1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Контролираните медиуми ги блокираат реформите

Томас Брај
29 октомври 2022

Брисел долги години преговара со Србија за пристапување на земјата во ЕУ. Но, државно контролираните медиуми во Србија ја демонизираат ЕУ и ги спречуваат реформите што ги бара Западот.

https://p.dw.com/p/4IVqE
Булеварски печат на киоск во Белград (архивска фотографија)
Булеварски печат на киоск во Белград (архивска фотографија)Фотографија: Rüdiger Rossig/DW

Ако им се верува на медиумите под контрола на владата во Србија, ситуацијата во оваа балканска земја денес е следна: Западот секогаш сака да ја понижува и омаловажува Србија. Единствени ефективни контрамерки се братското пријателство со Русија и блиските контакти со Кина. Уште повеќе, Брисел и Вашингтон сакаат да ги искористат своите тајни служби за да го убијат семоќниот Александар Вучиќ.

Натаму се вели дека омекнатите земји од Западна Европа се осудени на пропаст поради распаѓање на христијанските вредности, кои се заменети со ЛГБТК-заедницата. Наспроти тоа, економските, социјалните и општествените услови во Русија, како што се тврди, се примерни. Ова пред сѐ се однесува на претседателот Владимир Путин, кој, како што се вели, се грижи за руската нација како семеен човек.

Српскиот претседател Вучиќ се пофали со блиски врски со Путин, што беше поздравено во владините медиуми. Неодамна, со широка поддршка на речиси сите медиуми, тој се обиде да создаде „српски блок“ по моделот на партијата на Путин, Единствена Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин со својот српски колега Александар Вучиќ за време на посетата на Белград на 17 јануари 2019 година
Рускиот претседател Владимир Путин со својот српски колега Александар Вучиќ за време на посетата на Белград на 17 јануари 2019 годинаФотографија: picture-alliance/TASS/M. Metzel

Монолози до нацијата на секој канал

Врз граѓаните на Србија секојдневнои врне од вакви „информации“. Затоа што сите пет телевизиски канали со национална фреквенција, убедливо најважниот извор на информации за граѓаните, се под директно влијание на политичката елита. Нив, со исклучок на државната телевизија РТС, ги водат олигарси кои се секогаш при рака и припаѓаат на многу тесниот круг околу владејачката Српска напредна партија (СНС) и на самиот Вучиќ. Тој може да упати еден од своите многубројни монолози до нацијата на која било станица во секое време. За таа цел се прекинуваат или одложуваат дури и популарните тв-сапуници и т.н. треш-формати.

Слична е состојбата и во печатениот сектор. Весниците како „Политика“ и „Новости“, од кои државата, под притисок на ЕУ, мораше да се повлече како сопственик, беа преземени од луѓе од доверба на Вучиќ. Високотиражниот „Информер“ е предводен од Драган Вучиќевиќ, кого Вучиќ повеќепати го опишуваше како свој омилен новинар. Тој го гледа весникот како гласноговорник и весник за борба на владата и речиси секојдневно се појавува на тв-станиците. „Информер“ на насловните страници има наслови како „Украина ја нападна Русија!“, „Валкана војна на ЕУ против Србија“ или „Вучиќ ги здроби (хрватските) фашисти“.

Монолози на Вучиќ до нацијата, секаде, во секое време
Монолози на Вучиќ до нацијата, секаде, во секое времеФотографија: N. Rujevic/DW

ЕУ го врти погледот

Сепак, ЕУ ги игнорира сите аномалии во медиумскиот пејзаж во Србија, бидејќи сè уште го гледа Вучиќ како единствен соодветен партнер за преговори. Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Србија, објавен минатата недела (12.10.2022) под координација на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, темите за медиумите и слободата на печатот се зафатени дури на самиот крај. Па и тука не се ни споменува инструментализацијата на речиси сите медиуми за да се обезбеди моќ и да се оцрни секој глас на неистомислениците. Сѐ останува на општи констатации кои никого не повредуваат.

Притоа, Вучиќ постојано вели дека реформите ќе треба да почекаат додека не се отстранат наводните закани за неговата земја, на пример од Косово, Хрватска или Бошњаците. Контролираните медиуми редовно му го сервираат на населението ваквото „оправдување“ за одложување на реформите.

