Трамп победи во Њу Хемпшир
24 јануари 2024Поранешниот американски претседател Доналд Трамп победи на важните прелиминарни избори за републиканската номинација за претседател во сојузната држава Њу Хемпшир. Според прогнозите, 77-годишниот Трамп по пребројувањето на повеќе од половина од гласовите, води со околу десет проценти гласови пред неговата конкурентка Ники Хејли. Хејли му честиташе на Трамп, но изјави дека таа е борец и дека трката за претседателски кандидат на републиканците е „далеку од завршена“. „Најлошо чуваната тајна во политиката е колку многу Демократите сакаат да настапат против Доналд Трамп. Номинација на Трамп значи победа на Бајден“, оцени Хејли.
Во својот победнички говор Доналд Трамп го нападна претседателот Џо Бајден, кого го нарече „најлош“ претседател „во историјата“.
Кандидатите ќе се избираат налето
Секој што сака да стане претседателски кандидат во САД, прво мора да победи на внатрепартиските прелиминарни избори. Кандидатите потоа официјално се избираат на партиските конгреси налето.
Претседателски избори во САД се закажани за 5-ти ноември. Првата предизборна одлука на републиканците беше донесена во средината на јануари, во сојузната држава Ајова. Трамп таму победи со голема разлика пред Хејли и Рон Де Сантис, кој во меѓувреме се откажа од трката. Додека во Ајова се гласаше на партиски собири, луѓето во Њу Хемпшир за својот фаворит одлучуваа на избирачките места.