1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Упатството за матична евиденција на климави нозе

ДТЗ
5 јули 2023

Поранешната министерка за правда Рената Дескоска вели дека Уставниот суд треба да го поништи новото упатство и да го укине спорниот дел од Законот за матична евиденција

https://p.dw.com/p/4TNwG
Уставен суд
Законот за матична евиденција ќе се најде на тест пред Уставниот суд, откако експерите јавно го оспоријаФотографија: DW/P. Stojanovski

Законот за матична евиденција е на климави нозе откако  експертите и дел од партиите јавно го оспорија, а за него на седница на 5 јули ќе расправа и Уставниот суд. Со упатството се воведува нова графа „националност“ во изводот од матична книга на родените, венчани и умрени, што според експертите задира во „сензитивните“ заштитени податоци. Уставните судии, ќе треба да пресечат дали одредбите од Упатството го кршат Уставот. 

Во пресрет на седницата, поранешната министерка за правда Рената Дескоска вели дека Уставниот суд треба да го поништи новото упатство и да го укине спорниот дел од Законот за матична евиденција. „Одлуката на Уставен суд да почне постапка е добра вест, а законот е испочитуван бидејќи тој предвидува националност во матичните книги, а не во изводот. Изводот не мора да ги содржи сите податоци од матичната книга“, вели Дескоска во објава на социјалните мрежи.

Сензитивни податоци

Таа наведува дека етничката припадност спаѓа во групата на „сензитивни“ податоци кои подлежат на посебна заштита согласно правилата за заштита на лични податоци. „Други такви податоци се податоци за религиозна припадност, политичка определба, здравствена состојба, сексуална ориентација и слично“, вели таа.

Македонија е потписник на Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци. Дескоска вели дека во декември 2019 година го потпишала и Протоколот за нејзина измена со кој дополнително се зајакнува заштитата на овие чувствителни податоци. Тој Протокол е ратификуван во Собранието во јуни 2021 и е задолжителен за земјата. 

„Според уставните одредби, меѓународните договори што се ратификувани согласно со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон, а уште помалку со упатство. Значи, нашиот устав ги става меѓународните договори под Уставот, но над законите. Согласно ова, јас очекував дека надлежното министерство ќе предложи измена на Законот за матична евиденција, заради усогласување со меѓународните обврски, а не измена на упатството за примена на законот. Ова што се случува во моментот е ретрограден процес и непочитување на меѓународните обврски кои сме ги презеле како држава“, оценува Дескоска. 

Рената Дескоска
Во пресрет на седницата, поранешната министерка за правда Рената Дескоска вели дека Уставниот суд треба да го поништи новото упатство и да го укине спорниот дел од Законот за матична евиденцијаФотографија: DW/Petr Stojanovski

Законот за матична евиденција, кој е донесен во 1995 година предвидува во матичната книга да се води податок за националност на родителите. Според Дескоска, првото упатство за примена на законот е донесено во 2010 година и со него е предвидено во матичната книга да се води графа за националност, но во образецот за извод од матичната книга не е предвидена оваа графа.

„Со упатството од 2010 кое е изменето и дополнето во 2015 година, беше предвидено решение, законската одредба да се примени на матичната книга, а со оглед на тоа што законот не предвидува што содржи изводот, во изводот кој е во поширока употреба, да не се споделуваат сензитивни податоци, како што е етничката припадност“, вели Дескоска.

Кои одредби го кршат Уставот?

Неодамна на брифинг со новинарите и претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска го изнесе својот став дека во Упатството за водење на матична евиденција има одредби кои го кршат Уставот.  Токму затоа, Уставниот суд оформи предмет по сопствена иницијатива, во кој ќе се води постапка за оценување на уставноста на Упатството за изменување и дополнување на упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи.

Во меѓувреме и политичката партија Левица информираше дека подготвиле Иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на измените на Упатството донесено од страна на министерот за правда, Кренар Лога на 29 мај, со кое се воведува нова графа „националност“ во изводот од матична книга на родените, венчани и умрени.

Кренар Лога
Ставот на министерот за правда, Кренар Лога е дека графата за националност е задолжителна, а упатството не се коси со законитеФотографија: Reg. Nordmazedonien

Лога го брани упатството

Ставот на министерот за правда, Кренар Лога е дека графата за националност е задолжителна, а упатството не се коси со законите. „Напротив, донесувањето на Упатството и внесувањето на националност во изводите се заснова токму со Законот за матична евиденција. Националност во матичната книга на родените се предвидува во членот 4, на венчаните во членот 11, и на умрените во член 13 од Законот за матична евиденција кој е на сила од 1995 година. Секое непочитување на Законот е кривично дело“, е ставот на Министерството за правда.

Премиерот Димитар Ковачевски на 22 јуни изјави изјави дека се потребни измени на законската регулатива за матична евиденција. Тој, одговарајќи на новинарско прашање за воведување графа за етничка припадност во изводот од матичната книга, рече дека разговарал со пратеници и експерти и најави реформа на законската регулатива.

„Тоа упатство е донесено врз основа на Законот за матична евиденција. Ако ги погледнете тоа е закон кој што е на сила во нашата држава од 1995 година и ако ги погледнете членовите 3, 4, 11 и 13 точно е наведено што се запишува во нашата матична евиденција. Она што раговаравме со нашите пратеници е веднаш да се пристапи кон реформа на таа законска регулатива бидејќи навистина се работи за нешто што останало од 1995 година и да се усогласи со законодавството со ЕУ и да се усогласи со карактерот на нашиот устав“, рече Ковачевски.

Ваквите реакции следат откако беше посочено дека Упатството место да реши еден, може да создаде друг проблем. Измената создаде можност . македонски граѓани кои немаат бугарско државјанство да се охрабрат да обезбедат нов извод во кој ќе се декларираат како Бугари, со што без никакви други докази за потекло ќе може лесно да стигнат до бугарски пасош.