1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Снежен хаос во јужна Германија, Минхен блокиран од снегот

ЖА
2 декември 2023

Обилните снежни врнежи и мразот создадоа хаос во сообраќајот во јужна Германија. Аеродромот во Минхен привремено престана да работи. Главната железничка станица во Минхен е блокирана за железнички сообраќај.

https://p.dw.com/p/4Zhfy
Железничкиот сообраќај во Минхен е во прекин
Железничкиот сообраќај во Минхен е во прекинФотографија: Matthias Schrader/AP/dpa

Снегот и мразот предизвикаа огромни тешкотии во големи делови од јужна Германија, а особено во покраините Баварија и Баден-Виртемберг. Аеродромот во Минхен беше принуден привремено да ја прекине работата за да се осигура безбедноста на патниците. Принудната пауза најверојатно ќе трае најмалку до пладне. Досега се откажани речиси 320 од денешните планирани 760 летови. Откажан е и фудбалски натпревар на „Баерн“ Минхен против „Унион Берлин“.

Тешкотии и во железничкиот сообраќај

Сериозни потешкотии има и во железничкиот сообраќај. Централната станица во Минхен е исто така блокирана од снежни наноси, изјави портпаролот на Дојче бан. Железничкиот превоз во околината на Минхен е привремено суспендиран. Возовите за Салцбург, Инсбрук, Нирнберг, Штутгарт и Линдау беа исто така запрени. Во Улм и Минхен патниците мораа да преноќат во возовите.

Минхен е завеан од снег
Снежен хаос во јужна Германија - Минхен е завеан од снегФотографија: Peter Kneffel/dpa

Раководството на железницата сугерира дека сообраќајните ограничувања ќе продолжат во текот на денот. „Препорачуваме да се одложат патувањата во Минхен“, изјави портпаролката на Дојче Бан.

Во баварската престолнина Минхен привремено не функционираат ниту метрото, автобусите и трамваите. На патиштата во јужна Баварија се случија бројни сообраќајни несреќи, но главно со материјална штета, како што соопшти полицијата.

Апел до населението

Полицијата во горна Баварија апелираше до населението да остане во домовите, додека полициските патроли, итната медицинска помош и пожарникарите се во непрекината акција. Многу локални патишта се завеани или блокирани од паднати дрвја, расчистувањето ќе трае со часови.

Обилни врнежи од снег во Минхен
Непроодни улици поради обилните врнежи од снег во МинхенФотографија: Felix Hörhager/dpa

И во другите делови на јужна Германија обилниот снег и мразот предизвикаа проблеми. Нова снежна покривка од 30-40 сантиметри се очекува во областа Алгој во Баден Виртемберг. Според метеоролозите времето на викендов ќе остане ладно и ќе продолжи да паѓа снег.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи