Србија сака да се бори против „лагите“ на западниот печат
5 септември 2024Канцеларијата за културна и јавна дипломатија, која официјално беше формирана од Владата на Србија во мај, сѐ уште нема веб-страница или телефонски број, но веќе има директор. А директорот има големи планови.
Арно Гујон, Французин по потекло и Србин по избор, хуманитарец и истакнат член на Српската напредна партија, објави тим за борба против „лажните вести“ за Србија во странските медиуми.
Тој тим, изјави Гујон за „Вечерње новости", ќе испраќа деманти и авторски текстови.
„Сакаме да постигнеме оние кои се навикнати да објавуваат лаги и негативни аспекти на настаните на Балканот, па и за Србија, да знаат дека секој пат ќе добиваат одговор и дека ќе има реакција“, изјави Гујон.
До крајот на годината треба да има „подготвени тимови“ за англиски, француски и германски јазик, можеби и италијански. „Секој тим ќе има неколку новинари кои или ќе бидат по потекло од тие земји или Срби од дијаспората кои се родени таму, и кои го разбираат јазикот и менталитетот на таа земја."
Работата е обвиткана со мистерија. Што точно ќе прави „тимот“ на Гујон? Кој ќе биде во него? Колку ќе ги чини даночните обврзници? И конечно, за што служи тоа?
Тие прашања на ДВ беа игнорирани во српската влада. Ниту новопечениот директор Гујон не реагира на поканите за интервју.
Имиџот на Србија
Во текстот на „Вечерње новости" во април беше истакнат примерот на новинарката на британски „Телеграф“ која сними кратко видео на ридот над Лепосавиќ. Таа беше облечена во камуфлажни бои со панцир и драматично се прашуваше дали на Косово се наѕира следниот голем конфликт во Европа.
На ваквата сензационалистичка најава тогаш реагираа бројни западни новинари, некои од нив ја исмејуваа својата колешка, бидејќи среде идиличен пејзаж таа се појави опремена за војна.
Иако примерите за известување за Србија и регионот ретко се толку бизарни, тие често се стереотипни, вели Милан Крстиќ, доцент на Факултетот за политички науки во Белград, кој докторирал на оваа тема.
„Наследството од деведесеттите сѐ уште е силно во одредени медиуми и политички кругови. Тоа е тешко да се надмине. Се заснова на бинарна калкулација дека Србите се џелати, а другите жртви, без навлегување во финеси“, вели Крстиќ за ДВ.
Тука, додава тој, е и поширокиот негативен стереотип за Балканот, како запуштен двор на ЕУ.
Затоа Крстиќ не го дисквалификува на старт обидот на Србија да се вклучи во мека дипломатија преку медиумите. И тој вели уште нешто друго - Србија треба да се бори за воопшто да се чуе за неа.
Затоа што ова веќе не се деведесеттите. Прилози за Балканот се објавуваат само повремено и ретко се наоѓаат на насловните страници на западниот печат или на почетокот на весниците.
Нашиот соговорник стравува и од најава каква што даде Гујон. „Србија треба да работи на подобрување на имиџот во странство, но акцентот треба да биде на позитивниот аспект. А не тоа да бидат одговори, аргументи и полемики кои само би можеле да го потврдат стереотипот за Балканците како кавгаџии“, вели Крстиќ.
Пропагандни бригади?
Властите предводени од претседателот Александар Вучиќ многупати демонстрираа дека имаат тенка кожа и нерви кога станува збор за пишувањата во угледниот западен печат.
Од написите во „Њујорк тајмс", „Вашингтон пост", „Франкфуртер алгемајне цајтунг" или оние што ги објави ДВ - да не зборуваме за регионалните медиуми - често се создаваа спектакли, заговори, се свикуваа прес-конференции и се емитуваа специјални емисии на Пинк и Хепи.
Запрашан да ја оцени новата задача на Гујон за борба против наводните лажни вести, познат белградски новинар одби да зборува за ДВ, велејќи дека причината е несериозна. И дека владата прави многу поголема штета со сегашниот прогон на независните новинари во Србија.
Жељко Бодрожиќ, претседател на Независното здружение на новинари на Србија, за формирањето „тимови против лажни вести“ вели дека тука „пропагандниот тим“ на Александар Вучиќ се јавува на нова задача.
„Лудилото очигледно зеде замав, бидејќи сè потсетува на Северна Кореја и тамошната управа за агитација“, изјави Бодрожиќ за ДВ.
Проблемот за власта е што реномираните европски медиуми одамна знаат што се случува во Србија, продолжува тој. „И тие вести, кои Арно Гујон сега би сакал да ги демантира или поклопи, главно се вистинити."
За државата или партијата?
Милан Крстиќ, пак, вели дека има тенка линија меѓу одбраната на имиџот на државата и одбраната на власта.
„Едно е да се каже дека и Србите биле жртви на деведесеттите, дека некои криминалци не биле казнети и дека Србите не се мали Руси... а друго е да се брани владата кога, на пример, Фридом хаус вели дека Србија е хибриден режим или да се раскажува дека во Србија цветаат цвеќиња“, додава тој.
Ако канцеларијата на Гајон ја премине таа линија, таа лесно може да стане само уште една алатка за медиумски бараж низ Западот.
Имено, како што толкува Крстиќ, западните притисоци врз Србија понекогаш се силни и нетактични - особено во однос на Косово - но под владеењето на Вучиќ тоа често се зема како погодно средство.
„Кога треба пренасочување на вниманието на публиката од некое болно домашно прашање, Западот е вообичаениот осомничен“, додава тој.
Арно Гујон, во своите помлади денови екстремно десничар кој се обиде да се кандидира и за претседател на Франција, долго време им помага хуманитарно на Србите во Косово.
Тој до неодамна беше директор на Дирекцијата за соработка со дијаспората и Србите во регионот, а седи и на пратеничката клупа во таборот на Српската напредна странка.
Во последно време не се изложува на критички прашања од новинарите. По првите реакции за неговото ново директорување, на Х тој напиша: „Сите 'домашни' медиуми кои се финансираат од донации од странство го нападнаа нашиот нов проект. Тоа значи дека сме на добар пат."
Првата финансиска инјекција за патот на Гујон е веќе тука. Како што дознава „Нова економија", од буџетската резерва во неговиот кабинет биле префрлени нешто повеќе од три милиони евра.