1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп „ѓубреџијата“ го користи „ѓубре“-коментарот на Бајден

Тагесшау | ЕМФ
31 октомври 2024

Вербалниот погрешен чекор на американскиот претседател Бајден станува сериозен проблем за Камала Харис во финишот на предизборната кампања во САД. Доналд Трамп прави шоу и безмилосно „удира“ по Бајден.

https://p.dw.com/p/4mQyY
USA Präsidentschaftskandidat Donald Trump in einem Müllwagen in Green Bay, Wisconsin
Фотографија: Brendan McDermid/REUTERS

Во последните неколку дена од кампањата за претседателските избори во САД, многу работи се вртат околу зборот „ѓубре“. Републиканците критикуваат дека сегашниот актуелен претседател Џо Бајден ги нарекол поддржувачите на Доналд Трамп „ѓубре“. Она што Бајден сакал да го каже со својата незгодна изјава е прашање на толкување. Но, кампањата на Трамп сака да ја искористи можноста да ги мобилизира гласачите со предизвикување бес поради коментарот.

Поранешниот претседател и некогашна ријалити ТВ-ѕвезда изјавата ја нарече „ужасна“ и повлече паралели со Хилари Клинтон, која во битката за Белата куќа пред осум години поддржувачите на Трамп ги нарече „патетични“. Во финишот на кампањата пред изборите следниот вторник, Трамп сега отиде чекор понатаму.

Изборна кампања во камион за ѓубре

Пред почетокот на еден предизборен настап во американска сојузна држава Висконсин, каде исходот од гласањето е многу неизвесен, екс-претседателот по пристигнувањето на аеродромот во Грин Беј премина преку пистата и се качи во камион за ѓубре на кој беше напишано името Трамп. „Како ви се допаѓа мојот камион за ѓубре? Овој камион е во чест на Џо Бајден и Камала Харис“, им рече тој на претставниците на медиумите од кабината на камионот.

Трамп беше облечен во портокалово-жолто елече какви што носат собирачите на ѓубре, во кое подоцна се појави на закажаниот предизборен собир. Бајден покажа што мислат тој и потпретседателката Харис за милиони Американци, изјави Трамп: „Не можете да бидете претседател ако го мразите американскиот народ, а мислам дека тие го прават тоа“, рече тој.

САД избори Доналд Трамп кампања
„Овој камион е во чест на Џо Бајден и Камала Харис“, им рече Трамп на претставниците на медиумите од кабината на камионотФотографија: Brendan McDermid/REUTERS

Дебата за коментарот „ѓубре“

Контроверзите започнаа со погрдна шега на голем предизборен настап на Трамп во Њујорк во неделата. Комичар ја опиша американската територија Порторико како остров од ѓубре што лебди во океанот. Изјавата предизвика силни критики на сметка на Трамп.

Но, потоа следуваше изјава на Бајден за време на телефонски разговор со латино-заедницата. „Единственото ѓубре што го гледам таму се неговите следбеници, неговото демонизирање на Латиноамериканците е бескрупулозно и неамериканско“, рече Бајден. Од снимката на настанот не е јасно дали Бајден всушност ги нарече ѓубре поддржувачите на Трамп, или како ѓубре ги оцени вообичаените ставови и изјави за Латиноамериканците.

Од официјалниот транскрипт на Белата куќа произлегува како второто да е вистина. Бајден, исто така, подоцна рече дека неговата намера била јасно - да стави до знаење дека демонизирањето на Латиноамериканците од страна на Трамп е несовесно.

Харис дава помирувачки тон

Харис, која на една недела пред претседателските избори е рамо до рамо во трката со Трамп, нагласи дека е против критикување на луѓето поради нивната одлука за кого ќе гласаат. Таа сака да биде претседателка на сите Американци - дури и за оние кои не гласаат за неа. Освен тоа, според Харис, Бајден ги појаснил своите изјави.

САД Камала Харис
Камала Харис сака да биде претседателка на сите АмериканциФотографија: Kent Nishimura/Getty Images

Потпретседателката во последната фаза од нејзината кампања потроши многу време за да допре до поранешните гласачи на Трамп. Поранешни поддржувачи на Трамп се појавија неколкупати на настани од кампањата на Харис. Таа вети и дека ќе земе републиканец во кабинетот ако победи на изборите. Бајден, кој според анкетите е непопуларен, речиси и не играше улога во нејзината изборна кампања.

„Не сакам да постигнувам политички поени, сакам напредок“, рече Харис, кој исто така водеше кампања во Висконсин. „Како претседателка ќе се обидам да најдам заеднички јазик и разумни решенија за проблемите со кои се соочувате.“

Трамп: „Порторико ме сака“

Трамп во Висконсин повторно се обиде да се огради од коментарите на комичарот Тони Хинчклиф. Како и претходните денови, тој тврдеше дека не го познава Хинчклиф и дека никогаш не го видел. Трамп не ја осуди јасно навредливата забелешка на комичарот. Неговиот предизборен тим вели дека шегата не го одразува мислењето на Трамп.

„Го сакам Порторико, и Порторико ме сака мене“, изјави Трамп обраќајќи се од камионот за ѓубре Тој вели дека не мора да им се извинува на Порториканците, чии гласови, меѓу другото, може да бидат одлучувачки во сојузната држава Пенсилванија, каде исходот од изборите е неизвесен.

Фрустрирани и исплашени гласачи

Многу Американци се чувствуваат вознемирени или фрустрирани поради кампањата за претседателските избори. Ова произлегува од репрезентативното истражување на новинската агенција АП и истражувачкиот центар Норк.

Повеќе од две третини од анкетираните изразиле интерес за изборите. Според истражувањето, фрустрацијата на Американците од изборната кампања останува константна од 2020 година - само околу една третина од Американците се помалку вознемирени отколку на изминатите два избори.