1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стратегијата на Мицкоски со референдум...дум...дум...

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
13 септември 2022

Раскинување на веќе ратификувани договори со еднонационални референдуми во мултикултурно општество недвојбено води кон конфликти, дестабилизација и доведување во прашање на евроатланските интеграции. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/4GkRz
Ерол Ризаов
Ерол РизаовФотографија: privat

Стратегијата на Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ за освојување на власта е  јасна со очигледниот факт дека многу не ги загрижува успешноста на референдумот.Тие се концентрирани на еднонационалното изјаснување на граѓаните очекувајќи околу 500 до 600 илјади луѓе, во најголем број  Македонци, да гласаат за раскинување на договорот за добрососедство со Бугарија.  

Сега, жешкиот костен е во рацете на процедурите во Собранието. Поточно, дали коалициските партнери и претседателот на Собранието ќе прифатат изјаснување на граѓаните, имајќи ги предвид последиците од нови поделби во македонското општество и доведување во прашање на најзначајната стратегиска определба на Македонија - европската перспектива и членството во ЕУ. Но и спротивно, имајќи ги предвид и последиците од  ограничувањето на демократските права со одбивање на референдумот.

Во случај да се прифати одржувањето на референдум за организаторите воопшто нема да има значење дали ќе биде запазена излезноста од над 900.000 граѓани, колку што се неопходни за успешен референдум. Да потсетиме, на референдумот за Преспанскиот договор пред три години над 630.000 луѓе гласаа „за“, а  околу 35.000 „против“. Но тоа не беше доволно, бидејќи не беше исполнет цензусот од над 910.000 излезени граѓани за референдумот да биде прогласен за успешен. Тоа што воопшто се отиде на референдум, иако беше консултативен, беше голема грешка, знаејќи дека со бојкотот и високиот цензус на излезност според проблематичниот избирачки список е практично невозможен успешен резултат. На тој ризик од недостижноста на високиот цензус на излезност укажуваа повеќе истражувања на јавното мислење, но власта не ги зема предвид. 

Сегашниот референдум, пак, со околу 500.000 „за“, па и стотина илјади помалку македонски  гласови, е одлична позиција и голем гласачки  капитал за одржување на тензија до парламентараните избори, без разлика дали ќе бидат редовни, или предвремени. Ако биде одржуван тензичниот амбиент на предавства на националните интереси  во земјата до изборите, по еден таков референдум, за што ВМРО ДПМНЕ е ненадминлив шампион на лажен патриотизам и примитивен популизам, тогаш пресметката е јасна – и неуспешниот референдум, според проценките на ВМРО ДПМНЕ, би најавил голема изборна победа. Но едно се патриотските пропагандни еднонационални проценки, а сосема друго реалните штетни последици. 

Референдумот е само гориво до целта 

Мицкоски овојпат не се заканува со оставка ако референдумот биде неуспешен. Тој има други планови, референдумот му е само гориво да стаса до целта. Тој и сега прифаќа предвремени избори наместо референдум, или и трите заедно сосе парламентарни и претседателски.

Навидум, од правен аспект, нема ништо полесно од напуштање на договорите со Бугарија и со Грција. Тие беше тешко да се донесат. За договорот со Грција беа потребни близу 30 години, а за договорот со Бугарија од првата негова верзија поминаа повеќе од 20 години. Тешко се договараат, а лесно е да се откажуваат. За тоа воопшто не е ни потребен референдум. Со едно притискање на копче во Собранието со 61 глас договорите за одреден период стануваат  неважечки.

Стратегијата на Мицкоски е изградена од пропагандни манипулации и од оправданиот револт на граѓаните за арогантниот, навредлив  и уценувачки однос на Бугарија и нерешителноста на ЕУ со големо задоцнување да ги исполни своите обврски од фундаменталните основачки акти и веќе донесени одлуки, што случајот со Македонија го прави единствен досега во целата  историја на ЕУ. 

Кога сето тоа ќе се спакува во повеќегодишна предизборна кампања, во која главниот наратив се  предавства на владата на националните и државни интереси, не е потребно да се читаат потпишаните договори, усвоени и ратификувани во Парламентот. Тие и непрочитани и неразбрани се одлична суровина за предизвикување на состојба на хаос во која најдобро плива ВМРО ДПМНЕ. 

Веќе се соопштени, додуша со немушт јазик, и некои други детали, кои, иако се пресметки без крчмар, јасно навестуваат во која насока ќе се движат работите по евентуалниот референдум. Се ветува нов, подобар договор со Бугарија, или бришење на спорните членови од договорот и замена со нови, како  и промена на ставовите на ЕУ кои би го ревидирале и преправиле францускиот предлог целосно во интерес на Македонија. Ваква невозможна промена може да се приопшти на јавноста само во една хистерична атмосфера на измислени предавства за распродажба на македонските национални интереси. Се премолчува фактот дека по еден ваков референдум позициите на Бугарија ќе бидат уште посилни, ослободени од критиките на западноевропските земји и речиси сите членки на ЕУ поради тврдиот неправеден став кон Македонија.

