Станбен бум: најголем интерес за градење има во Скопје
10 мај 2024И покрај економската криза и вртоглавиотпораст на цените на становите, градежната инвазија и понатаму продолжува во Северна Македонија. Најголем интерес и понатаму има во главниот град Скопје, но се гради и во внатрешноста на земјата.
Илјада и тринаесет станови се предвидени за изградба, за што се издадени 321 одобрение во март годинава. Повеќе од половина од становите - 607 се во Скопскиот регион. Според податоците што ги објави Државниот завод за статистика, бројот на одобренијата за градење во март годинава е за 22,7 проценти помалку во однос на истиот месец од лани. Предвидената вредност на објектите изнесува 5.855.367.000 денари, за 4,8 проценти повеќе споредено со истиот месец од претходната година.
Каде има најголем, а каде најмал интерес за градба?
Најмногу одобренија се издадени во Скопскиот регион - 101, по што следуваат Полошкиот (65), Југоисточниот (41), Источниот (34), Југозападниот (25), Вардарскиот, (22) и Пелагонискиот (21). Најмал интерес за градба има во Североисточниот регион.
Од вкупниот број одобренија, 193 (60,1%) се наменети за објекти од високоградба, 56 (17,5%) од нискоградба и 72 (22,4%) за објекти за реконструкција.
На 200 објекти (62,3%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 121 (37,7%) инвеститори се деловни субјекти.
Највеќе се градат станови
Во овој период е предвидена изградба на 1.013 станови, со вкупна корисна површина од 72.506 метри квадратни. Од 607 станови предвидени во Скопскиот регион, 487 се во Општина Ѓорче Петров, 44 во Општина Петровец, 43 во Општина Гази Баба, 19 во Општина Аеродром, а по четири стана во Центар и во Сопиште.
Статистичките податоци од почетокот на годината покажуваат дека во јануари годинава биле издадени 256 одобренија за градење, со предвидена изградба на 615 станови, а во февруари 387 одобренија за градење, со предвидени 951 стан од кои 606 во Скопскиот регион.
Понудата на станови веќе од поодамна ја има задоволено реалната потреба, но и покрај тоа и понатаму се гради и се купуваат нови станови. Над 307.187 или 36,6% од становите зјаат празни, додека 531.987 или 63,4% се населени, покажаа податоците од последниот Попис во 2021 година на Државниот завод за статистика.
Најмногу празни станови има во Југозападниот регион, а најмалку празни станови има во Скопскиот регион.