1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина: Уништената брана погубна за земјоделието

Еуген Тајзе
1 јули 2023

Илјадници хектари земјоделско земјиште на југот на Украина ќе станат неплодни како последица на уништувањето на огромната брана Нова Каховка. Последиците долгорочно би можеле да се почувствуваат и на глобално ниво.

https://p.dw.com/p/4Sn4c
Без акумулацијата Каховка, големите канали за наводнување на левиот брег на Дњепар повеќе не можат да се напојуваат со вода
Без акумулацијата Каховка, големите канали за наводнување на левиот брег на Дњепар повеќе не можат да се напојуваат со водаФотографија: Nina Liashonok/Ukrinform/ABACAPRESS/IMAGO

„Мојата земја и онака не може да ја обработувам откако се тука окупаторите. Но, сега нема да има ни вода”, вели украинскиот селанец Васил Р. во разговор со ДВ. „Минатиот февруари Русите дојдоа и најавија дека нивите и целата сопственост на мојата фирма ќе бидат ‘национализирани’”, додава тој. Од безбедносни причини морал да ги напушти окупираните територии и не сака да му биде објавено вистинското име за да не ги загрози родителите кои уште живеат таму.

И многу други селани од Херсон се со слична судбина како Васил Р. Регионот од пролетта 2022 во поголем дел е окупиран од Русија, исто како и соседниот Запорожје. Многу жители пребегаа во други украински области.

Нема посев без вода

Само неколку месеци по национализирањето на земјиштето, за Васил Р. вториот голем шок бил уништувањето на огромната брана Нова Каховка. Од 6 јуни три илјади хектари кои биле дел од неговата компанија, веќе се отсечени од снабдувањето со вода и постои опасност да станат неплодни. Страшна вест за него и за бројни други селани од сушната јужна Украина, каде според украинското министерство за земјоделие погодени се речиси 600.000 хектари кои без водата од уништената брана не може да бидат обработувани. Пред војната тука се жнееле до четири тони житни култури во вредност од 1,5 милијарди долари.

Уништената брана Нова Каховка и вештачкото езеро кое се излева од неа
Уништената брана Нова Каховка и вештачкото езеро кое се излева од неаФотографија: TASS/Imago

Покрај луѓето од Херсон и Запорожје, и селаните од анектираниот Крим губат секаква перспектива заради уништувањето на браната. Северниот канал на Крим кој исто така се полнеше од огромниот резервоар од браната на Дњепар, според експертите наскоро ќе пресуши.

Пред сѐ погодени окупираните области

Во однос на целокупната украинска економија, пресушувањето на овие површини веројатно ќе има многу ограничени последици. Погодените места се во најголем дел на окупираните територии. Производството од таму уште од 2022 не доаѓа до украинскиот пазар, заради што уште тогаш имаше голем скок во цените на земјоделските производи. Увозот на зеленчук порасна за 66 проценти.

Херсон пред војната произведуваше 12 проценти од целокупното производство на зеленчук во земјата со удел од само два проценти во земјоделско обработливи површини. Од почетокот на војната Украина загуби 36 проценти од жетвата на домати. „Доматите од југот се најдобрите, посебно се слатки по вкус. Со добро наводнување убаво зреат под јужното сонце”, вели Јуриј Лупенко од Институтот за земјоделско стопанисување од Киев. Без вода од браната на Нова Каховка селаните од југот ја губат основата за егзистенција, а зеленчукот може трајно да стане недостапен, предупредува Лупенко.

Лоши вести во борбата со гладот

За украинскиот извоз на житни култури уништувањето на браната нема директни последици, затоа што погодените области од 2022 и онака се отсечени од меѓународните пазари. Сепак секоја лоша вест од Украина доведува до промени на цените, предупредува професорот по земјоделие Штефан фон Крамон Таубадел од „Георг Август” универзитетот во Гетинген. „Тензијата потекнува  и од кумулираните несигурности. Цените може многу да сконат ако се прошират информациите”, вели професорот.

Веднаш по уништувањето на браната цените на житните култури на меѓународните пазари во просек е порасната за три проценти. Нервозата ќе трае сѐ додека продолжува руската војна против Украина, нагласува фон Крамон Таубадел.

Добри жетви во најважните земјоделски земји како Русија, а и позитивните прогнози за 2023, на увозниците меѓу кои и многу посиромашни земји од глобалниот југ, им овозможија релативно ниски цени. Но, на долг рок светот во борбата со гладот не може да се откаже од големи делови од украинското производство, нагласува експертот.

Во областите кои сега опустошуваат, пред војната беа жнеени 4 милиони тони жито годишно
Во областите кои сега опустошуваат, пред војната беа жнеени 4 милиони тони жито годишноФотографија: Alexander Reka/TASS/dpa/picture alliance

„Ако овој регион среднорочно биде сѐ повеќе обележан од штети од војната како уништувањето на браната, тогаш ќе биде како едната рака да ни е врзана во борбата против глад во светот", вели фон Крамон Таубадел. Тој потсетува на тоа како Русија постојано го ставаше под прашање продолжувањето на договорот за житни култури и со тоа и извозот од Украина, што пак предизвикуваше тензии.

Нема откажување од надежта за нов почеток

Васил Р., селанецот од Херсон во егзил, сега живее во западна Украина. Тој сета надеж ја полага во украинската армија, која со противофанзива треба да ги протера руските окупатори. „Ќе се вратиме и ќе го обновиме нашето земјоделско производство. Ќе биде тешко затоа што ќе мора длабоко да копаме во потрага по вода, а тоа ќе ни одземе најмалку три до пет години”, вели тој, но сепак не помислува да се откаже.

Реално, изгледите за селаните во јужна Украина се сѐ освен розови. Многумина заради борбите или неможноста да ги продаваат производите, мораа комплетно да прекинат со своето производство. И логистиката ќе страда заради уништувањето на браната, затоа што Дњепар во последната отсечка пред да се влее во Црното Море веќе нема да биде пловен. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема