1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трас и Ториевците во тесно: Почеток на крајот на Брегзит?

Анете Дитерт | АРД
19 октомври 2022

Спектакуларниот неуспех на британската премиерка Лиз Трас се должи не само на нејзината личност. Тоа е колапс на еден политички концепт кој сѐ повеќе се оддалечуваше од реалноста.

https://p.dw.com/p/4IOaF
Лиз Трас, по Тереза ​​Меј и Борис Џонсон, е третиот лидер од редовите на конзервативците, кој не ги исполни ветувањата за Брегзит
Лиз Трас, по Тереза ​​Меј и Борис Џонсон, е третиот лидер од редовите на конзервативците, кој не ги исполни ветувањата за БрегзитФотографија: Sean Smith/Getty Images

Никогаш порано еден британски премиер не ја втурнал својата земја во толку длабока криза за толку кратко време како што тоа го направи Лиз Трас во изминатите четири недели. Криза од која веројатно нема брзо опоравување, дури и ако Трас наскоро мора целосно да ја напушти политичката сцена. По изминатите неколку дена се чини неизбежно е да се случи такво нешто, а единствено отворено прашање е кога.

Трас, по Тереза ​​Меј и Борис Џонсон, е третиот лидер од редовите на конзервативците, кој не ги исполни ветувањата за Брегзит. По Меј и Џонсон, Брегзит-револуционерите кај Ториевците во случајот на Трас се потпреа на чиста деснолиберална доктрина. Големи даночни олеснувања за најбогатите во комбинација со дерегулација, требаше да донесат волшебен пораст, од кој потоа како со магично стапче ќе прифитираат и најслабите во општеството. Како тоа ќе се финансира е прашање на кое Трас не даде одговор. Девизата гласеше: пазарите ќе го уредат тоа веќе некако.

Отрезнувачко будење во реалноста на пазарите

Сѐ додека не излезе сосема поинаку. Фунтата драстично падна, каматните стапки се искачија на невидено ниво, обврзничките фондови дојдоа на раб на колапс. Неуспехот на Трас и нејзиниот концепт на економска политика е особено спектакуларен, бидејќи токму многу фалените пазари го предизвикаа нејзиниот пад со повлекувањето на сопирачката за итни случаи.

На крајот реалноста беше таа која на брутален начин ја врати владата и нејзините сѐ пофантастични идеи на тлото на фактите. Кога Банката на Англија објави дека нема да преземе никакви дополнителни итни мерки за стабилизирање на фунтата или за спречување на нов колапс на обврзничките фондови, играта за Трас и нејзиниот министер за финансии, Квази Квартенг беше завршена.

Протести на противниците на Ториевците во Лондон, 2.10.2022
Протести на противниците на Ториевците во Лондон, 2.10.2022Фотографија: Jacob King/AP/picture alliance

Нема да бидат доволни само неколку свртувања

Новиот министер за финансии Џереми Хант, кој во меѓувреме го „прецрта“ целиот пакет економски мерки на владата на Трас, ќе може да поправи само мал дел од направената штета. Затоа што проблемот оди многу подлабоко.

Во иднина, доколку историчарите сакаат да одгатнат како дошло до сегашното лудило во британската политика, тогаш ќе мора да започнат во 2016 година. Прво, затоа што Брегзит ја оштети британската економија толку континуирано и толку длабоко што секоја дополнителна неизвесност на пазарите ќе резултира со многу поголеми превирања од кога било досега. Второ, а тоа е и суштинското, затоа што Брегзит и со него поврзаното магично размислување за суверена Велика Британија, која може да оди по свој пат во глобализираниот свет во 21 век, одвоена од меѓународните случувања, беше вистинскиот почеток на крајот на рационалното размислување на островот.

Наместо да се именуваат големите економски проблеми на Брегзит, тие со години беа негирани и табуизирани, со што се блокираше секое конструктивно решение.

Mинистерот за финансии Џереми Хант ќе може да поправи само мал дел од направената штета
Mинистерот за финансии Џереми Хант ќе може да поправи само мал дел од направената штетаФотографија: PRU/AFP

Дали револуцијата ги јаде своите деца?

Кога Џереми Ворнер, еден од издавачите на „Дејли телеграф“, весник кој од самиот почеток честопати фанатично го бранеше Брегзит во секоја форма, сега во есеј доаѓа до заклучок дека противниците на Брегзит, сепак, можеби биле во право и резигнирано признава дека „револуцијата што ја ветија брегзитерите пред шест години сега се чини дека оди по патот по кој на крајот трпат сите револуции - завршува со тоа што ги јаде сопствените деца“, тогаш ова е прв знак дека Британците сега постепено се враќаат на она за што отсекогаш им се восхитувале и почитувале во остатокот од светот - прагматично-реалистична земја во која владее здравиот разум.

Но, враќањето ќе биде долг и болен процес. Бидејќи, како што Брегзит и пркосните изјави на владата на Џонсонза кршење на меѓународните договори во конфликтот околу протоколот за Северна Ирска трајно ја нарушија довербата во веродостојноста на британската политика ширум светот, и пазарите нема брзо да го заборават крахот на британската рационалност и самодисциплина во својата финансиска политика. На Британците им претстојат тешки години.