Слобода и демократија не се за Русија?
Зошто стотици илјади Руси дозволуваат да бидат испраќани како топовско месо во злосторничка инвазија? Зошто својата судбина ја препуштаат во рацете на човек што сака војна? Зошто не се побунат? Во странство повеќето луѓе немаат одговори на овие прашања. Се чини како Русите да дозволуваат со нив да се прави што се сака. Во обидот да се најде објаснување, се користат стереотипи за наводен национален карактер - Русите трпат, послушни биле на сите владетели во Кремљ, се плашат од слобода, како што своевремено пишувал и Фјодор Достоевски.
Точно е дека сега е опасно да се спротивставиш. На оној кој во Русија се залага за мир, му се заканува затворска казна и мачење. Но, на такви последици мора да сметаат и демонстрантите во Иран, па сепак веќе три недели луѓето масовно излегуваат на улица, протестираат против бруталниот режим на имамите. Десетици луѓе веќе платија со глава. Но, оние кои успеале да им избегаат на безбедносните сили очигледно не се плашат и протестираат и натаму. Притоа, „касапите“ во Техеран по ништо не се разликуваат од ОМОН-трупите (руска специјална полиција, н.з.) во Москва.
Лукашенко ќе падне без заштитата од Путин
Светот полн со восхит ги следи храбрите протести на Иранците. Како што пред две години милиони луѓе беа сведоци на храброста на Белорусите кога се побунија против фалсификуваните изборни резултати на Лукашенко, или пак на демонстрациите на Украинците кои се бореа за демократија. Во Украина победи народот, во Белорусија сѐ уште не. Но Белорусите ќе го изведат Лукашенко пред суд кога Путин веќе нема да биде во состојба да го заштитува.
Тврдењето дека Русите „не ги бива“ за демократија е глупост. Многумина се повикуваат на истражувања на јавното мислење. Според нив, секој трет Русин наводно смета дека „западната демократија не е соодветна за Русија”. Ако некој навистина воопшто размислува така, тогаш се тоа постари лица кои никогаш не престојувале подолго на Запад. Младите генерации се отворени кон светот исто како и нивните врсници во Лондон или Париз, и сакаат слобода, вистинска (а не насочувана) демократија, благосостојба, можност да патуваат.
Глупост е и тоа што го тврдат православните верски водачи, дека демократијата наводно го поткопува моралот. Точно е токму спротивното. Само независни судови во државата гарантираат права на секого, без разлика на тоа колку се добри или лоши личните односи со политичарите. Во денешна Русија, на процесите против демонстрантите, Кремљ одлучува како ќе изгледа пресудата. Судиите се само продолжена рака на власта. Во стабилни демократии корупцијата и непотизмот немаат шанса.
Траумата од 1990-тите
Друга причина поради која многу постари Руси се скептични во однос на демократијата се 1990-тите години. Тоа што Русите тогаш го претрпеа, немаше никаква врска со демократија. Старите советски елити, поранешни партиски функционери и припадници на тајните служби, по 1991-та безобѕирно се збогатија врз грбот на граѓаните и ја контролираа политиката со истите народни пари.
Но, тоа во 1990-тите го поминаа и Украинците и Грузијците. Во Киев олигарсите исто така имаа големо влијание. На Украинците сепак им успеа да ги менуваат владите. Животниот стандард полека бележеше пораст. Земјата се развиваше во модел за Русија и стана опасна за Путин. Одеднаш стана јасно дека демократија и слобода се можни и кај источните Словени.
Украинците и натаму ќе се борат за својата земја. Тие не сакаат да живеат во авторитарна држава. Огромните жртви кои овој народ мора да ги поднесе, само уште повеќе ја поврзува нацијата. Одбраната од Русија ќе остави трансгенерациски печат. Ако и граѓаните на Русија сакаат да живеат достоен живот во слобода и благосостојба, ќе мора да се изборат за тоа исто како што морале и други народи.