1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија за пет години покуса за 170 илјади работници

ДТЗ
24 јули 2024

Северна Македонија е во полоша состојба од другите во регионот. Додека соседите увезуваат работници, Македонија не може да го пополни недостигот на работна сила, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи

https://p.dw.com/p/4ievq
работници
Македонија за пет години покуса за 170 илјади работнициФотографија: Thomas Koehler/photothek/picture alliance

Северна Македонија за пет години изгубила речиси 170 илјади работници. Само во првите три месеци од 2024 година работоспособното население е намалено за 2.738 лица, а претпоставките се дека тој тренд продолжил па дури и се забрзал во пресрет на летото, кога голем број македонски граѓани заминаа на сезонска работа во соседните земји и во Европа. 

„Загрижувачко е што анкетите кај младите деца - средношколците и студентите покажуваат катастрофални бројки - речиси секое трето дете сака да замине од земјата“, вели за ДВ претседателот на Собранието на Организација на работодавачи, Ангел Димитров. 

Минатогодишните проценки беа дека на земјата ѝ недостигаат околу 10.000 работници годишно, а најпогодени се градежништвото и туризмот.  

работници
Минатогодишните проценки беа дека на земјата ѝ недостигаат околу 10.000 работници годишно, а најпогодени се градежништвото и туризмот.Фотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Иселувањето како главен проблем 

Коренот на проблемот, според него, е пред се во иселувањето. Овој тренд кој трае со децении го испразни Балканот. Проценките се дека за 20 години од Северна Македонија емигрирале околу 200 илјади граѓани, или 9 отсто. Се смета дека околу 2.500 високообразовани кадри во периодот од 2013 до 2021 година, секоја година си ги пакувале куферите и заминувале од земјата. 

Бројот на младо население во Северна Македонија од 2002 година е во опаѓање. Проценките се дека над 77.000 млади лица кои се родени во државата, заминале во странство последните години. Тоа е речиси колку што има население во Битола (74.550) - вториот по големина град во земјата. Според извештајот на ИОМ за 2020 година, Македонија се наоѓа во топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светската Банка, речиси 40 проценти од високообразовниот кадар ја има напуштено државата.

Државата се соочува со голем губиток на таленти, но и на општи работници. Недостиг на работна сила се чувствува во речиси сите сектори. 

„Последиците најмногу ги чувствуваат преработувачката индустрија и градежништвото - таму се и најмали платите и најголем број работници од овие сектории се одлеаја кон други земји каде што подобро се заработува“, вели Димитров.

Иста е состојбата и со угостителството каде најголем проблем со вработени се чувствува во летниот период. 

Кои се последиците?  

Бранот на иселување се случува и другите земји во регионот. Со проблемот со недостигот на работната сила се сооочуваат и многу поразвиените европски земји. 

„Хрватска, Србија, Босна, Романија и Бугарија, па и европските земји се празнат. Но, во овој момент може да се каже дека сме во полоша состојба, затоа што Хрватска недостигот на млади лица го надокнадува со увоз на работна сила. Додека кај нас увозот на работна сила е се уште многу мал, така што не можеме да го надокнадиме големиот недостиг на работници“, вели Димитров. 

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во периодот од 2018 до 2023 година, бројката на активно население е намалена за 165.976 лица. Ако во 2018 година имало 957.623 работници, за пет години оваа бројка се стопила на 791.647. Само за три месеци од почетокот на годинава, земјата е покуса за 2.738 работници. 

„Намалувањето на активното население влијае на бројот на вработени во земјата, што ќе влијае на намалени придонеси за пензиско, за здравство, а од една страна администрацијата останува и понатаму голема“, вели соговорникот на ДВ. 

работници
Земјата се обиде недостигот на работна сила да го ублажи со увоз на работници пред се од Непал и Бангладеш.Фотографија: Clean Clothes Campaign/Y. Belorusets

Македонија како порта кон Европа 

Земјата се обиде недостигот на работна сила да го ублажи со увоз на работници пред се од Непал и Бангладеш. Дел од нив веќе се вклопија во средината и се ангажирани во различни сектори пред се во туристичките места.

„Ако не се странските работници ние не можеме да ги завршиме објектите коишто се започнати во градежништвото. Највеќе работници од Турција се ангажирани во градежништвото, додека во другите дејности доаѓаат работници од Непал и Бангладеш. Тоа се сектори во коишто младите во земјава не сакаат да бидат работно ангажирани“, вели Ангелов. Станува збор за ѕидари, армирачи и други градежни работници. 

Но, дел од странските работници кусо време по пристигнувањето во Македонија се најдоа во полициските билтени - каде газдите ги пријавуваат откако нема да се појават на работа. Некои од нив ја искористија Македонија само како порта за бегство кон Европа, каде се надеваат на подобри плати и услови за работа.

„Има и такви случаи. Ако била проблем платата, а тие платата ја договараат пред да дојдат во Македонија, треба да се знае дека потпишале договор за работа, но потоа избегале во Германија. Не секога е пробме платата, туку се работи и за разочаување од она што го очекувале во земјата. Газдата е обврзан да им обезбеди пристојно сметување, оброк и плата. Доколку тие ја прифатиле платата која што им е понудена пред да дојдат во Македонија - должни се да го испочитуваат договорот за работа и двете страни“, вели Димитров. 

Експертите укажуваат дека со намалувањето на работоспособното население се зголемува товарот врз здравствениот, социјалниот и пензискиот систем. Во болниците сѐ помалку здравствени работници ќе треба да се грижат за што повеќе пациенти. Ќе се намалува бројот на деца во градинките, сѐ помалку ученици и студенти ќе има во има во училиштата и на факултетите.Понудата на пазарот на труд ќе се намалува, а економијата ќе стагнира, ако земјата не успее навреме да ги . сопре овие трендови.  

Да се остане или да се замине?

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи