1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судскиот совет лани не му најде „мана“, сега фатен на дело

21 мај 2024

Врховниот судија Наке Георгиев лани помина несанкционирано низ „филтерот“ на Судскиот совет, дури и стана негов член. Под сомнеж за земање мито од денеска е без имунитет и оддалечен од функцијата.

https://p.dw.com/p/4g5YK
Македонскиот судски совет, архивска фотографија
Македонскиот судски совет, архивска фотографијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Судскиот совет на Република Северна Македонија на итна седница по полноќ одлучи да му го одземе имунитетот на судијата на Врховниот суд Наке Георгиев и да одобри мерка притвор за него. Седницата беше итно одржана откако вчера МВР го лиши од слобода врховниот судија поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание. Седницата на Судскиот совет се одржа по барање на Основниот кривичен суд Скопје, бидејќи според член 36 од Законот за Судскиот совет ова тело има надлежност да одлучува за одземање на имунитет на судија, и за одобрување на притвор на судија.

Според МВР, судијата бил упасен на лице место при извршување на кривичното дело.  

„На 20.5.2024 година лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат понатамашни насоки од надлежен јавен обвинител“, информираа од МВР. 

Од МВР не ја посочија висината на наградата што ја примил врховниот судија, но некои од медиумите повикувајќи се на релевантни изјави објавија дека станува збор за 10.000 евра. Наводно судијата бил пријавен од лице кое тврдело дека му бил баран поткуп со ветување за олеснителни околности во судски случај. Се шпекулира дека станува збор за поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев поврзан со трговија со марихуана. Тој беше еден од десетте уапсени откако во март годинава полицијата откри криминална група која печалела пари од продавање дрога која потекнува од фирма којашто била регистрирана за одгледување канабис за медицински цели, со сомневање дека токму Стојчев ја предводел групата.

МВР го лиши од слобода врховниот судија Наке Георгиев поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание
МВР го лиши од слобода врховниот судија Наке Георгиев поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијаниеФотографија: Ute Grabowsky/photothek/picture alliance

Оддалечен од вршење на судиската функција

Судскиот совет за овој случај расправаше ноќеска, но не на јавна седница. Според член 39 став 1 од Законот за судскиот совет, седниците на Советот се јавни. Но според став 2, јавноста може да биде исклучена само со одлука на Советот заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судија. За исклучување на јавноста од седниците, Советот одлучува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот со право на глас.

Зад затворени врати рано утрово Судскиот совет донесе одлука.

„Судскиот совет на Република Северна Македонија на На 487-та итна нејавна седница одржана на ден 21.05.2024 година расправаше и одлучуваше по барање на Основен кривичен суд Скопје за одземање на имунитет на судија и за одобрување на притвор на судија и ги донесе следните одлуки: Го одзема имунитетот на судија на Врховниот суд на РСМ, заради непречено водење на кривичната постапка; Го одобри барањето за одобрување на притвор на судија на Врховниот суд на РСМ поднесено од судија на претходна постапка на Основниот кривичен суд Скопје и времено го оддалечи од вршење на судиската функција судијата на Врховниот суд на РСМ, до правосилно завршување на кривичната постапка“, се вели во соопштението.

Основниот кривичен суд Скопје и времено го оддалечи од вршење на судиската функција судијата на Врховниот суд на РСМ
Основниот кривичен суд Скопје и времено го оддалечи од вршење на судиската функција судијата на Врховниот суд на РСМФотографија: DW/P. Stojanovski

Запрена постапка

Пред да биде избран за врховен судија Георгиев беше претседател на Апелациониот суд Штип. Токму за неговото работење во времото кога бил претседател на тој суд, за него имало претставка до Судскиот совет, како и за уште двајца судии од истиот суд. Судскиот совет ги разреши другите, но претставката за Георгиев половина година не беше ставена на дневен ред. Се најде на масата дури откако тој се кандидираше за член на Судскиот совет. Кандидатурата уследи откако во Судскиот совет се испразнија две места - врховната судијка Мирајна Радевска Стефкова и апелациониот судија Зоран Герасимовски си дадоа оставки поради несогласување со работата на Судскиот совет.

Само еден ден пред да се утврди неговата кандидатура за член на Судскиот совет, ова тело ја запре постапката против Георгиев. При разгледување на претставката наводно мнозинството членови гласале дека тој не треба да биде разрешен, по што на 13 јули 2023 година тој беше избран за член на Судскиот совет. Сепак, по две недели не даде свечена заклетва и си даде оставка во Советот, откако беше утврдено дека за истиот ден е закажан и избор на судии од кандидатите за судии, меѓу кои, е и неговиот син. Тој избор ќе беше во спротивност со Законот за судови, според кој, за судија не може да биде избрано лице кое со член на Судскиот совет е во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар.

Пред да биде избран за врховен судија Георгиев беше претседател на Апелациониот суд Штип.
Пред да биде избран за врховен судија Георгиев беше претседател на Апелациониот суд Штип.Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Тешко е да се поверува дека врховниот судија не ја знаел таа одредба, а од скандалозните расправии кои токму во тој период го тресеа Судскиот совет, испливаа сознанија дека Георгиев се надевал оти ќе се создаде некаков временски вакуум кој би овозможил тој да остане во Советот, а сепак да не го попречи изборот на неговиот син. Тој обид остана неуспешен.

Георгиев (61) е роден во Струмица и таму ја почнал судската кариера. За судија во Основен суд Струмица бил избран во септември 1997 година, во јуни 2004 година станал судија на Апелациониот суд во Штип, а во ноември 2017 бил избран за претседател на тој суд. Во февруари 2020 година беше избран за судија на Врховниот суд и работел во Одделот за граѓански дела.

Неговото име се поврзуваше и со реакцијата на членот на судскиот совет Ивица Николовски кој во декември 2022 година на седница се пожали дека судија му дошол во канцеларија и го прашувал зошто му води дисциплинска постапка.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема