Северна Кореја повторно тестирала атомски подводен дрон
19 јануари 2024Северна Кореја изврши тестирање на подводен систем за атомско оружје во знак на протест против заедничките поморски воени вежби на Јужна Кореја, САД и Јапонија претходно неделава, објави денеска (19 јануари, 2024) севернокорејската новинска агенција- КЦНА.
Станува збор за подводен дрон кој може да биде опремен со проектили со атомски боеви глави. Беспилотното летало е способно да предизвика „радиоактивно цунами“ сооштија денеска севернокорејските државни медиуми.
Тестот на системот Хаил-5-23, името што Северна Кореја им го даде на своите подводни јуришни беспилотни летала на нуклеарен погон, го спроведе истражувачкиот центар на Министерството за одбрана во водите на источниот брег на Северна Кореја, се наведува во медиумските извештаи, додека датумот на тестирањето не беше објавен.
„Различните поморски и подводни акции како одговор ќе продолжат да ги одвраќаат непријателските воени маневри на американската морнарица и нејзините сојузници“, изјави неименуван портпарол на Министерството за одбрана на Северна Кореја.
Земјата на чело со властодржецот Ким Јонг Ун, веќе пријави тестирање на подводни дронови способни да носат нуклеарно оружје во минатата година. Притоа се говореше дека станува збор за тајно оружје.
Морнариците на Јужна Кореја, Соединетите Американски Држави и Јапонија неделава одржаа тридневни заеднички вежби кои завршија во средата, кои се дел од напорите да ги подобрат нивните одговори на заканите од нуклеарно оружје на Пјонгјанг.
Минатата година Северна Кореја го запиша статусот на нуклеарна сила во својот устав и лансираше неколку интерконтинентални балистички ракети, со што ги прекрши резолуциите на ОН.
Тензиите на Корејскиот полуостров се зголемуваат откако Пјонгјанг во ноември го лансираше својот прв воен шпионски сателит.
Во декември, Северна Кореја соопшти дека ја тестирала својата најнова интерконтинентална балистичка ракета за да ја процени воената подготвеност на нејзините нуклеарни сили во светло на растечкото непријателство со Соединетите американски држави.
Во исто време, Вашингтон и неговите сојузници почнаа да управуваат со систем за размена на податоци за проектили во реално време.