1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Зошто нема млеко во продавниците?

14 септември 2022

Веќе десетина дена во продавниците во Србија рафтовите со млеко се полупразни. Официјално е прогласен недостиг на млеко, цената е замрзната, а извозот забранет. Зошто дојде до тоа?

https://p.dw.com/p/4GpRV
Недостиг од млеко во Србија
Недостиг од млеко во СрбијаФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Миодраг Митиќ од село Раковац, во околината на Бујановац, од мал  се занимава со земјоделство. Денес тоа го прави со таткото и со синот, кој по средното училиште се вратил на село. Одгледуваат говеда и свињи, садат житарки и зеленчук на површина од девет хектари на својата земја, а земаат под закуп и дополнителни хектари.

Од млекото од 12 молзни крави, 100 литри продаваат во млекарницата, а од преостанатите 60 литри прават сирење. Митиќ вели дека не се исплаќа целата количина да ѝ ја дава на млекарницата, зашто таа доцни со иплатата и по три-четири месеци. Откупната цена и динамиката на исплата се, смета тој, две причини за моменталниот недостиг на млеко во Србија.

„Земјоделството сѐ повеќе и повеќе згаснува. Значи, горивото е скапо, цената на млекото е ниска, за купување литар нафта се потребни пет литри млеко. Тука нема никаква математика. И допрва ќе има недостиг, зашто во нашето село секоја куќа имаше по пет-шест крави, а сега секоја петта куќа има по две-три“, вели Митиќ. Огорчен е на државата, вели дека малку се води сметка за земјоделците. 

Слични приговори изнесува и Ридон Мустафи од село Ослар, исто така кај Бујановац. Од државата еднаш успеал да добие една крава, а инаку ги има десет и смета дека не е вистина дека нема млеко, зашто тој секое утро испорачува 130 литри во млекарницата.

Но, таа не исплатува пари навреме, а и откупната цена е многу ниска: „38 динари и премија 15 до 53 динари. Тоа не е добро. Но, што да правиме, кому да го даваме млекото? Не е поволно, зашто морам да ги хранам кравите, па да добијам млеко, а сѐ е скапо. Вреќа концентрат чини околу 2.200 динари. Јас не купувам, имам мое производство, пченка, јачмен, пченица, па правам своја мешавина. Инаку, да ги купувам, нема да имам сметка да чувам стока“, се жали Мустафа.

Миодраг Митиќ: За литар нафта треба да дадеш пет литри млеко
Миодраг Митиќ: За литар нафта треба да дадеш пет литри млекоФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Оној кој увезуваше, сега има проблем

Нишката млекарница „Милк хаус“ откупува млеко од околу 3.500 фарми од југоисточна, југозападна и централна Србија. Директорот на продажба, Милош Милошевиќ вели дека тие им помагаат на овие фарми и околу сеењето и правењето залихи од храна заради зголемување на бројот на грлата стока.

„Тоа мора да се врши за фармерите да опстанат и да продолжат да напредуваат. Ако стагнираат тие, ќе стагнираме и ние, ако не вложуваме во нив, не вложуваме ни во нас. Целото вложување во фармерите е директен влог во производство на повеќе млеко,“ вели Милошевиќ.

#dw_BalkanBooster: Магарешко млеко - бизнис и рецепт за здравје?

Додава дека во актуелнава ситуација со недостиг од млеко, тие немаат такви проблеми.Вели дека извршиле прераспределба на производството – произведуваат повеќе млеко, а помалку млечни производи. Дури добиле и нови купувачи, но не можат да го надокнадат недостигот кај другите млекарници.

„Недостигот од млеко за жал е реалност“, вели Милошевиќ. Претходните години постоела тенденција на пад и кај ситните и кај крупните преработувачи, односно млекарници, но тоа е сфатено некако несериозно. На европскиот пазар секогаш имаше доволно млеко за пополнување на побарувањата, но во моментов за жал – нема. Затоа, оној кој доста увезуваше, сега има проблеми“. 

Владините уредби не се долгорочно решение

Аналитичарот и публицист Бранислав Гулан за Дојче веле потврдува дека има сѐ помалку стока и дека со намалувањето на бројот грла опадна производството на млеко. Само во 2021 година производството е намалено за сто милиони литри, а во легалните текови има помалку од 800 милиони литри млеко, вели Гулан.

„Причина се  лошите мерки на аграрната политика  и скапата сточна храна. Сопствениците на стока со млеко хранат и сѐ помал број прасиња, тие годишно пијат околу 100 милиони литри млеко. А причина за намалување на производството и на бројот грла е што цената на литар млеко е пониска од цената на литар вода“, тврди Гулан.

Ридон Мустафи има десет крави молзници
Ридон Мустафи има десет крави молзнициФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Владата повремено реагира, па  преку субвенции ја зголемува цената  за некој динар, но тоа не ги решава проблемите. Тоа е само гаснење на пожар, вели Гулан. „Уредбите никогаш не донесле долгорочно решение на проблемите. Во текот на 2002 година, според официјални податоци, во Србија имало 1,2 милиони крави, а денес ги има трипати помалку, зашто нивниот број константно се намалува. Проценка е дека има помалку од 400.000 грла. Нема ни млади земјоделци во оваа работа.“

Гулан укажува и на недоволната заинтересираност на локалните и државни органи за комуникација со сточарите, посебно со најголем број од нив, односно со оние кои најчесто имаат најмногу до дест крави.

„Производството го намалија оние кои не го сакаа тоа, зашто условите кои им ги создаде државата тоа не им го овозможи“, оценува Гулан и наведува можни решенија: „Прво, за унапредување на производството на млеко е неопходно помасовно преземање адекватн мерки за подобрување на расниот состав на крави. Неопходно е постојано следење на нивната здравствена состојба, на исхраната и негата на стока, како и примена на нови биотехнологии во производниот процес. Сточарите тврдат дека до нив не стигнале наменетите субвенции од 28 милијарди динари, кои наводно им биле упатени. Поради ваквиот државен однос, денес е речиси неможен опстанок на голем број мали фармери, во услови на прекумерен увоз и ниска откупна цена на млекото."

Нишката млекарница „Милк хаус“ откупува млеко од околу 3.500 фарми
Нишката млекарница „Милк хаус“ откупува млеко од околу 3.500 фармиФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Кој е виновен, државата или граѓаните?

Српскиот претседател Александар Вучиќ проблемот не го гледа во државата. Неодамна изјави дека има доволно млеко, а за недостигот се виновни граѓаните: „Ако ви кажеме дека има доволно шеќер, тогаш значи дека го има доволно, не мора да купувате по 100 килограми. (...) Тоа сега се случува со млекото. Ви соопштуваме дека имаме доволно млеко. Ќе ви дадам прецизни податоци. Но, не можеме да имаме доволно млеко ако влезете во продавница и купите 36 литри пастеризирано млеко“, изјави Вучиќ.

За тоа време, Миодраг Митиќ од Раковац ни го покажува новиот трактор. Го купил сам, зашто државата го одбила на конкурсот за купување механизација. „А мене тракторот ми треба. Јас сакам да останам на село, мојот син исто така. И морав да дадам 25.000 евра. А потоа се чудат што никој не сака да живее на село.“