1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убедлива победа на Лабуристите – Стармер вети нов почеток

Тагесшау
5 јули 2024

На парламентарните избори во Велика Британија, според прогнозите објавени од Би-Би-Си, опозициските Лабуристи освоиле 410 од 650 места во Долниот дом. Кој е веројатниот иден премиер Кир Стармер?

https://p.dw.com/p/4htQF
Кир Стармер
Кир Стармер, веројатниот иден премиер на Велика БританијаФотографија: Kin Cheung/AP Photo/picture alliance

Лабуристичката партија постигна апсолутно мнозинство на изборите за британскиот Долен дом. Според делумните резултати, партијата во петокот наутро имаше повеќе од 400 места - за апсолутно мнозинство потребни се најмалку 326 места. Досега  владејачките Конзервативци  на  премиерот Риши Сунак  можат да сметаат на 144 мандати, повеќе од 200 помалку во однос на претходните избори, со што го претрпеа својот најголем пораз од почетокот на 20 век и, како што се очекуваше, беа јасно надгласани.

Тоа ќе резултира со  промена на власта во Велика Британија.

Лидерот на Лабуристите Кир Стармер ѝ вети на земјата „национална обнова“. Со изборната победа на неговата партија, тој сега ќе стане нов британски премиер. „Денес го започнуваме следното поглавје - ја започнуваме работата на промените, мисијата за национално обновување и обнова на нашата земја“, рече Стармер во својот победнички говор на изборна забава во центарот на Лондон.

„Ние го направивме тоа!“ им извика Стармер на поддржувачите. „Промената започнува овде. Отсега важи мотото: „Прво државата, па партијата“.

Сепак, мандатарот предупреди дека промената не може да се случи преку ноќ. Идната лабуристичка влада има „напорна работа“ пред себе. „Не е доволно да се притисне копче за да се смени земја“, нагласи Стармер. Тој зборуваше за „трансформирана Лабуристичка партија“ која е „подготвена да ѝ служи на земјата“.

Но, кој е всушност Кир Стармер? Дали е можеби премногу здодевен за да стане нов премиер - го прашалa неодамна една новинарка. Изгледа како некаков политички робот, критикуваше гостин во дискусија на телевизија во Велика Британија. Британските весници го опишуваат како „срна пред фарови".

Кир Стармер и Риши Сунак на ТВ изборен дуел
Кир Стармер и Риши Сунак на ТВ изборен дуелФотографија: Phil Noble/dpa/picture alliance

Лидерот на Лабуристичката партија не е многу динамичен. И само понекогаш доживува мала вербална „експлозија“. Оние кои сакаат политички театар треба да одат во Клактон на море, вели тогаш Стармер. Имено, во Клактон како кандидат на десничарската популистичка партија Реформа УК се појави расположениот Најџел Фараж. Стармер, како што вели, сака да стане премиер, „не директор на циркус“.

Приказната за подемот

На Стармер добро му прилегаше предизборниот слоган на Лабуристичката партија: „Промени“. Тоа е збор кој на прв поглед може да изгледа како суво, безлично решение. Промени всушност нудат сите опозициски партии.

Но, тоа е токму она по што копнееја повеќето Британци по 14 години владеење на Ториевците. Граѓаните бараат ново раководство. Некои весници дури ја поставуваат тезата дека Стармер е еден вид „г. Досаден", односно како „антипопулист“, токму она што ѝ е потребно на земјата во овој момент.

Приказната на Стармер е приказна за подем во кариерата. Неговиот татко бил изработувач на алатки, а мајка му медицинска сестра. Парите честопати не биле доволни. Стармер знае тоа да го истакне во интервјуата, веројатно за да даде дополнителни контури на својата биографија. Затоа што повеќето пратеници во Вестминстер доаѓаат од средна класа или богати семејства. Тој морал сам да се искачува во животот.

Неговата мајка била тешко болна. Во семејниот дом, значи, немало многу простор за емоции. И тоа е причината за неговиот карактер, вели Стармер додека зборува за себе.

Сер Кир

Како адвокат специјализиран за областа на човековите права, Стармер ги бранеше еколошките активисти против Мекдоналдс, се избори за компензација за рударите, ги застапуваше осудените на смрт во земјите од Комонвелтот. Лидерот на британската опозиција своевремено беше и „хрватски адвокат“, односно член на хрватскиот правен тим во постапката против Србија за геноцид. Пред шест години, пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, тој објасни што се случило во Вуковар и што се случило за време на операцијата „Бура“.

