Соња Симовска избрана за в.д. републички јавен обвинител
22 декември 2023Советот на јавни обвинители денеска ја избра обвинителката Соња Симовска од Државното јавно обвинителство за вршител на функцијата републички јавен обвинител. Таа е избрана едногласно, а на функцијата вршител на должност може да остане до шест месеци.
Според претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска, станува збор за јавен обвинител со долгогодишно искуство во јавното обвинителство.
Симоска започнува како приправник и стручен соработник во ОЈО Скопје, потоа станува обвинителка во истото обвинителство. Од 2009-2022 година таа е јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, а од 2022 е јавен обвинител во Државното јавно обвинителство. Таа е и едукатор во Академијата за судии и јавни обвинители од нејзиното основање, и е член на Програмскиот совет на академијата.
Кој ќе го наследи Јовески?
Мандатот на актуелниот државен јавен обвинител, Љубомир Јовески му истекува на 25 декември, а постапката за избор на негов наследник е во тек. Симовска ќе биде на оваа функција до изборот на новиот републички јавен обвинител.
На огласот за нов државен јавен обвинител се пријавија тројца кандидати – Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство на РСМ.
Процедура
Собранието огласот го објави на 29 ноември годинава, откако пратениците ја изгласаа одлуката за именување нов јавен обвинител. Советот на Јавни обвинители треба во рок од 15 дена да даде позитивно или негативно мислење до Владата, по што до Собраниетоќе биде предложен еден од кандидатите што добил позитивно мислење.
Според Законот за јавно обвинителство за јавен обвинител на Република Северна Македонија може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.
Јавниот обвинител се именува од Собранието, по предлог на Владата со мандат од шест години и право на повторно именување. За својата работа и работата на Јавното обвинителство одговара пред Собранието.