Укинати летовите од Скопје до Келн, Копенхаген и Стокхолм
29 октомври 2024Владата неодамна најави три нови летови од скопскиот аеродром со компанијата „Визер“, а со стапување на сила на зимскиот распоред, оваа унгарската нискобуџетна авио-компанија укинува три авиолинии од Скопскиот аеродром, и тоа за Келн, Копенхаген и Стокхолм.
„Визер“ се повлекува од Келн поради високите цени за услуги и давачки што ги воведе аеродромот Келн-Бон. За да се надомести интересот за тој дел од Германија, компанијата ќе ги зголеми фреквенциите од Скопје за Дортмунд, па така во ноември и декември ќе има летови по шест пати неделно, а за Нова година и Божиќ ќе лета секој ден.
Зимска сезона на летање до 37 дестинации
Во периодот од 27 октомври до 29 март 2025 година трае зимската сезона на летање. Според податоците објавени на страницата на Агенцијата за цивилно оздухопловство, на Меѓународниот Аеродром Скопје ќе одржуваат воздушен сообраќај 15 авиопревозници: Austrian Airlines, Air Serbia, Aegean Airlines, АJet, Croatia Airlines, Lot Polish Airlines, Lufthansa, Wizz Air Hungary, Wizz Air UK, Wizz Air Malta, Turkish Airlines, Pegasus Airlines, Sun Express Airlines, Edelweiss Air AG и Chair Airlines.
Тие ќе летаат на 37 линии: Виена, Белград, Атина, Сараево, Загреб, Варшава, Франкфурт, Будимпешта, Сандефјорд, Гетеборг, Малме, Ајндховен, Брисел, Париз, Дортмунд, Фридрихсхафен, Меминген, Франкфурт Хан, Базел, Нирнберг, Берлин, Милано, Хамбург, Салзцург, Венеција, Бремен, Братислава, Рим, Баден Баден, Малта, Болоња, Љубљана, Лондон, Истанбул, Измир, Анталија и Цирих.
На аеродромот „Св. Апостол Павле-Охрид” ќе одржуваат воздушен сообраќај четворица авиопревозници: Edelweiss Air AG, Wizz Air Hungary, Wizz Air Malta и Chair Airlines кои ќе летаат за Цирих, Дортмунд, Виена и Меминген.
Нови линии
Деновиве министерот за транспорт, Александар Николоски, најави дека од аеродромите во Скопје и во Охрид од идната година ќе се лета до шест нови дестинации - Дубаи, Барселона, Лион, Штутгарт, Базел и Истанбул.
Четири нови авионски линии се однесуваат на скопскиот аеродром, каде два пати неделно ќе се лета на релација Скопје-Дубаи-Скопје (од 30 март), исто како и Скопје-Барселона-Скопје (од 30 јуни), додека, по три пати неделно ќе се лета Скопје-Лион-Скопје (од 30 јуни) и Скопје-Штутгарт-Скопје.
На охридскиот аеродром, новина се линиите Охрид-Базел-Охрид која ќе лета два пати неделно и редовната линија Охрид-Истанбул-Охрид (од 30 март) која ќе лета четири пати неделно, информираше министерот за транспорт, Александар Николоски, на прес-конференција во Владата. Со авионската компанија „Визер“ ќе се лета за Штутгарт, Базел, Барселона и Лион, со „Флај Дубаи“ за Дубаи и со „Туркиш Ерлајнс“ за Истанбул.
Државата субвенционира 12 евра по патник на доаѓање на охридскиот аеродром и 9 евра по патник на доаѓање на скопски аеродром. Во тек е процес на подготовка на втор повик кој треба да се објави кон крајот на ноември и да донесе нови дестинации.