1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп на Си-Ен-Ен: Лаги, подбивања и крупни ветувања

ЖА / агенции
11 мај 2023

Војната во Украина би ја завршил за 24 часа, а насилниците кои упаднаа во Капитол би ги помилувал- американскиот екс претседател Доналд Трамп на Си-Ен-Ен одговараше на прашања на граѓаните.

https://p.dw.com/p/4RBNg
Интервју на Доналд Трамп на Си-Ен-Ен САД
Интервју на Доналд Трамп на Си-Ен-ЕнФотографија: ROBYN BECK/AFP/Getty Images

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп во својот прв настап на ТВ Си-Ен-Ен по седум години ги обнови обвинувањата за изборна кражба, ја атакуваше владата на својот наследник Џо Бајден и со подбив зборуваше за Е. Џин Карол, која според донесена пресуда, сексуално ја злоупотребил.

Уште на почетокот на едночасовната емисија Трамп ги повтори своите повеќепати побиени лажни обвинувања за изборна измама на претседателските избори во 2020 година: „Изборите беа манипулирани, тоа беше видно за секого, освен ако не е глупав човек“.

Трамп не го призна поразот против Џо Бајден и не покажа ни ронка каење и жал за насилниот упад во Капитол на 6 јануари 2021 година, кој беше директна последица на неговите обвинувања за изборна измама. Десниот политичар дури најави, во случај на свој избор за претседател, да помилува голем дел од осудените напаѓачи. На прашањето дали во секој случај би го признал исходот од изборите во 2024 година, одговорот на Трамп беше: „Мислам, ако бидат искрени избори, тогаш да.“

Капитол САД
Трамп би ги помилувал насилниците кои упаднаа во КапитолФотографија: Manuel Balce Ceneta/AP Photo/picture alliance

Еден ден откако беше осуден да плати отштета во милионска сума поради сексуална злоупотреба и клевета, тој повторно ги отфрли обвинувањата. „Тоа е лажна приказна, исмислена приказна“, рече Трамп за обвинувањето за силување на новинарката и авторка Џин Керол, која ја нарече „тотално луда“.

Политиката на својот наследник Бајден,Трамп ја оцени за катастрофална, укажувајќи на високата инфлација и тешкотиите на границата кон Мексико, каде притискаат се` поголем број бегалци. „Во многу аспекти станавме земја од третиот свет“, критикуваше Трамп.

Кај една од важните теми, војната во Украина, Трамп избегна да одговори на прашањето дали посакува победа на Украина или победа на Русија. „На тоа не гледам како на прашање на победа или пораз, јас ја гледам војната од аспект на нејзин крај, сакам да престане умирањето на сите“, изјави екс-претседателот кој во минатото постојано со респект зборуваше за рускиот претседател Владимир Путин.

Трамп се пофали дека би можел да издејствува мир за 24 часа, одбивајќи јасно да се изјасни дали би ја продолжил масивната воена помош на САД за Украина.

Публиката во салата каде беше снимана емисијата му беше наклонета на Трамп, неговите изјави ги поздравуваше со гласни извици на ликување, смеа и аплауз, дури и тогаш кога критички настроената водителка Колинс Трамп ја нарече грозна личност.

Последното интервју на Трамп за Си-Ен-Ен беше во 2016 година, а во годините на неговото претседателство и потоа, односот на десниот популист и телевизијата беше исклучително напнат, Трамп вообичаено медиумот го нарекуваше „фејк њуз““, а Си-Ен-Ен известуваше критички за политичарот.

Тоа што токму Си-Ен-Ен на Трамп, познат по ширењето дезинформации, му понуди голема платформа, наиде на бројни критики. Телевизијата во своја одбрана тврди дека планира слични разговори со сите аспиранти за претседателски кандидат, а Трамп е водечки меѓу оние кои атакуваат на номинација кај Републиканците.

Трамп настапот кај Си-Ен-Ен го искористи и за упатување повик за изборни донации. „Луѓе, едноставно, е“, напиша тој на Твитер. „Сакате ли повеќе од ова во следните четири години?“

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема