1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваГерманија

Германија: Чувањето податоци е спротивно на европското право

ЕМФ | агенции
20 септември 2022

Германските правила за складирање податоци не се во согласност со европското право, оцени денеска Европскиот суд во Луксембург.

https://p.dw.com/p/4H5wy
Складирањето податоци во Германија е контроверзна тема веќе подолг период
Складирањето податоци во Германија е контроверзна тема веќе подолг периодФотографија: Frank Hoermann/SvenSimon/picture alliance

Комуникациските податоци на граѓаните не смеат да се складираат без повод, пресуди денеска (20.09) Европскиот суд во Луксембург. Ограничено чување податоци е можно само под строго пропишани услови. Тие услови, според Европскиот суд, конкретно значат дека сообраќајните податоци или податоците за локацијата на граѓаните може привремено да бидат складирани во случај да е загрозена националната безбедност или да има проценка дека таа ќе се најде под закана. Таков налог мора да биде контролиран судски или од страна на независна институција.

За заштита на националната безбедност, борба против тежок криминал и заштита од тешки закани по јавната безбедност, понудувачите на телекомуникациски услуги може да бидат обврзани за одреден временски период да чуваат одредени податоци, кои би биле географски ограничени или ограничени врз основа на други критериуми.

Со „јасни и прецизни правила“ мора да се обезбеди почитување на ваквите услови. Освен тоа, мора да се обезбеди „погодените лица да располагаат со ефикасни гаранции за заштита од злоупотреби“, оцени Европскиот суд.

Складирањето податоци во Германија е контроверзна тема веќе долго време. Актуелните правила датираат од 2015 година, но не се применуваат. Според нив, понудувачите на телекомуникациски услуги мора да складираат 4 или 10 недели одредени телефонски и интернет податоци на своите корисници. Иследниците, под одредени услови, можат да видат кој со кого телефонирал или разменил пораки, во која базна станица е пријавен еден мобилен телефон или од која ИП-адреса се сурфало во интернет и колку долго.

- повеќе: Поголема заштита на личните податоци на граѓаните на ЕУ

Според Европскиот суд, врз основа на вакви податоци може да се извлечат многу конкретни заклучоци за приватниот живот. Тоа е упад во основните права за кој мора да има оправдание, а тоа актуелните правила во Германија не го нудат. Германија веќе има најавено дека сака да направи реформи во правилата за чување податоци.

Пресудата на Европскиот суд доаѓа по спорот на Сојузната мрежна агенција во Германија и интернет понудувачот СпејсНет и Телеком, кои поднесоа тужба против обврската за чување податоци. Сојузната мрежна агенција ги стави правилата за складирање податоци под мраз уште во 2017 година, откако Управниот суд во Минстер пресуди дека СпејсНет не смее да биде приморан на чување податоци. Потоа Сојузниот управен суд го префрли прашањето во дворот на Европскиот суд.