Мицкоски тврди дека Македонија не отстапува од евроатланските интеграции со референдумот за поништување на Договорот со Бугарија. Вистината е сосема спротивна за европската иднина и таа ќе биде соопштена многу отворено - дека драматично ќе се промени односот на ЕУ кон аспирациите на Македонија за редовно членство. Во тој случај процесите за членство не мораме воопшто да ги замрзнуваме, бидејќи Брисел ќе ги замрзне со јасно образложение дека раскинувањето на веќе ратификувани договори за добрососедство во Парламентот и прифатени од ЕУ  е случај без преседан. 

Макзит не е Брегзит

Макзит за време на започнати преговори пред да се стапи во членство во ЕУ - небаре е политичка и економска велесила рамна на Обединетото Кралство, па да се заканува со Брегзит. Не може да помине ниту преку Камениот мост во Скопје, а не во Брисел.    

Ако и Бугарија по Македонија оди на референдум со идеите на своите националисти со прашање: дали треба да се постигне нов договор со Македонија, тоа би означило дека македонскиот референдум е една трагична авантура која ќе заврши со референдум...дум...дум... во сопствената слепоочница и збогување со членство во ЕУ на неодредено време. По нашиот референдум Бугарија ќе нема потреба од натамошна слична бламажа. Ние ќе им ја завршиме работата. 

Христијан Мицкоски ова добро го знае, па затоа целата ова референдумска ѓурултија ќе се сведе на тактика за победа на предвремени избори, а новиот евентуален предлог за подобар договор, ако воопшто дојде до тоа, нема да промени ништо суштински, ниту една запирка, или точка која веќе е усвоена во парламентите на двете земји. Можни се некои козметички промени кои не значат ништо, освен влез во лавиринтот со уште полоши позиции на Македонија. Но, затоа како голема победа, со познатата вмровска пропаганда, ќе се прикаже дека се спасени сите посебности, и јазикот и историското минато и националната припадност на Македонците.

Практично победата ќе биде претставена со сѐ она што и денес е веќе постигнато  и кое со лажни вести и груба пропаганда се негира и обезвреднува. Машинеријата на ВМРО ДПМНЕ, која најдобро функционира во продуцирање на хаос и  патриотски вознесц, сето тоа ќе го прикаже како голем успех и спасување на Македонија од предавствата на актуелната предавничка  влада и коалициската власт. Крајниот резултат се уште 30 изгубени години како со Грција, жртвувани уште неколку генерации на Македонија.

- повеќе од авторот: Да ги раскинеме ли договорите со Бугарија и со Грција?!

Индикативна  е позадината зошто сега ВМРО ДПМНЕ не ја покренува постапката за поништување, или подобрување и на Спогодбата со Грција, поточно Преспанскиот договор што се ветуваше, кој до неодамна беше „коренот на злото“ за што, исто така, се тврдеше дека е „отровно дрво кое раѓа отровни плодови“ и за што веќе имаше неуспешен референдум, а уставните промени во врска со промената на името на држвата беа прогласени за нелегитимни и плод на уцени на пратеници на најпатриотската политичка партија.

Да се поништи сѐ што е макотрпно постигнато  

Каде е излезот во една ваква деликатна ситуација, кога се оди кон тоа да се поништи сѐ што е досега макотрпно постигнато со членството во НАТО и со започнување на преговорите со ЕУ? Најдоброто и најефикасно решение би било многу поконкретен чекор на ЕУ кон Македонија, со што би се анулирале сите манипулации.

- повеќе од авторот: Ни доаѓа ли сибирска зима?

Очигледно не се доволни бројните посети на државници кои ѝ даваат поддршка на Македонија. Неопходно е Европската унија и САД да ги вклучат своите механизми веќе соопштени и познати во случај на обиди за дестабилизација на Западен Балкан. Тоа подразбира брзо отворање на првите поглавја како услови за членство во ЕУ и без притисоци за забрзување на работата на историската комисија. А, САД да ја активираат својата определба за „црната листа“ што беше неодамна јавно соопштена и доументирана како владин манифест за сите обиди за дестаблизација на Западен Балкан.

Раскинување на веќе ратификувани договори со еднонационални референдуми во мултинационално и мултикултурно опшетство недвојбено водат кон меѓуетнички конфликти и доведување во прашање на евроатланските интеграции на Македонија.

Тоа се конкретни потези кои би го направиле беспредметен референдумот и би се одбегнале новите поделби и дестабилизацијата на Македонија.

Вистинскиот референдум теба да се одржи како и кај повеќето земји кои станале членки на ЕУ - кога преговорите ќе завршат. Референдумското прашање во тој случај е познато: „Дали сте за членство на Република Северна Македонија во ЕУ.“ За тоа ќе одлучуваат тие што ќе доживеат.

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.