1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Турција на Балканот: Економско-сентиментален дисбаланс

Драган Максимовиќ
7 септември 2022

Тридневната турнеја на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Балканот продолжува во Србија, а ќе заврши со посета на Загреб. Првата станица беше Босна и Херцеговина.

https://p.dw.com/p/4GVuS
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е на тридневна турнеја на Балканот (архивска фотографија)
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е на тридневна турнеја на Балканот (архивска фотографија)Фотографија: picture-alliance/AA/A. Bolat

Патувањето на граѓаните на Босна и Херцеговина во Турција само со лични карти, решеноста да се продолжи со почеток на изградбата на автопатот Сараево-Белград и неколку потпишани меморандуми, заедно со „очекувано подобрување наекономската соработка меѓу двете земји“, е епилогот од посетата на претседателот на Турција,Реџеп Таип Ердоган на Босна и Херцеговина. Средбите со членовите на Претседателството на БиХ и на Парламентот беа на дневен ред вчеравечер, пред заминувањето за Белград. Турскиот претседател таму остварува средба со неговиот српски колега Александар Вучиќ, по што е планиран српско-турски бизнис форум.

Економско-сентиментален дисбаланс

За сликата да биде појасна: само во последните четири години обемот на трговската размена меѓу Србија и Турција е двојно зголемен - од 800 милиони на 1,7 милијарди долари. Извозот на БиХ во Турција минатата година изнесувал околу 200 милиони евра, додека увозот од Турција е зголемен за над 40 отсто и изнесувал околу 600 милиони евра, покажуваат податоците на стопанските комори во БиХ.

Извозот на БиХ во Турција минатата година изнесувал околу 200 милиони евра, додека увозот од Турција изнесувал околу 600 милиони евра
Извозот на БиХ во Турција минатата година изнесувал околу 200 милиони евра, додека увозот од Турција изнесувал околу 600 милиони евраФотографија: DW/J. Danisman

Од друга страна, турските инвестиции во БиХ најмногу се реализираа преку проектите на ТИКА, Вакуфската дирекција и други организации. Според расположливите податоци, ТИКА во последните 25 години во БиХ инвестирала речиси 400 милиони долари, додека од државните институции се вложени околу 50 милиони.

Аналитичарите сметаат дека не треба да се очекува голема нерамнотежа меѓу пријателските, историските или сентименталните чувства меѓу еден дел од Босна и Херцеговина и Турција и анимозитетот на Република Српска преку обвинувања за неоотомански амбиции. Напротив. Токму тоа е столбот на сѐ.

„Очигледно е дека Милорад Додик го смета Ердоган за голем државник затоа што преку него го гледа интересот на Србија и се труди да ги одржува тие односи што е можно поблиски. Така што, нему му е поважно Турција да гради фабрики во Србија, додека за етнонационалните лидери во БиХ поважна е верската компонента“, вели политичката аналитичарка Тања Топиќ. Таа потенцира дека за е важен уште еден елемент, а тоа е појавувањето на Ердоган како врска со Русија и Путин.

Топиќ: На Додик му е поважно Турција да гради фабрики во Србија, додека за етнонационалните лидери во БиХ поважна е верската компонента
Топиќ: На Додик му е поважно Турција да гради фабрики во Србија, додека за етнонационалните лидери во БиХ поважна е верската компонентаФотографија: DW/A. Slavnic

Руска поврзница

„Русија јавно ги фали Ердоган и Турција, сметајќи ја за пријателска земја и важен партнер во меѓународната политика. Има еден заеднички именител во односот на локалните лидери од Босна и Херцеговина кон турскиот претседател, иста вредносна рамка во која тие работат - автократски, со задушување на слободата на медиумите и мислењето“, вели Топиќ, предупредувајќи дека оваа посета може да предизвика проблем за Хрватите во Босна и Херцеговина, бидејќи Ердоган беше категорично против наметнување на измените на Изборниот закон од страна на високиот претставник Кристијан Шмит.

„Интервенцијата на Високиот претставник би била интервенција против демократскиот процес, која ние воопшто не ја поддржуваме“, рече Ердоган, кој беше поддржан од бошњачкиот и хрватскиот член на Претседателството, Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ.

„Исто така, факт е и мислам дека треба да се нагласи стабилизирачката улога во Босна и Херцеговина и во целиот регион од страна на Ердоган и политиката која што тој ја спроведува. Сигурен сум дека оваа соработка ќе продолжи со исто темпо и во иста насока како што ја имавме досега“, оптимист е Комшиќ.

Додик и Ердоган по потпишувањето на неколку билатерални договори во Анкара, 2.05.2019
Додик и Ердоган по потпишувањето на неколку билатерални договори во Анкара, 2.05.2019Фотографија: picture-alliance/AA/M. Kula

Политички цинизам

Сепак, аналитичарите оценуваат дека се стекнува впечаток оти е создаден некаков политички сојуз „против“ Западот. Ова можеби најдобро се огледува во реакцијата на Ердоган на изјавата на српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, кој се насмеа на неговата изјава дека Шмит се претставува лажно и дека треба да биде протеран од БиХ.

„Ако прифатиме некој да ни влезе овде и да се претставува како Висок претставник само затоа што доаѓа од голема европска нација како Германија, тогаш тоа можеме да го очекуваме и во наредните години“, рече Додик, додавајќи дека Шмит се претставува лажно, затоа што не бил потврден од Советот за безбедност на ОН и дека треба да биде исфрлен од Босна и Херцеговина, на што Ердоган се насмеа.

Аналитичарите сметаат дека се прават напори да се затвори кругот на држави за кои Додик инсистираше дека се клучот за решавање на проблемите во БиХ, уверен дека ги разбираат политичките односи во земјата.

„Самиот однос кон Шмит, изразен и овојпат, окуражен од ставовите за поддршка на турскиот претседател, претставува продолжение на крајно негативната кампања кон Германија“, заклучува Топиќ.

Цинизам е, додава таа, за протерување на функционери од Германија, која е најголемиот надворешнотрговски партнер на Босна и Херцеговина, каде живеат и работат милиони луѓе од Босна и Херцеговина, да се разговара во друштво на автократи кои до неодамна беа напаѓани како неоосманлии и кои мислат дека можат да владеат со овие простори како пред петстотини години.