Шолц: Тактиката на „изгорена земја“ не му помага на Путин
20 октомври 2022Германскиот канцелар не ги доведува во прашање санкциите против Русија. „Овој курс останува се` додека Русија ја продолжува својата брутална агресорска војна против Украина“, истакна Олаф Шолц денеска во својата владина изјава во Бундестагот во пресрет на самитот на ЕУ на кој една од главните теми, покрај енергетската криза, е помошта за Украина. Тој најави продолжување на поддршката за Украина толку долго колку е тоа потребно. „Путин нема да ги оствари своите воени цели. Рускиот претседател шпекулира околу слабоста на Западот и Украина, но тој се лаже, ние не сме слаби“, порача германскиот канцелар, истакнувајќи ја сплотеноста на Германија и Европа: „Нашите сојузи ширум светот се силни и витални како никогаш досега."
Олаф Шолц ги осуди најновите ракетни и напади со дронови од страна на Русија врз цивилни цели во Украина како воено злосторство кое нема да вроди со успех: „Ниту ваквата тактика на изгорена земја нема да и` помогне на Русија да победи во оваа војна. Таа само ја јакне нашата одлучност и истрајноста на Украина и нејзините партнери. Украина успешно ќе се одбрани, а ние ќе ја поддржуваме – толку долго колку што е тоа потребно".
Германскиот канцелар најави дека Германија до напролет ќе изврши обука на цела украинска бригада до 5.000 војници. „Со ова ја подвлекуваме нашата подготвеност за трајно учество во изградувањето на посилна украинска војска, рака под рака со нашите партнери“, изјави Шолц, потсетувајќи во тој контекст и на одлуката на министрите за надворешни работи на ЕУ од понеделникот за нова обучувачка мисија за околу 15.000 украински војници.
Еден од двата главните штабови за оваа цел ќе се наоѓа во Германија. Шолц пледираше за потесна европска и меѓународна координација во воената поддршка на Украина.
Во обновата на Украина по војната Шолц гледа одговорност и обврска на целата меѓународна цивилизирана заедница. „Оној кој ги гледа сликите од ослободените украински градови и села од руска окупација, разбира дека стоиме пред генерациска задача во која целата цивилизирана меѓународна заедница треба да ги сплоти своите сили.“ Уште денес треба да се размислува околу начините за поддршка на Украина во нејзината обнова, смета Шолц.
„Добрата вест е дека финансиските потреби на Киев практично се покриени до крајот на годинава“, рече Шолц, во што решавачка улога имаат ЕУ и Г7. Покрај воената и хуманитарна помош, според наводи од германското Министерство за финансии оваа година потекла буџетска помош од 20,7 милијарди долари, а вкупно за годинава се предвидени 33,3 милијарди долари.