Медиумите, а и повеќето аналитичари, во првите неколку дена по неверојатните резултати од изборите, фокусот го насочија кон шокантниот изборен пораз на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Тоа, во некоја рака е разбирливо поради размерите на ова потфрлање на партијата која до некни беше на власт. Толкувањата за овој пораз се донекаде слични – наводно лошата изборна кампања со преголемо инсистирање на европската иднина (иако истите тие аналитичари пред два месеца тврдеа дека кампањата не може да промени ништо, затоа што граѓаните веќе одлучиле за кого ќе гласаат), па францускиот предлог, па корупцијата, лошото владеење на правото, нескротената инфлациска спирала, потклекнување пред разгоропаденоста на ДУИ во владините структури...
Сега изгледа најлесно да се вади шмајзер врз „мртов Германец“ и да се зборува и она што било и она што не било. Па, така, ќе се заборава како да не случило што ќе беше ако, на пример, струјата не се субвенционираше во огромни размери за време на енергетската криза; или ако владата ја накривеше капата кога над Скопје висеше заканата да остане без парно, а администрацијата на Градот и вмровското мнозинство се прогласија за нанедалежни за комуналната обврска спрема граѓаните во метрополата. Политиката во голема мерка е перцепција, па во таа перцепција посилни беа зборовите на американскиот и европскиот амбасадор за корупцијата во земјата, отколку податоците за реалниот скок на Македонија на скалата на Транспаренси интеренешенел. Амбасадорските зборови беа повеќе наменети за структурите на ДУИ во власта, но тоа не може јавно да се каже. СДСМ речиси мазохистички го подметна грбот за тие камшици. И затоа изборното страдање беше неминовно.
Како да бидеш искрен со себеси?
Нема никакви дилеми, СДСМ потроши неверојатно голем дел од кредитот кај граѓаните поради неефикасноста во повеќе сегменти во владеењето, поради убеденоста дека договорите со Грција и Бугарија, како и усвојувањето на преговарачката рамка, се револуционерни потези кои иднината ќе ги оправда. Но во сегашноста, поради нив тие беа ставени на клада. Дури се покажа дека била несоодветна и изборната стратегија меѓу двата круга да признаваат дека грешеле и во некои политики, и во кадровски решенија, и во попустливоста кон главниот коалициски партнер. Толку големото признавање на грешки изгледа мотивираше уште повеќе граѓани да им го свртат грбот, затоа што веројатно добија потврда дека за ваква анблок грешна партија и не треба да се гласа.
Сега ним им останува да ги лижат раните ако може да ги залечат. А ако конечните резултати се потврдат дека имаат еден пратеник помалку од коалицијата на ДУИ, можеби ќе се најдат на задните клупи во пленарната сала, ќе имаат помалку претседатели во собраниските комисии. А коалицијата на ДУИ и официјално ќе биде означена како главна опозициска сила. Се разбира, ако во комплицираните постизборни разговори, ДУИ остане надвор од владиното мнозинство.
Џо Страмер, лидерот на неверојатните рокери од „Клеш“, објаснувајќи ги тешките искушенија во светот на рокенролот велеше дека „најтешката работа е да се соочиш со себеси. Да се биде искрен со себе е многу потешко отколку да тепаш некого“. И навистина е така. Сања Лукаревска вели дека сега на ред во СДСМ била „внатрепартиска средба со вистината“. Нема што да се забележи на тоа. Но во таа средба со вистината треба да се биде искрен, како што вели Страмер. Лесно е да се посипеш со пепел, но дали ќе биде тоа искреност или претстава?
Но случувањата во СДСМ за Македонија уште сега се помалку важни, а уште помалку ќе бидат во наредниот период. Главното прашање е што ќе прави ВМРО-ДПМНЕ со победата, како ќе ја развива државата и во кој правец ќе ја носи. Или, пак, ќе ја остави да стои во место. Некои работи станаа појасни последниве денови, но, сепак, повеќето сѐ уште се во некој магличест хоризонт.
Милијарда од „влада со влада“
Што е појасно? На пример дека Христијан Мицкоски не гарантира дека слободата на медиумите ќе остане ваква или ќе напредува. Во последното рангирање на Репоретри без граници, Македонија напредуваше и се најде на високото 36. место. Таа е најдобро рангирана од сите земји во регионот, подобро и од Словенија и Хрватска. Во 2014-та, таа беше на 123. место. Во интервјуто на Канал 5 во четвртокот Мицкоски се обиде да го намали значењето на фактот дека Македонија драматично скокна на скалата на медиумската слобода откако СДСМ ја презеде власта, тврдејќи дека не може да се зборува за слобода кога некои медиуми (наброја две телевизии) биле затворени токму во овој период. Па дури и спомена весници, веројатно мислејќи на „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“, кои компанијата МПМ, блиска на сите можни начини со ВМРО-ДПМНЕ, ги издадоа своите последни броеви дента по крвавиот 27 април 2017. Во основа, тоа беше коинциденција, затоа што менаџментот го најави затворањето на тој датум десетина дена претходно. На упорното барање на уредникот Гоце Михајлоски да каже дали ќе го задржи овој тренд со медиумите, т.е. дали гарантира дека и натаму ќе остане таква слободата на медиумите, Мицкоски избегна директен одговор. Но затоа им порача на медиумите да пишуваат за успесите за да се знае што е добро направено во државата. Еден од тие „успеси“ веројатно е големиот изборен пораз на СДСМ, затоа што Македонија е повторно наша.
Наши ќе бидат оние милијарда евра кои Мицкоски ги најави во истото интервју, со кои Македонија ќе се задолжи во проектот „влада со влада“ со засега непозната држава. Тоа огромно задолжување, кое го немаше во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, но бидејќи е, како што рече Мицкоски, „со исклучително поволни услови, со добар грејс период, со исклучително атрактивна каматна стапка“, тоа ќе треба да биде еден од тие „успеси“. Сосема е разбирливо дека новата влада ќе сака да покаже како може да се влеат големи пари во македонската економија (откако изгледа пропадна планот што го најавуваше ВМРО-ДПМНЕ за 800 милијарди евра што ќе ги побараат од ЕУ) и тие да го заживеат животот. Да го почекаме да го видиме изворот на тие пари од „влада со влада“ за да дознаеме што има во него и да разбереме кој е тој нов стратешки партнер на Македонија.
Од подготовките за економскиот развој Мицкоски најави дека веќе била завршена сериозна странска инвестиција во енергетиката. „Без посебни закони, без загарантирана цена на откуп, без какви било повластици и која би се движела околу 400 – 500 милиони евра и којашто годишно ќе произведува околу еден терават часови електрична енергија“, објави Мицкоски, не давајќи повеќе детали за каков вид енергија се работи и дали таа произведена струја ќе биде наменета за корисниците во државава или за продажба во странство.
Да видиме, можеби тоа навистина ќе биде пресвртна точка за целиот енергетски сектор, но и од која држава ќе дојде тој што ќе гради. Не треба однапред да се осудуваат ваквите можни проекти.
Атина ги вклучи погоните
Третата работа што се појави во овие денови по победата е што ќе станува со францускиот предлог, условот за внесувањето на Бугарите во Уставот, и можеби најкомплицираното од сѐ, како новата претседателка, новиот премиер, министрите, ќе ја ословуваат официјално Македонија. Наеднаш во салата влегува еден многу потежок играч од Бугарија – Грција. Изгледа дека патриотските политичари заборавија или ги ставија настрана властите во Атина кои 25 години ја блокираа европската иднина на Македонија, сѐ до потпишувањето на Преспанскиот договор.
Во истото интервју Мицкоски даде малку појасна слика што може да се очекува од идната влада главно околу проблемот со Бугарија. „Не гледам што е толку страшно откако ќе имаме анекс на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, да имаме уште еден анекс, во кој ќе видиме кои принципи ќе ги претставиме и со што ќе влеземе во овие разговори. Таков концепт, како што е сегашниот, немаме намера да го поддржиме. Не влегуваме во овој процес за политичка гимнастика или за да покажеме колку сме тешки. Не веруваме дека тоа е вистинскиот процес (за влез во ЕУ). Затоа што за овој процес да биде реален, мора да имаме јасен план презентиран од другата страна. Немаме јасен план освен гола реторика дека треба да им веруваме (на ЕУ). Но, чекајте, господа, ви веруваме повеќе од две децении“, рече Мицкоски. А ако Бугарија го одбие овој план, владата ќе се сврти кон домашната агенда и ќе чека подобра гарнитура во Софија.
Таква гарнитура во Софија можеби нема да дојде во наредниве 20 години, но во Атина има гарнитура која беше целосно против Преспанскиот договор и каде владее сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ од ЕПП, Нова демократија.
Грчките политичари се многу поделикатни, попрефинети, помоќни и поискусни од бугарските. Тие сега ја чекаат заклетвата на Гордана Сиљановска-Давкова в недела да видат дали ќе го изговори името Северна Македонија. А потоа и програмата на новата влада да видат дали ќе ги стават во погон инструментите што веќе се активирани. Доколку новите македонски власти ќе сакаат да го ескивираат имплементирањето на Преспанскиот договор, особено употребата на зборот Северна во официјалните истапувања, изгледа дека не треба да има никакви сомневања дека Атина ќе ги искористи сите свои можни механизми што ѝ се на располагање, меѓу другите и блокадата на пристапниот процес кон ЕУ. Тоа ќе биде непријатен удар за новите патриотски власти во Скопје. Ќе треба да се обраќаат со името Северна Македонија, да се претставуваат како функционери или министри од Северна Македонија, по сите години во кои се градеше цела македонска националистичка агенда.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, пак, ќе мора да го брани Преспанскиот договор (кого жестоко го напаѓаше додека беше во опозиција) затоа што го отфрла оспорувањето од страна на Анкара на Договорот од Лозана со Турција од 1923. Атина се повикува на меѓународното право, велејќи дека не може да се поништи или промени овој договор кој, меѓу другото, ѝ ги остави во владение речиси сите острови во Егејското Море. Ако Мицотакис јавно го поткопува Преспанскиот договор, тогаш ќе му даде за право истото да го прави и Реџеп Таип Ердоган со Лозанскиот договор.
Комплицирана игра, но треба да се нагласи дека во Грција не се споменува само замрзнување на европската перспектива на Македонија, туку и активирање од САД на законот усвоен во јуни 2021 година, што предвидува санкции во случај на оспорување /прекршување на Договорот од Преспа.
Неколку од актерите во најблиското опкружување на Мицкоски во минатото беа дел од меѓународните комуникации. Објективно, тие имаат поголемо искуство од него во тие работи. Тој како лидер на опозицијата се среќавал со многу странски функционери, но товарот за водењето на државата не бил на неговите плеќи. Нема потреба да се нагласува дека брзо ќе го дознае тоа кога ќе седне во премиерската фотелја и дека ќе треба да носи одлуки и да калибрира меѓу наративот што беше доминантен додека беше во опозиција и реалноста во светот на големата политика.
Македонија не треба да гледа фаталистички кон иднината, ниту еуфорично. Од новата влада (чии обриси и актери допрва ќе се конфигурираат), барем што се однесува до местото на државава во Европа треба да се очекува да има повеќе прагматичен пристап во согласност со геополитиката, а не да се враќа на периодот на херои-маченици. Тие страници од книгата би требало да се искинати. Од еден професор кој се занимава со егзактна наука би требало да се очекува и егзактен приод во политиката. И со победата да ѝ донесе некаква егзактна подобра иднина на Македонија. Едно зборуваш кога си во опозиција, а друго кога стануваш власт. Никој не може да исклучи дека реалноста може да биде полоша и од илузиите. Македонија реши да му даде втора шанса на ВМРО-ДПМНЕ и ќе видиме во што ќе се престори таа втора шанса.
Да се надеваме дека нема не биде според онаа славна сентенца на Абрахам Линколн:
„Изборите му припаѓаат на народот. Тоа е нивна одлука. Ако одлучат да му го свртат грбот на огнот и да ја запалат својата задна страна, тогаш едноствано ќе мора да седат на плускавци“.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.