Смртоносно невреме во делови од Европа
19 август 2022По неколку недели интензивни горештини и суша, областите на централна и јужна Европа беа погодени од силно невреме во кое загинаа најмалку 13 луѓе, меѓу кои и три деца.
Смртни случаи, најмногу поради паѓања на дрва, се пријавени во Италија и во Австрија, како и на францускиот остров Корзика. Силниот дожд и ветер ги уништија камповите на островот. На Корзика ветерот кој дуваше до 224 километри на час, корнеше дрва и оштети куќи.
Тамошните власти соопштија дека дрво кое паднало во кампот убило 13-годишно девојче. Маж загинал во сличен инцидент, а една постара жена починала кога нејзиниот автомобил удрил во колиба на плажа. Уште две лица, рибар и кајакарка, загинале во морето.
Повеќе десетици луѓе се повредени и на копно и на море. Очевидците велат дека невремето било ненадејно и не било за него издадено предупредување.
„Никогаш не сме доживеале вакво нешто, би помислиле дека не погоди ураган“, изјави сопственикот на ресторан Седрик Бел.
На француското копно, некои јужни области беа погодени со прекини на струја, а поплавени се и улиците во Марсеј.
Во Австрија загинаа две девојки кога на нив паднало дрво во близина на езерото во Корушка. Медиумите во покраината Долна Австрија известија за уште три смртни случаи, исто така, како последица од пад на дрва.
Во меѓувреме во Италија, маж и жена загинаа поради паѓања на дрва во одвоени несреќи во регионот Тоскана. Силните ветрови ја погодија и Венеција, носејќи чадори за сонце од кафулињата на плоштадот Свети Марко, а од ѕидовите на катедралата се урна дел од фасадата. Невремето ги погоди поморските одморалишта во Тоскана и посеверно во Лигурија.
Но топлотниот бран продолжи во јужна Италија, а на Сицилија се забележани температури и до 40 степени.