Британските судови се многу формални места со строги правила. Некои експерти сметаат дека ова е причината зошто Стармер често извлекува подебел крај во ТВ дебатите во судирите со екстровертните популисти. Тој наводно бил инспирација за ликот на малку несмасниот адвокат Дарси во филмовите за Бриџит Џонс. Романтична комедија во која главната протагонистка се вљубува во тој човек, кој едноставно не може да излезе од својата кожа, но е таков каков што е...

Подоцна Стармер зазеде водечка позиција во Државното обвинителство, работа што му ја донесе титулата витез, „Сер“ - и која исто така беше мотивација на неговите противници за нови напади.

Доцен почеток...

Стармер влезе во политиката релативно доцна, „за да го направи светот подобро место“. На 52 години, тој освои место во парламентот пред Џереми Корбин да стане лидер на Лабуристите и да го покани Стармер да се приклучи на неговиот „кабинет во сенка“.

Социјалистот Корбин, мора да се признае, беше многу популарен во партиската база, но во партијата имаше многу незадоволство поради него. Форсираше остар левичарски курс и можеа да се слушнат гласни приговори дека толерира антисемитски тенденции во сопствените редови. На  изборите во 2019 година,  партијата на Корбин постигна еден од најлошите резултати во својата историја - тогаш Лабуристите освоија само 202 од вкупно 650 места во парламентот.

Ако му се верува на биографот Том Болдвин, Стармер одамна почнал да планира да го преземе раководството на партијата. И успешно. Тој дојде на раководството на Лабуристите во 2020 година со цел повторно да ја обедини партијата и да го подобри нејзиниот слаб рејтинг.

Кир Стармер
Кир Стармер на локалните избори во Велика Британија во мај 2023 година - нова ориентација на партијатаФотографија: Gareth Fuller/dpa/picture alliance

И направи радикални промени. Стармер избрка многу членови поради наводни антисемитски тенденции, остро се спротивстави на левичарското лабуристички крило, се залагаше претставникот на левото крило Корбин повеќе да не може да настапува како партиски кандидат. Критичарите зборуваа за партиска „чистка“, а Стармер од тие времиња се опишува како „немилосрден“.

„Претставник на центарот"?

Стармер потоа ја врати партијата во политичкиот центар. Погласно почнаа да се дискутираат теми како „закон и ред“, а дискусиите за национализација или зголемување на даночните стапки стивнаа. За време на оваа изборна кампања, Лабуристите ги занемарија градовите кои се „студентски упоришта“ и наместо тоа се концентрираа на гласачите на нивниот поранешен „црвен ѕид“, кои се центрите во кои Лабуристите традиционално се силни, центрите што ги загубија на изборите во 2019 година. односно областите кои тогаш ги освоија Конзервативците.

Симпатизерите на Стармер велат дека тој е прагматичен, дека е „човек од центарот“. Критичарите тврдат дека тој ги менува своите ставови во зависност од тоа на кој начин дува ветерот, дека ги заборава своите ветувања...

Неговиот биограф Болдвин вели дека тој постапува поинаку од повеќето политичари, дека се однесува како адвокат, значи тактички. Наместо да има некоја голема визија, а потоа да мора да прави компромис кога ќе се појави првата голема пречка, Стармер претпочита помали, практични маневри и потоа напредува на својот пат, вели Болдвин.

Свртување лево?

Дали навистина е „човек од центарот“ или сепак е стратег? Тоа засега е отворено прашање. Политикологот Тим ​​Бејл од лондонскиот универзитет „Кралицата Мери“ не ја исклучува можноста Лабуристите на Стармер во иднина да направат уште едно вртење во лево.

Кир Стармер не е голем оратор како поранешниот премиер Тони Блер, кој во 1997 година им донесе голема победа на Лабуристите и во исто време стана симбол на нов почеток во земјата. Ниту, пак, Стармер е радикален социјалист како Џереми Корбин. За некои, како гореспоменатиот гостин на ТВ дебата, тој е политички робот. Во секој случај, јасно е дека Стармер за многу кратко време ги направи Лабуристите интересна опција. Партија за која луѓето беа подготвени да гласаат. И тоа повеќе од двојно отколку во 2019 година.