1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Тој“ е повидлив од „таа“: Стереотипи во спортот

26 ноември 2024

Една од најчестите дискриминаторски пракси со кои се соочуваат жените во спортот е недоволната медиумска застапеност.

https://p.dw.com/p/4nRoA
Париз Жени Спорт
Жените во спортот мора да поминат и низ уште една спортска „дисциплина": децениска трка со пречкиФотографија: Pierre Costabadie/Icon Sport/Sipa USA/picture alliance

Без разлика со кој спорт жените професионално се занимаваат, тие мора да поминат и низ уште една спортска „дисциплина": децениска трка со пречки, на нерамен терен, полн со „дупки“ од родови стереотипи, нееднаквост, дискриминација...

Фразата - жените во спортот - колку што е поврзана со нивни спортски достигнувања, уште повеќе ја среќаваме во најави и заложби за потреба од засилена промоција на женскиот спорт, за креирање на програми за поддршка и развој на спортистките, за воведување на политики за рамноправност при именувањата на водечките позиции или за решавање на проблемите со дискриминација во спортот. А тие не би биле на листата од приоритети, доколку е се во ред.

Со што најчесто се соочуваат денес?

„Една од најчестите дискриминаторски пракси со кои се соочуваат жените во спортот е недоволната медиумска застапеност“, вели Силвија Митевска, директорка на спортската организација Спорт Соушал Солушнс. 

„Статистичките податоци покажуваат дека спортот во машка категорија е многу почесто застапен во медиумите, додека женскиот спорт се јавува во значително помала мера. Понатаму, често се случува да бидат повикани за јавни дебати и дискусии во студијата поголем број мажи, што дополнително ја создава перцепцијата дека женскиот спорт не е подеднакво ценет и вреднуван“, вели Митевска.

Оваа практика има и сериозни последици, особено кога станува збор за спонзорства, бидејќи женскиот спорт е помалку видлив и има помалубројна публика.

„Недоволната видливост директно влијае на способноста на женскиот спорт да привлекува поддршка од спонзори, што ја продолжува разликата во условите за развој и инвестиции во споредба со машкиот спорт“, укажува Митевска.

Но, тоа е само еден од проблемите. Покрај него, сериозен предизвик претставува и нaративот кој ги опкружува жените во медиумите, често фокусирајќи се повеќе на нивниот физички изглед, додека нивните спортски резултати остануваат на маргините.

„Оваа родово несензитивна пракса ги засилува веќе постоечките родови улоги и предрасуди, кои се во корелација со патријархалните структури на општеството", посочува Митевска.

Според неа, за да се направи реална промена, неопходно е да се обучат и сензибилизираат сите спортски новинари за користење на родово сензитивен јазик и за развивање на култура на еднаквост, каде што и жените и мажите спортисти ќе имаат подеднаква видливост и ќе бидат известувани со истиот степен на почит и значење.

Иако има компетентни жени и во полето на тренери, судијки, спортски психолози и друг профил на спортски работнички, често и со повисок степен на образование од нивните машки колеги, многу потежок е патот на една жена да се докажува и пробива во домен кој е исклучително доминиран од мажи и перцепиран како машки. Причините за недоволна вклученост на жените во спортскиот сектор во Македонија, се последица исто така на негативното влијание на социо-културните норми и традиционалните родови улоги кои создаваат перцепција дека спортот не е погоден или соодветен за жените. 

Да си најдат женска професија  

Таквиот нивен третман во јавноста најбрзо го зема својот данок, па прва последица е демотивација на жените да се занимаваат со спорт, што се одразува на нивната застапеност во него.  

„Тука главно станува збор за два проблема", коментира новинарот Ардит Рамадани.

„Првиот е минималната поддршка што ја добиваат спортските клубови за девојки во споредба со клубовите каде што играчи се мажи. Поради оваа незначителна поддршка, сведоци сме на затворање на многу спортски клубови за девојки. На пример, во Тетово пред неколку години ја спроведовме кампањата #ЧеПсе, преку која вршевме притисок врз институциите да не дозволат затворање на фудбалскиот клуб за девојки, кој поради недостиг од финансии беше пред затворање“, објаснува Рамадани. 

