Торнада предизвикаа огромни штети во САД
27 април 2024Повеќе торнада во централниот запад во САД предизвикаа големи штети. Посебно тешко е погоден градот Омаха и неговата околина во американската сојузна држава Небраска, каде се оштетени стотици куќи, како што пренесуваат локалните медиуми повикувајќи се на полициски извори.
На фотографии и видеа од регионот се гледа дека од многу од објектите се останати само купишта урнатини, а има извештаи и за повредени, но не и за смртни случаи. Во илјадници домаќинства има прекин на снабдувањето со електрична енергија.
„Имаме голема среќа што има само неколкумина повредени“, изјави шефот на полицијата во Омаха, Тод Шмадерер, според кого предупредувачките системи во околу половина милионскиот град добро функционирале, што спасило човечки животи.
Во регионот Ланкастер се спасени околу 70 луѓе од индустриски објект, кој бил урнат од силниот ветар и бурата.
На својот уништувачки пат едно торнадо преминало преку реката Мисисипи во соседната сојузна држава Ајова, каде во малото место Мајнден предизвикало големи штети.
Во пет американски сојузни држави во петокот биле регистрирани најмалку 60 торнада и жестоки бури, јави Си-Ен-Ен. Според метеоролозите, невремето може да продолжи до недела, поради што за повеќе од 50 милиони жители е издадено предупредување.
Покрај бурата и силниот дожд се очекуваат и врнежи од град.
Експертите сметаат дека зачестеноста на природни катастрофи во САД – бури, поплави и шумски пожари – е последица и на промената на климата.