Александар Родиќ, по долгогодишно малтретирање од институциите, мораше да му го продаде многу читаниот таблоид „Курир“ на човекот од доверба на Вучиќ, Игор Жежељ. Најголем дел од парите за ова Жежељ ги доби преку сомнителни трансакции од државниот Телеком. Во две отворени писма, Родиќ критикуваше дека сите важни медиуми се директно под контрола на СНС и Вучиќ.

Лажни вести и проверка на факти

Државни реклами за медиуми послушни на државата

Политиката ги одржува во форма медиумите кои страдаат од хронична беспарица. Според пресметките на Универзитетот во Белград, во земјата има 2.500 медиуми. Пред пандемијата на корона, прометот на целата индустрија беше проценет на само 210 милиони евра. Практично сите медиуми зависат од приходите од реклами и спотови. Убедливо најголеми клиенти се државата и државните компании. Така што, логично е да се земаат предвид само медиумите кои се покажуваат како политички покорни. Даночните власти на медиумите кои ѝ се послушни на државата им го одложија плаќањето на огромни даночни долгови, како што е на пример Пинк, најголемата телевизија во земјата.

Руската државна агенција Спутник, која веќе осум години има голема редакција во Белград, ја користи ситуацијата со недостиг од финансии. Таа на сите медиуми им овозможува бесплатен обемен материјал на српски јазик, кој секојдневно со благодарност се прифаќа „еден на еден“ од десетици медиуми. Се подразбира дека така се шири рускиот поглед на светот - оној за болниот Запад и просперитетна Русија. Сите извештаи „докажуваат“ дека партнерството со Москва е поповолно за Србија отколку со Брисел и Вашингтон.

- повеќе„Во Србија новинарството е непожелно“

Одвраќање на вниманието од аферите

Медиумите кои на линија со власта во Србија прават сѐ за да го одвлечат вниманието од многуте скандали и корупциски скандали во десетгодишното владеење на Вучиќ, кои се тематизираат од страна на неколкуте независни медиуми. Тие вклучуваат зделки со оружје, одгледување дрога, фалсификувани дисертации од врвни политичари, убиства, перење пари, купување гласови, проневери. Оттука, анкетите надвор од двата најважни града, Белград и Нови Сад, постојано покажуваат дека граѓаните во провинцијата генерално немаат поим за многуте застрашувачки неправилности во редовите на политичката класа, иако себеси се сметаат за информирани.

Медиумите во своите наслови им сервираат на корисниците или секс и криминал, или пак ја демонизираат немоќната опозиција и го величаат Вучиќ како неприкосновен врвен политичар кој го има последниот збор за сите спорни прашања. Опозицијата е обвинета со целосно неосновани тврдења. Таа, како што се вели, сака да ја уништи Србија или да го натера НАТО повторно да ја бомбардира балканската земја како во 1999 година.

Проруски демонстрации во Белград (4.03.2022)
Проруски демонстрации во Белград (4.03.2022)Фотографија: Stefan Stojanovic/REUTERS

Фалсификувана реалност

Медиумите прикажуваат измислен свет кој нема никаква врска со реалноста. Вучиќ зборува за почеток на „златно доба“, но во земјата осиромашуваат сè пошироки делови од населението. Како резултат на медиумската пропаганда, мнозинството од населението денес ги гледа Русија и Кина како најважни донатори и трговски партнери и е против пристапувањето во ЕУ. Притоа, со децении две третини или повеќе од надворешна трговија на Србија се одвива со Западот. А од Западот доаѓаат и убедливо најголем број инвестиции и финансиски донации.

Според најновото репрезентативно истражување на млади луѓе од страна на институтот Демостат, во јуни 2022 година, мнозинството го поддржува Вучиќ како национален лидер и е против Западот и се залага за поблиски врски со Москва. Но, околу 50 отсто од анкетираните сакаат да емигрираат, бидејќи се незадоволни од ситуацијата во нивната татковина. Сепак, практично никој не сака да оди во Русија. Целта на речиси сите е Германија.