Имане Келиф
Алжирската боксерка Имане Келиф со олимпиското златоФотографија: MOHD RASFAN/AFP/Getty Images

Вториот проблем, вели тој, не е финансиски.

„Нашето општество генерално не е наклонето кон поддршка на жените спортистки. Сè уште се служиме со дискриминаторски стереотипи дека спортот и физичките активности се само за мажи. Ова влијае врз многу млади девојки кои можеби сонуваат да станат спортистки, но се откажуваат уште на многу мала возраст бидејќи општеството постојано им влева во глава дека треба да изберат професија која е ‘за девојки', како што се учителството, медицината и слично“, вели Ардит. 

Случајот Келиф  

Не е случајно што Ардит Рамадани е наш соговорник на оваа тема. Пред десетина дена тој ја доби годишната награда „Илија Жупаноски“ за справување со дезинформации, востановена од Фондацијата Метаморфозис. Во категоријата Едукативна мултимедијална содржина подготвена од млади од 18 до 28 години, Рамадани ја доби наградата за анализата „Медиумската хистерија за полот на Имане Келиф влече корени од Русија, медиумите паднаа во замката на Русија, повторно“.

Во анализата тој ги демаскира родовите дезинформации во медиуми објавувани за време на Летните олимписки игри, кон алжирската боксерка Имане Келиф, која го освои олимпиското злато.

За наративите кои се конструирани за да ги поткопаат и да ги маргинализираат спортистките, особено оние што не се вклопуваат во традиционалните родови норми и очекувања, анализа објави и Институтот за комуникациски студии. Во неа се наведува дека наративот што беше доминантен во медиумите во Северна Македонија, ги претстави боксерките Имане Келиф и Лин Ју-Тин како мажи, односно трансродови личности што се натпреваруваат во женска категорија, со што директно предизвика говор на омраза во медиумите и на социјалните мрежи.

„Користејќи го случајот на алжирската боксерка Келиф, може да се препознае намерното создавање дезинформациски наративи, кои, всушност, се темелат на веќе познати антиродови и трансфобични наративи и вредности. Без разлика што Келиф во повеќе наврати објави дека е родена како жена и се идентификува како жена, особено ако се земе предвид и нејзиното потекло од Алжир, каде што е невозможно да се направи промена на полот, тоа не беше доволно за овој случај да не биде злоупотребен од јавноста во антиродови цели“, се вели во анализата „Родовите дезинформации препрека за жените во спортот“, од авторките м-р Бојана Јовановска и м-р Сара Миленковска.  

Дезинформациите и натаму галопираат  

Ваквите наративи, за жал, сѐ уште не запираат. Кон крајот на октомври „медицински откритија“ за случајот објави францускиот „Le Correspondant", а нив експресно ги пренесоа голем број медиуми кои и претходно ја потретираа Келиф низ родови дезинформации. Како Рамадани ги толкува непрекинатите медиумски дезинформации дека Имане Келиф е маж?

„Очигледно, општеството не може да прифати дека и жена како Имане Келиф, која никогаш во својот живот, по своја волја, не се подложила на никаква медицинска процедура за промена на полот - а дури и да посакала, тоа не би можела да го направи бидејќи државата во која живее цел свој живот има исклучително строги политики во врска со ова прашање - може да биде силна и успешна во спорт што историски се смета за ‘машки спорт'. Последните вести кои повторно ја доведуваат во прашање полот на Келиф се базираат на неофицијален ‘медицински извештај'. Никој не ја потврдил автентичноста на тој извештај, а Келиф веќе ги има тужено лицата кои го објавиле тој документ во јавноста. Затоа, медиумите треба да бидат внимателни и да се потпираат само на официјални извештаи од кредибилни и сигурни извори“, вели Рамадани.