишувам оваа колумна и размислував за убави работи, разбрав дека гори Универзална сала. Изгоре до темел. Со неа изгоре и совеста, а излезе на виделина срамот. Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме со помош на целата наша заедница тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството на југословенската и светската солидарност. Ова биле зборовите на Тито по кои се изградила универзална сала, како дел од светската солидарност. Со пеплосувањето на Универзална, изгоре продуктот на светската солидарност и еден од спомениците на антиреформите.

Со пожарот во Универзална сала изгоре и совеста а на виделина излезе срамот
Со пожарот во Универзална сала изгоре и совеста а на виделина излезе срамотФотографија: Petr Stojanovski/DW

Универзална, стана пепел на солидарноста. Универзална, оставена така да скапува, повеќе беше предмет на политички препукувања, отколку објект кој се гради или реконструира. Сега, кога објектот изгоре, на Универзална и остана само функцијата за политичко препукување и меѓусебно обвинување. Ќе биде и тоа чудо за три дена и ќе се заборави. Но, кога и тоа ќе се заборави, ќе останат само изгорените контури на Универзална, за да не потсетува колку назадувавме. Новата влада, меѓу првите одлуки ќе мора да донесе и одлука за рушење на опожарениот објект на Универзална и изградба на комплетно нов објект, затоа што неодговорноста и неспособноста денес добија свој нов, одвратно грд споменик.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.