1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Не треба да има дуплирање на Берлинскиот процес“

Ани Руци
15 октомври 2022

На 3 ноември во германската престолнина ќе се одржи самит во рамките на Берлинскиот процес за Западен Балкан. За тоа во интервју за ДВ говори Сузане Шиц, директорка за Југоисточна Европа и Турција во германското МНР.

https://p.dw.com/p/4IBsH
Последниот самит „лице в лице“ во рамките на Берлинскиот процес за Западен Балкан се одржа на крајот на април 2019 година
Последниот самит „лице в лице“ во рамките на Берлинскиот процес за Западен Балкан се одржа на крајот на април 2019 годинаФотографија: Getty Images/M. Schmidt

ДВ: Амбасадорке Шиц, како ја оценувате актуелната ситуација на Западен Балкан во пресрет на самитот во рамки на тековниот Берлински процес, кој ќе се одржи наредниот месец, на 3 ноември во Берлин?

Сузане Шиц: Сите сме свесни во Германија и во Европа, но и на Западен Балкан дека светот не е ист по 24 февруари. Фактот дека Русија води агресивна војна против Украина го зголеми чувството на несигурност и на Западен Балкан. Свесни сме дека низ цела Европа, а особено во овој регион, ќе бидеме соочени со дополнителни економски предизвици. Затоа, сме многу среќни што во заднината на оваа војна, ЕУ и нејзините партнери од Западен Балкан покажаа големо единство во осудата на војната, и морам да кажам дека го поздравуваме тоа што Албанија, како и Косово, Црна Гора и Северна Македонија беа многу јасни во своите позиции и 100 проценти се согласуваат со санкциите на ЕУ против Русија и Белорусија. Многу сме среќни што на 19 јули Албанија и Северна Македонија ги започнаа преговорите за пристапување во ЕУ. Ова е навистина пресвртница на нивниот пат да станат членки на ЕУ. Тоа беше важен сигнал и за остатокот од регионот дека процесот на проширување на ЕУ е сè уште жив и ветувањето што им беше дадено на сите шест земји од Западен Балкан да станат членки на ЕУ е реалност.

Сузане Шиц, директорка за Југоисточна Европа и Турција во германското министерство за надворешни работи
Сузане Шиц, директорка за Југоисточна Европа и Турција во германското министерство за надворешни работиФотографија: S. Schütz/P. Cenciarelli

Што се однесува до Берлинскиот процес, го поздравуваме тоа што канцеларот Шолц ја покрена оваа иницијатива и го покани на самитот во Берлин на почетокот на ноември. И многу сме среќни што по две години во кои Берлинскиот процес се одвиваше само во виртуелни формати, годинава, за првпат, повторно ќе има лични средби на министрите: министрите за надворешни работи, за економија и за внатрешни работи. На дневен ред ќе биде продолжувањето на иницијативите кои беа дел од Берлинскиот процес од самиот почеток: агендата за поврзување, особено поврзаноста на луѓето, младите и граѓанското општество. Но, ќе има и нови иницијативи како што се енергетската безбедност и солидарност, како и Зелената агенда.

Една многу важна тема, која е многу високо на агендата на Берлинскиот процес, е имплементацијата на Заедничкиот регионален пазар (ЦРМ). За тоа беше одлучено уште на Самитот во Софија во 2020 година, но потпишувањето на четирите договори досега беше одложено поради несогласувањата меѓу Косово и Србија. Работиме многу напорно за да ги надминеме преостанатите разлики за да го направиме Заедничкиот регионален пазар применлив за сите луѓе во регионот. Убедени сме дека ќе биде многу корисно за сите доколку патувањето со лични карти, признавањето на професионалните дипломи, како и академските квалификации ќе бидат договорени во сите шест земји од Западен Балкан.

На 13 октомври во Брисел се состанаа работните групи на Советот на ЕУ за визната либерализација на Косово. Каков е ставот на Берлин на оваа тема?

Германија силно ја поддржува. Визната либерализација за Косово е запишана дури и во коалицискиот договор на нашата влада и очекуваме дека сега ќе има поддршка од земјите како Франција. Се надеваме дека до крајот на годината сите земји членки на ЕУ ќе дадат политичко зелено светло да се продолжи со визната либерализација за Косово и тогаш тоа ќе биде само прашање на практична имплементација на терен. Сакаме ова ветување сега да се реализира за сите граѓани на Косово.

Берлински процес: Повторно на заедничка маса по двегодишна пауза поради пандемијата (архивска фотографија од 2019 година)
Берлински процес: Повторно на заедничка маса по двегодишна пауза поради пандемијата (архивска фотографија од 2019 година)Фотографија: Hrvatska Vlada

Покрај Берлинскиот процес постои и иницијативата Отворен Балкан, како обид да се спроведе Берлинскиот процес во секојдневието. Дали мислите дека со дејствување на двете иницијативи резултатите би биле побрзи или сметате дека на земјите од Западен Балкан им е потребен обединет механизам за регионална соработка?

Берлинскиот процес беше дизајниран да биде платформа за сите шест држави од Западен Балкан и да дејствува како катализатор за побрза интеграција во ЕУ, се разбира и за регионална интеграција. Сметаме дека инклузивноста, со вклучување на сите шест земји, е многу важна. Отворен Балкан досега е иницијатива која функционира во три, и ние остануваме на тоа дека инклузивноста на процесот е важна, не треба да има дуплирање, туку треба да се работи рака под рака. Исто така, многу е важно сите договори кои се финализираат во рамки на Отворен Балкан да бидат во согласност со задолжителните права и обврски на ЕУ, бидејќи во спротивно подоцна ќе биде потешко да се усогласат со стандардите и регулативите на Унијата.