Скопјанка на 61 година роди бебе по 10 ин витро оплодувања
26 ноември 2024Шеесет и едногодишна скопјанка роди бебе по десет ин витро оплодувања и десетина спонтани абортуси. На сопружниците на возраст од 61 и 65 години ова им е прво дете по 37 години брак.
„Дека во светот на медицината повеќе не постојат граници и дека медицината во Македонија може да се мери со светски достигнувања говори и раѓањето на бебето Петар, кого на свет го донесе највозрасната проворотка во државата, 61-годишна пациентка. Таа забременила со сопствена јајце клетка, бременоста била следена во приватна ординација во земјава и се породи на ГАК“, вели директорката Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, проф. д-р Ирена Алексиовска Папестиев.
Ова е прва пациентка во државата којашто останала бремена со сопствена јајце клетка, бременоста била следена во земјата и тука се породила со царски рез.
„И мајката и бебето се во одлична општа состојба. Мајката херој како што ја нарековме, е пациентка со исклучително тешко гинеколошко и акушерско минато со 10 ин витро интервенции и 10 спонтани абортуси. Во изминатите години пациентката имала и други три гинеколошки операции“, изјави Алексиовска Папестиев.
Таа додаде дека во текот на оваа бременост пациентката имала покачен крвен притисок и дијабет, но бременоста била уредна и контролирана.
До неодамна најстара бремена пациентка била 60-годишна жена која што не живее во Македонија.
Во регионот, највозрасна прворотка била Љубица од Србија која родила на 62 години, но со донирана јајце клетка и трансфер извршен во Чешка, како и Афифа (61г.) исто така од Србија која по три неуспешни инвитра, останала бремена. Во светот, најстари пациенти се 62-годишна пациентка од Шпанија и 76 годишна жена во Индија.